Росана Тодоровска: „ Немав мотивација ни елан да правам уметност во “шунд” околина“

Важи за една од ретките музички ѕвезди во нашава земја, чии песни се уште се преработуваат, но и потпевнуваат на речиси секоја забава. Нема кој не ја запеал „Признавам“ од близначките Маријана и Росана. На многумина им фалеа нејзнините песни, нејзиниот глас, како и нејзините настапи, Росана Сариќ Тодоровска за Гламур вели дека и нејзе и фалела публиката како и аплаузот.

ADVERTISEMENT

После долгогодишна музичка пауза оваа година повторно се вративте на Макфест, какви се вашите импресии?

Секогаш велев за да се вратам на сцената пред се мора да имам добра песна. Кога Александар Митевски ми ја понуди “Спомени” веднаш знаев дека таа песна не смее да остане само на лист хартија и дека мора да биде претставена пред публиката. Макфест буди многу спомени во мене. Таму ги испеавме најголемите евергрини со Маријана. Ги имавме најубавите дружби. Така што ни овој пат Макфест и Макфестовската публика не ме разочараа. Бев одлично пречекана, со аплауз во текот на целата песна, и на крајот и официјално се закитив со наградата за најдобра интерпретација. Работев со одличен тим, од песна до изглед. Бев навистина возбудена и емотивна, а после одличната реакција на публиката на мене остана само да ја приберам целата таа позитивна енергија и да ја насочам кон уште повеќе песни и поголеми успеси

На што се должеше вашата апстиненција од музиката? 

Многу пати имам зборувано на оваа тема и за моето незадоволство од правецот во кој тргна нашата естрада. Едноставно во еден момент многу работи се сменија и тоа по надолна линија (според моето мислење). Не сакав да бидам дел од нешто коешто немаше врска со уметност. Не сакав да пеам со “autotune”. Не сакав да правам песни со празни текстови кои ќе се заборават за кратко време. Не мислев дека надворешниот изглед е поважен од гласот. Истовремено се укинаа и сите радио и ТВ емисии преку кои ние ги промовиравме нашите песни и останувавме блиски до нашата публика. Едноставно немав мотивација ни елан да правам уметност во “шунд” околина. Секако, чест на исклучоците и на сите оние кои останаа доследни на својот стил, на сопствениот начин на правење на музика и останаа доследни до вистинските звуци на македонската песна.

Ви фалеа ли музиката и настапите овие години? 

Ми фалеше публиката. Нескромно ќе кажам дека ми фалеше аплаузот. Музиката не може да ми фали – таа е во мене, така што каде сум јас таму има и музика. Можеби престанав со јавни настапи и правење нова музика, но никогаш не престанав да пеам.

Имате ли моменти кои ви се трајно врежани во сеќавањата од многубројните настапи? 

Чинам дека го паметам секој настап во мојата долгогодишна кариера. Без разлика дали тоа било од времето кога настапувавме заедно со мојата сестра близначка Маријана или откако продолжив како соло изведувач по нејзиното заминување за Австралија. Ги паметам сите турнеи, дружби, гафови… А како еден од најомилените моменти до ден денес беше качувањето на сцената на мојата ќерка Ивана, во текот на мојот солистички концерт пред долги години. Ми подари цвеќе и потоа не сакаше да се симне од сцената за да продолжам со концертот. 

Што според вас ги направи песните на Маријана и Росана евергрини?

Претпоставувам дека голем удел има нашата строгост при одбирањето на песните во текот на целото наше работење и кариера. Пред се работевме со врвни професионалци, луѓе кои многу добро не познаваа така што точно знаеја и каква песна треба да направат за нас. Секогаш се трудевме да имаме моќни текстови, со значение. Се трудевме да правиме песни кои ќе допрат до срцата на публиката и тука немаше компромис. Затоа велам бевме строги. Бевме млади, но точно знаевме што сакаме. И секако изведбите кои што секогаш ги подготвувавме да изгледаат и звучат како што треба.

Покрај музиката, што друго ве исполнува?

Ме исполнува квалитетно време поминато со пријатели. Утринското кафе со Трупче. Прошетка со нашето милениче Лејди. Фамилијарните ручеци со моите родители. А најмногу ги сакам деновите што ги поминувам со мојот внук Ноах.

Може ли наскоро да очекуваме уште некој хит од Росана?

Моето подолго отсуство од сцената беше како некое затишје пред бура. После бурните овации на Макфест, секојдневните пораки со честитки, прегледите на YouTube и катадневните пофалби што ги добивам од сите страни, не би било фер кон публиката тука да застанам и да не ве почестам со уште нови песни. Нова песна ќе има, тоа со сигурност го потврдувам, а за нејзината промоција ќе бидете однапред известени

Facebook Comments
(Visited 503 times, 2 visits today)
Loading...