„Слични сме со ликовите што ги глумиме“ – интервју со Зоки Поки, Лидија, Боки и Гоки

Гламур интервју со главните ликови и продукцијата „Кино око“ од ТВ-проектот „Зоки Поки“

Екранизацијата на „Зоки Поки“ со нетрпение ја очекуваат и децата и возрасните, а по новообјавениот трејлер, дефинитивно има зошто.Првиот поглед на серијата, чија премиера е закажана за 4 мај, во 20:15 часот на првата програма на МРТ, открива магичен свет кој е визуелно спектакуларен и полн со емоции.Како беа избрани главните ликови? На кои локации беше снимана серијата? Ви откриваме во интервјуто со продуцентската куќа „Кино око“ и секако со главните јунаци од серијата, Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки..

Наскоро Зоки Поки ќе го гледаме во телевизиска серија. Како падна одлуката токму ова култно детско литературно дело да го екранизирате? И каква беше реакцијата на писателката Оливера Николова кога и ја соопштивте идејата?

Идејата дојде како резултат на недостатокот од содржина за деца. Одамна не сме гледале квалитетна драмска серија за најмладите. Писателката Оливера Николова беше среќна и многу позитивна за идејата за екранизација на нејзината најпозната книга за деца. Ова дело заслужува квалитетна екранизација и верувам дека ги оправдавме нејзините и очекувањата на публиката.

Серијата ќе има 10-тина епизоди. Дали стриктно се придржувавте и водевте по расказите од книгата или има измени?

Расказите од книгата се земени како основа и се адаптирани согласно времето во кое живеат главните јунаци.

На кои локации се снимаше целиот проект?

Серијата се снимаше на повеќе скопски познати локации како Зоолошката градина, Планетариум, Градски парк, ОУ Петар Поп Арсов, платото позади Педагошка академија,паркот во Карпош 4…

Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки… се главните ликови. Колку тешко беше да ги пронајдете?

Кастингот траеше долго време и најважно беше да ги најдеме вистинските деца за
актерите кои ќе ги толкуваат главните ликови. Процесот на снимање покажа дека сме направиле одличен избор.

Која е актерската екипа во овој ТВ-проект?

Главните улоги ги играат Матеј Настевски, Анастасија Аневска, Матеј Зимабаков, Матео Матоски, Сашко Коцев, Даниела Иваноска, Сабина Ајрула-Тозија и многу други актери идеца кои се појавуваат во епизодни улоги.

Колку е тешко да се организира овој ТВ-проект вклучувајќи дека во него има дечиња од 6 до 9 години?

Процесот на продукција е подеднакво тежок без разлика на возраста на актерите. Сепак многу внимававме тие да се чувствуваат опуштено и самото снимање кое е многу тешко да им го направиме интересно и забавно. Според нивните реакции и желби за снимање на втора сезона верувам дека сме успеале во тоа. Нема поголемо задоволство од тоа да се работи со деца.

Најавивте дека епизодите ќе се емитуваат на Македонската радио телевизија. Од кога точно ќе имаат можност гледачите да ја гледаат серијата?

Серијата започнува да се емитува од 4 мај во 20:15 на првата програма на МТВ.

Кои се вашите идни проекти?

Се надевам дека следен проект ќе биде втората сезона на серијата “Зоки Поки”.
Наредната зима планирано е снимањето на краткиот игран филм “Северен пол” на Марија Апчевска, додека во есен следната година долгометражниот игран филм на Васил Христов со наслов „Вечерен акт“.

Зоки Поки (Матеј Настевски)

Здраво! Се викам Матеј Настевски, имам 11 години, од Скопје сум и учам во ООУ, „Мирче Ацев“.Не сум посетувал драмска секција, а не сум ниту дел од некое училиште за глума.  Чувството кога ме избраа да го глумам главниот лик не може да се опише со зборови. Сличност помеѓу мене и Зоки Поки постои. Честопати кога ќе се вратев од снимање им велев на моите родители дека сценариово е како за мене пишувано.Сé ми беше забавно. Бидејќи за мене ова беше ново искуство.

Дали снимањето беше напорно? И дали во иднина би се занимавал со глума?

И покрај тоа што беше летен распуст за мене не беше напорно. Без проблем прифатив да останам дома со мојот постар брат, а да не одам на одмор со моите родители и помалиот брат. Да. Сакам да се занимавам со глума и во иднина, бидејќи ме исполнува многу и ме прави среќен. Се надевам желбата ќе ми се исполни.

Лидија (Анастасија Аневска)

Здраво. Се викам Анастасија Аневска, имам 12 години и живеам во Скопје. Учам во
основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ и сум VI одд.Јас одев и сѐ уште одам во училиштето за глума „Детски свет“ во театар Комедија кај Магдалена Ризова каде ми е многу забавно, интересно, но исто така од него многу научив и уште учам за глумата, нејзините убавини, но и потешките нејзини предизвици. Таму одам 3 години и планирам да продолжам да одам. Интересот за глумата пак започна сосема случајно при една одделенска драматизација на приказната „Девојчето со кибритчиња“ во која го играв главниот лик. Гледачите (родителите) и наставничките Кика Стојанова и Меропи Ѓоргиевска ја пофалија мојата изведба. Тогаш сфативме со моите родители дека постои талент кој треба да се развива.

Тешко ли беше да се одглуми Лидија, најдобрата другарка на Зоки?

Лидија во серијата е едно многу дружељубиво, забавно и интересно девојче. Да одглумам ваков лик не ми беше воопшто тешко, бидејќи во речиси сите случки, сцени и епизоди јас можев да се поистоветам со неа. Колку повеќе ја запознавав сфаќав дека всушност јас и таа сме многу слични. Ликот ми беше како една друга јас.

Додека ја снимавме серијата имаше многу забавни и интересни случки и многу од нив ќе ги раскажувам уште долго. На пример, кога Гоки остана цел син бидејќи Боки му го шлапна лицето во тортата (од снимањето на една сцена). Потоа немаше време убаво да го средат Гоки и тој си отиде дома половина син (каква што беше и тортата), а попатно го задевавме и му велевме дека е штрумф. Се разбира имаше многу смешни случки со Зоки, Гоки и Боки, но исто така и со целата екипа. Дел од сцените кои ќе ги има во серијата беа исто многу смешни.

Дали снимањето беше напорно? И дали во иднина би се занимавала со глума?

Снимањето беше многу забавно, но да се работи на отворено во најтоплите денови од годината беше и тешко. Беше напорно бидејќи беше топло, но исто така имаше и некои тешки кадри и сцени, но на крај сите тие испаднаа многу убаво и вредеше навистина да се помачиме. Снимањето само по себе беше едно големо прекрасно и возбудувачко искуство. А за глумата во иднина, се разбира дека ќе продолжам да ги развивам своите способности и вештини, но сè уште сметам дека е рано да можам со сигурност да кажам дека ќе бидам професионална актерка.

Гоки (Матеј Зимбаков)

Јас сум Матеј Зимбаков, имам 9 години, учам во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје. Пред да почнам со серијата глумев во драмската секција во моето училиште. Гоки е еден лик кој има многу другари и многу сака да игра видео игрици. Кога ја добив улогата се чуствував убаво бидејќи бев уверен во себе дека ќе добијам еден од ликовите во серијата.

Раскажи ни некоја интересна анегдота додека ја снимавте серијата?

Една од смешните и интересни случки мене ми е кога се криев под креветот за да не се гледам во кадар при снимањето ☺ Може оваа сега и не изгледа толку смешно, но во моментот беше многу смешно.

Дали снимањето беше напорно? Кога ќе пораснеш дали би сакал да станеш актер?
На снимање одевме многу рано, ама дружењето со целата екипа и снимањето беше многу забавно и убаво искуство за мене. Кога ќе пораснам сакам да станам актер.

Боки (Матео Матоски)

Јас сум Матео Матоски, имам 10 години и живеам во Скопје.Ова ми е прво искуство да глумам во серија. Досега не сум учествувал во драмска секција нити сум бил член на училиште за глума, но отсекогаш сум имал желба за имитација на луѓето околу мене.

Кажи ни кој е Боки?

Боки е интересен лик. Постојат многу сличности помеѓу мене и Боки. Тој е палаво дете кое се закача со сите но исто така е и добар другар со Зоки, Лидија и Гоки. Слабост му е храната… ужива да јаде како и јас. Снимањето беше со многу интересни случки. Но во една сцена каде јас и Гоки требаше да бидеме детективи наместо да се спуштам по скалите јас се струполив од горе до доле… Болеше но беше многу смешно. Исто така мене ми остави впечаток што ми дозволија да
бидам помошник режисер.

Дали снимањето беше напорно? И дали во иднина би се занимавал со глума?

На почетокот на снимањето ми беше напорно бидејќи ми беше прво искуство на снимање, но многу брзо се навикнав бидејќи беше интересно со целата екипа. На крајот на снимањето беше многу тажно бидејќи никој да нас не сакаше да се разделиме. Оттогаш сè до денес сум во контакт со целата екипа, посебно со Зоки, Гоки и Лидија. Многу би сакал да се собереме повторно за снимање на втората сезона. Откога заврши снимањето ми се роди желба да станам актер.

(Visited 124 times, 1 visits today)
z