Реклама
Интервју

„Детето треба да го учи говорот преку игра“

Реклама

Во последно време се почесто сме сведоци на деца кои што имаат некаков проблем со говорот. Развојот на технологијата придонесе буквално децата од самото раѓање да бидат опкружени со таблети, телевизори, мобилни уреди и слично. За тоа како телевизијата влијае врз говорот на децата, кога е вистинско време да се посети логопед, но и какви се проблеми се јавуваат во говорот кај децата разговараме со логопед Драгана Дојчиновска вработена во организацијата „Отворете ги прозорците“, која се занимава со промовирање на асистивната технологија и дигиталната инклузија.

Кога треба детето да посети логопед?

Најпрво би сакала да Ви се заблагодарам што сум дел од Вашиот магазин и што имам можност да зборувам на тема која е многу блиска до младите родители. Кога на логопед? Тоа е едно прашање кое што се почесто го слушаме во нашата секојдневна работа. Говорот и јазикот се развиваат уште од првиот ден од животот на бебето и плачењето на бебето е првата комуникација со мајката. Посетата на логопед не треба родителите да ја сфатат како нешто „погрешно“. Тоа е една можност каде што родителите ќе чујат повеќе за моменталниот говорно- јазичен развој и секако можност каде што ќе добијат насоки како истите да ги стимулираат во домашни услови. Околу првата година детето започнува да го разбира своето име, се врти на истото кога некој ќе го повика, а во однос на продукцијата на говор се јавува и првиот збор со значење. Доколку детето има 18 месеци а сеуште нема ниту еден збор со значење, не се врти на своето име, не ги разбира и не ги извршува едноставните налози во неговото видно поле, тогаш тоа е период каде што родителите мора да се консултираат со стручно лице за развојот на говорот и јазикот кај нивното дете.

Какви се проблеми се јавуваат во говорот кај децата?

За говорните потешкотии може многу да се зборува, но би ги одвоила оние потешкотии кои најчесто се среќаваат во праксата.

Маркетинг

Најголем процент од потешкотиите во логопедската пракса е неправилната артикулација на гласовите и истата е застапена околу 60% . Оваа потешкотија начесто се јавува во предучилишната возраст и некои истражувања покажуваат дека истата побрзо се развива кај девојчињата , отколку кај момчињата. Децата најчесто имаат потешкотија во изговорот на гласовите од групата на сигматизмот (С,З,Ц,Ж,Ш,Џ,Ч), ламдацизам односно гласот Л и ротацизам односно гласот Р.

Кога детето има говор кој истиот не е соодветен за менталната возраст станува збор за доцнење во говорот. Доцнењето може да биде од различен степен.

Маркетинг

Апраксија претставува говорна потешкотија при која што се јавува потешкотија во движењето на говорниот апарат како последица на неправилно функционирање на говорните мускули бидејќи самиот мозок има потешкотија во координација на истите.

Пелтечење претставува нарушување на флуетноста на говорот како резултат на несоодветни грчеви на органите за дишење, фонација и артикулација. Па така кај дете со пелтечење можеме да забележиме говор кој ќе биде испрекинат со повторувачки слогови , зборови или пак детето нема да биде во можност воопшто да започне да зборува.

Верувам дека сте биле во можност да запознаете дете кое што е поголемо и се очекува од истото да има експресивен (надворешен) говор, но како последица на оштетување на централниот нервен систем нема развиено говор и не е во можност да ја разбере јазичната мисла. Станува збор за говорна потешкотија алалија или пак целосно отсуство на говорот. Алалија може да биде моторна или сензорна.

Успорениот развој на говорот или развојна дисфазија најчесто се забележува во раното детство. Детето има потешкотија да ја разбере, структуира и да ја изрази јазичната мисла. Овие дечиња често пати се срамежливи, потешко се вклучуваат во интеракција со другите деца бидејќи нивниот речник е оскуден, се служат со еден аграматичен говор кој истиот има влијание врз емоционалниот и социјалниот развој.

Зошто во денешно време се почесто се соочуваме со деца кои имаат проблем со говорот?

Често пати можеме да забележиме мајки и татковци како своите најмали ги оставаат пред паметни уреди повеќе и од дозволеното време. Сето тоа создава една потешкотија која ќе биде товар на родителот. Па од тука сметам дека родителите се најголем фактор за создавање на правилниот говор кај типичните деца, но и фактор за создавање на нестимулативна средина која ќе има негативно влијание врз целокупниот развој на детето. Секогаш го советувам родителот да биде правилен говорен модел од кого детето ќе го учи говорот преку игра. Играта е богатсво преку кое детето го учи светот околу себе. Играта за него е развој, а развојот е игра.

Од која возраст децата треба веќе да зборуваат?

Децата започнуваат да комуницираат со својата најблиска околина уште од најрана возраст. Во првите месеци плачот на бебињата е едноличен, но сепак е комуникација преку која се изразуваат потребите. После четвртиот месец од животот на бебето плачот се менува, па мајката веднаш може да разликува кога бебето плаче за јадење, а кога плаче поради чувство на болка. Стимулацијата на говорот започнува уште по самото раѓање, преку слогови, кратки зборови. Ономатопеата е основната подлога за развој на говорот. Постојаното зборување, објаснување на секојдневните дејствија е соодветна стимулација која е предуслов за појава на првиот збор со значење околу првата година. Стимулацијата продолжува, а речникот се збогатува. Околу втората година се очекува детето да има доволно богат вокабулар со кој ќе се служи во комуникацијата. Комуникацијата ќе се состои од поврзување на два збора пр. ајде час, дај топка…..

Какви активности имате во здружението „Отворете ги прозорците“ со што им се помага на дечињата кои имаат проблем со говорот?

Поради пандемијата предизвикана од Ковид 19 нашите корисници во моментот добиваат само онлајн поддршка. Оваа поддршка е преку платформата Онлајн сервисната служба креирана од нашето здружение во соработка со Уницеф. Поддршката е бесплатна, а ние како тим од логопеди и специјални едукатори креираме најразлични индивидуални содржини кои ќе овозможат континуитет во работата со децата.

Во продолжение е линкот на кој можат родителите повеќе да прочитаат за самата платформа и секако ги охрабрувам да се пријават и заедно да успееме во овозможувањето на подобра иднина на децата. https://otw.assistive.mk/

Како влијае телевизијата и цртаните филмови врз развојот на говорот на детето? Од кога треба децата да гледаат телевизија?

Живееме во период на технологија која истата прави доцнење во говорот. Кога се наоѓа детето пред екран, а Вие се обидувате да го повикате забележувате дека во просторијата детето е само физички присутно. Зошто? Затоа што во тој момент детето е маѓепсано од јаки, интензивни бои, а дополнително негативно влијае и содржината која се следи на странски јазик. Сето ова прави детето да заборави на комуниција бидејќи екраните не се жив извор на комуникација. Па од тука можете да забележите еден роботски говор кој се усвојува преку цртаните и повторувачки говор научен од некој омилен дел од цртанот. Се што е во граница на дозволеното време нема да има негативно дејство врз когнитивниот развој кој е многу важен за развојот на говорот и јазикот. Тоа значи дека времето поминато пред телевизија околу 20 минути дневно со содржина која е на мајчин јазик нема да остави голема последица во развојот. Да не заборавиме дека развојот на говорот и јазикот зависат од вербалните интеракции како што се пеењето, играњето, читањето. Колку повеќе го оставаат родителите детето пред екран толку повеќе ќе имаат проблем кој ќе бара поддршка и надминување на истиот во соработка со стручни лица.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button