Еден од најинспиративните Инстаграм профили за нови мајки дефинитивно е профилот на Моја фитнес мама. Таму ќе најдете здрави рецепти, мотивација за вежбање, но и можете одблиску да ги запознаете Мери и нејзината ќерка Марта. Мери Амбросова е и одличен тренер за постпородилно вежбање, а тоа го докажуваат и големиот број на задоволни мајки. За животот во Киев, за украинската култура, но и како да се справите со вишокот на килограми после породувањето прочитајте во интервјуто…
Тешко ли беше да си ја вратите одличната физичка линија после породувањето?
9-ти МАРАТОН СО БЕБЕ заврши и јас уште не сретнав мајка која толку споро симнува килограми како мене. Јас имав прво голем дијастаз за кој не бев свесна и вежбав нормални тренинзи потоа кога се укочив во кичмата почнав да истражувам и ми стана јасно се обучив за постпородилен фитнес тренер, навлегов во таа проблематика дијастаз и папочна кила. Во исто време се соочив со многу бавно повлекување на хормоните, касно добив прва менструација. Јас ослабев но бев отечена, лицето, рацете, некаде 15-18 тиот месец ми се вратија во нормала хормоните. Но тоа беше еден вид тест за мене, сега кога некоја мајка ќе се пожали дека многу споро симнува одма знам како да ја охрабрам. Затоа секогаш велам дека не е до нас. Некогаш може и да вежбаме и да се храниме правилно но едноставно да оди бавно. Но наеднаш ќе спуштите килограми и во еден момент целиот ваш труд ќе се исплати.
На што треба да се насочат мајките во постпородилниот период?
Прво да му се посветат на бебето, првите 3 месеци се најбитни мајката да е на постојана „служба„ на бебето. Не треба да си ставаат мајките притисок „се породив и ајде од утре зимам диети, вежбам..„ во ред е да се внимава на исхраната секако не препорачувам јадење тесто, благо,кифли, сокови, но се полека, прво најглавно е бебето да е подмирено самото да почне да и остава простор на мајката за себе. Прво пред да почне со вежбање обавезно да има посетено гинеколог. Ако е природно ако се сеќавам добро се оди на преглед после 40 –тиот ден, ја проверуваат матката и обавезно да се праша дали има папочна кила или не исто и проверка на дијастаз. Проверка на дијастаз можете и сами да си направите. Обавезно доколку ви е чудно нешто околу стомакот да се консултирате со лекар. Исто доколку видите дека после 3 – от месец не ви се вовлекува стомакот најверојатно имате дијастаз. Со царски рез обавезно пред започнување со било какво вежбање консултација со лекар поради раната. А потоа и проверка на дијастаз.
Што ве прави горда мајка?
Во моментов ме прави горда што Марта почна да кажува по некој збор и да спојува два збора. Горда бев и кога рано прооде. Секој пат кога ќе совлада некоја способност која претходно не ја владеела, кога гали некој а не го удира, горда што многу брзо разбира дека не треба така. Секако има и моменти кога не сме многу горди, но се се тоа фази и за нив и за нас битно да работиме на себе.
Како го избравте името на ќерката?
Имав јас еден предлог кој сопругот не го прифати, тој имаше предлог кој јас не го прифатив, и потоа јас предложив Марта и тој се согласи.
Како се одлучивте да се преселите и да формирате семејство далеку од родниот крај?
Сопругот е од Украина и некако немаше некоја одлука и дискусија каде ќе живееме. Се подразбираше дека во Киев, бидејќи тој тука има стабилна работа и станбеното прашање беше решено.
Какво место за живеење е Киев?
Киев е убаво место за живеење за деца, чист воздух, имаат насекаде паркови и шуми. Има каде да прошеташ да одиш.
Доколку бидете наш водич во Киев што мора да се посети?
Киев има преубави Цркви, градби и секако трговски центри. Наоколу секаде е со вода. Обавезно центарот и Фуникулер јас не знам како би бил преводот на македонски. Тоа е како вовче и те носи нагоре или спушта надоле. Може да се стави слика. И како ќе се качите нагоре има преубава плава црква. Храмот на Софија е исто преубав, Дворецот на Мариниј, замокот на Никола, мајката на Киев, плоштадот на Независноста, има уште многу места кои се преубави за туристи.
Што е слично во Скопје и Киев, а што различно?
Има слични населби на пример како Аеродром Ново Лисиче. Не се исто сосем но ајде така да се каже. Во Киев народот е љубезен и во Скопје е. Различно што Скопје е котлина опколена со планини а Киев не е. Тоа ми беше најчудно на почетокот, едноставно не гледаш крај.
Кое е најпознато украинско јадење?
Дефинитивно Боршч- манџа со зелка и цвекло.
Што според тебе му фали на Киев?
Околу центарот многу се слуша бучава од сообраќај, треба ептен да одиш на страна за да не ја слушаш. Но е голем град со голем сообраќај,и поради тоа е таа бучава. Да се побрзи на каса вработените.
Какви се украинците во споредба со македонците?
Во главно се слични, ова е мое искуство од животот во Киев. Многу го ценат и величат женскиот пол. Трудници и мајки се навистина ценети. Општо женскиот пол е некако повеќе ценет.
Ви фали ли родниот град Скопје?
Не можам да кажам дека не ми фали, но па не можам да кажам дека сеа плачам и сум во депресија. Едноставно тоа е претходен живот кој не може да се врати. Јас и да дојдам Скопје нема да е исто како претходно. Тоа е факт со кој сум си помирена и си терам во сегашноста. Битно да уживаш во сегашниот миг а минатото да го паметиш по убаво.