„Со нетрпение го чекаме новиот член на семејството“

Важи за една од најубавите телевизиски водителки во нашава земја. До скоро имавме можност да ја гледаме секое утро на утринската програма на телевизија Алфа „Добро утро, секое утро“ каде што е и уредник, но поради актуелната ситуација предизвикана од Корона вирусот, Анастасија Богданоска моментално работните задачи ги завршува од дома. За детството, за родниот крај, но и за тоа како и  поминува периодот на изолација, како успева да остане фит во бременоста прочитајте од интервјуто…

Најголема предност од професијата со која се занимавате?

Една од најголемите предности на новинарството е тоа што запознаваш голем број на луѓе, од различни области, возраст, професија, а со тоа и различни животни приказни. Имаш можност да посетиш интересни места, да се запознаеш со нивната историја, храна, традиција…. Така создаваш едно богато искуство кое и тебе ти го менува животот а и на гледачите.

А мана?

Со оглед на тоа што мојата професија налага да сум (речиси) секој ден пред камера, во живо, покрај тоа што е предност во одредена мерка е и маана. Затоа што не секој ден ти е добар ден, а кога си на емисија во живо по неколку часа, немаш простор за „лош ден“. И да имаш ден кога не ти се станува од кревет и си лошо расположена, а сите ние имаме таков ден, во оваа професија не смееш да дозволиш тоа да се примети на камера и таа енергија да ја пренесеш на гледачите.

Со оглед на актуелната ситуација и Светската криза предизвикана од Корона вирусот, како и поминува само- изолацијата на Анастасија?

За сега добро. Се уште ме нема „фатено“ досада. Рано наутро следење на утринската програма која ја уредувам, па подготовка за следниот ден. Потоа пешачам 30-40-на минути, низ Водно, а ако не пешачам, тогаш вежбам. Па се враќам дома, време е за книга и релаксација. Или ако сум расположена можеби ќе цртам. Па подготовка на ручек. Потоа проверка на новости, социјални мрежи, медиуми. Вечерта е резервирана за резимирање на материјали за следникот работен ден, а потоа за филм или некоја серија.

Како успева Анастасија да изгледа фит и покрај тоа што е бремена?

Вежбам и постојано сум активна. Сметам дека ако бременоста ти дозволува да си физички активен, никако не смееш да се залежиш во кревет. Тоа е лошо и за тебе и за бебето. Исто така не јадам за двајца. Тоа е една од најголемите лаги: „Бремена си, треба да јадеш за двајца.“ Се трудам да се хранам најздраво што можам, иако знам да си дозволам по некое „слатко задоволство“, како сладолед на пример, за што имам особена желба перидов.

Се развива ли веќе оној мајчински инстикт, или сеуште е рано?

Да се развива. На почетокот, бременоста е збунувачко чувство. Недефинирани емоции на среќа, помешани со несигурност но и возбуда. Па постепено како одминува бременоста се развива мајчинскиот инстинкт и се зголемува со секој ден. Велат дека допрва ќе се развие и дури откако ќе го држиш бебето во раце ќе сфатиш што е мајчински инстинкт. И искрено со нетрпение чекам да дојдат тие моменти.

Размислувате ли веќе за името на новиот член во семејството?

Размислуваме, но се уште немаме одлучено.

Што ќе им предложите да прават во ова време на сите мајки кои што очекуваат принова?

Да уживаат во својата бременост. Знам дека стравот предизвикан од коронавирусот е присутен, но да се обидеме да бидеме што е можно посмирени релаксирани, оти нашите бебиња чувствуваат се. Да знаат дека секоја од нас се чувствува исто и дека сите сме загрижени, но и дека и ова ќе помине. И не’ очекуваат многу убави моменти со нашите најсакани и новиот член на семејството кое го чекаме со нетрпение. Да најдат време за себе, време за релаксација и мислам дека ова се совршен период да воспоставиме врска и однос со мешето кое ни расте и со бебенцето кое се развива секој ден се повеќе.

За која книга може да кажете дека ви го променила животот?

Секоја една. Секоја на свој начин. Ама ако ме прашувате за оние книги, за „самопомош“ кои се наменети за промена на животот, би ги препорачла книгите на Дејл Карнеги „Психологија на успехот“. Четири посебни книги со различни теми, за различни аспекти од животот и растот. Многу добри. Вреди да се прочитаат и да се имаат во домашна библиотека.

Најдраго сеќавање од детството?

Денот кога се роди сестра ми. Тоа е и истиот ден кога научив да возам велосипед без помошни тркалца.

Кој е јунакот од вашето детство?

Моите родители.

Ви фали ли понекогаш родниот град?

Да. Најмногу луѓето кои ми се драги, блиските кои живеат во Гостивар, мојот роден град и кои не можам да ги гледам секој ден.

Како се снаоѓате во кујна?

Мислам дека се снаоѓам се подобро и подобро. Некако во последниот период ми се разви желбата за експериментирање во кујна. Па знам да ги „завиткам“ ракавите и да изненадам со некој необичен рецепт. Морам да признаам на вереникот тоа многу му годи и навистина е среќен со мојата нова пасија.

Facebook Comments
(Visited 951 times, 1 visits today)