„Се што правите, правете со многу љубов и уживајте во малите нешта“, советува Мартина Трајаноска

Светот на шаерени, брзи и вкусни рецепти, кои од кои повкусен. Инстаграм профилот на Мартина Трајаноска (martinascookingg) ќе ве освои во целост, ќе заштедите на време, а ќе јадете нешто вкусно. Девојката која има 20 години и е студент на Технолошко металуршки факултет, на смерот Прехрамбена технологија и биотехнологија прави најразлични рецепти за кои вели дека најважно е да се готви со љубов.

Како почна Мартина да готви и како настана твојата страница со рецепти?

Љубов и интерес за готвење верувам дека имам уште од мала, па така постојано испробував да направам нешто и доста експериментирав во кујна. Постојано готвам од 13- 14 години, а почнав да објавувам повеќе рецепти на инстаграм во периодот кога целосно бевме затворени дома на почетокот на пандемијава.

Кои се триковите за подготовка на вкусни јадења?

Како најбитни работи за највкусни јадења би ги издвоила љубовта, трудот и позитивноста. Кога се готви со љубов, секој еден рецепт може да успее, на еден или друг начин.

Што може да се подготви на брзина за околу 10тина минути?

Кај мене на профил скоро па 80% од рецептите се за 10-15 минути. Буквално може да се направи се, дали е десерт, ужинка, ручек или вечера. Ете како пример би ги предложила бомбициве или рецептот за брзи банички, панцероти или палачинки🤗

Што сакаш најмногу да готвиш? Сподели го со нас твојот омилен рецепт?

Најмногу сакам да готвам се што е од малце состојки и брзо за правење. Омилен рецепт ми се овие чоколадни колачиња кои се врвнииии!

Растопете го путерот, па измешајте го со шеќерот. Додадете ги јајцата, измешајте, па додадете ги сите суви состојки. Оформете густа смеса/тесто. Убаво измешајте со дрвена лажица или со раце. Додадете околу 150 гр чоколадо исечено на мали парчиња, а 50 гр оставете за одозгора. Земајте од смесата околу 1 лажица, оформете и редете на хартија за печење.

Оставете по малку растојание помеѓу секое колаче. Одозгора ставете парчиња чоколадо пред печење, а јас додавам и неколку парчиња и од кога ќе се испечат. Печете во загреана рерна на 200 С 9-10 минути (плус минус некоја минутка зависно од рерната). Од дозава излегуваат околу 35-6 колачиња (пак зависи од големината како ќе ги правите).

Од каде црпиш инспирација, за подготовка на нови и вкусни јадења?

Инспирација црпам од се околу мене. Од многу слики, видеа и профили на интернет, од нашите стари традиционални рецепти, од книги и списанија… а најмногу од сите пораки, слики, и убави муабети со сите мои инста пријатели.

Кој според тебе подобро готви жените или мажите?

Не би издвоила, според мене секој може да готви добро, се додека тоа го прави со љубов.

Како е најдобро да се приготват јајца?

Јајца ми се омилени на сите начини, а баш ги има доста. Со тоа што се доста здрави и нутритивно богати ги вклучувам често во исхраната, а мене омилени ми се варени.

Сакаат ли младите да готват, или повеќе се за готова храна?

Да дека има доста кои избираат побрза варијанта и само купуваат готово, но откако го имам профилот видов дека и голем дел уживаат во кујна и голем дел од пораките кои ги добивам се од доста млади, тинејџери, па и млади мајки со мали дечиња со кои заедно готват, а тоа многу ме радува.

Покрај твојот профил на социјалните мрежи размислуваш ли да направиш телевизиско кулинарско шоу?

Моментално не, затоа што има  доста обврски со факултет и работа, но зошто да не. Не би ја исклучила таа опција за во иднина.

Може ли во Македонија да се живее од инфлуенсерство?

Не би кажала дека не може, ама од друга страна за да се стигне да се живее само од тоа треба да се помине малце подолг и тежок пат. Сметам дека кај нас уште не е баш јасно колку влијание имаат социјалните мрежи.

Кое е твоето омилено јадење?

Млечни производи ми се фаворит, па се што е зготвено со нив. И солени и благи.

Се случило ли некогаш рецептот да не излезе како што треба?

Се случува секако, посебно затоа што не следам некои посебни рецепти туку пробувам некои мои комбинации. Но секогаш може да се смисли и направи нешто ново.

Која е најчестата грешка што ја правиме при готвењето?

Не би кажала како грешка, но мене многу ми влијае расположението кога готвам. Доколку готвам нервозна и како што би кажале ради реда, ретко па кога излегува нешто успешно на крај.

Кој е твојот совет до сите оние кои што сакаат да готват?

Сакајте се, почитувајте се и останете свои. Дружете се, простете и поминете квалитетно и добро време со оние кои ви значат. Се што правите, правете со мнооогу љубов и уживајте во малите нешта. До следно читање и следен рецепт.

(Visited 118 times, 1 visits today)