„Родителите се подготвени да соработуваат со децата, но не и самите со себе“

Интервју со Ирена Христовска

Поразговаравме со Ирена Христовска, Магистер по комуникации и медиуми, академски блогер на Институтот за комуникациски истражувања, обучувач, едукатор, сертифициран говорник и тренер за личен раст и развој, која во интервју за Гламур магазин ни открива многу интересни теми поврзани со родителството и воспитувањето на децата. Ирена 23 години работи со деца и родители, од кои 21 година како дел од воспитно образовниот систем, и сега како поединец на своите семинари, работилници за наставници и родители, како и тренинзи за деца и родители. Таа преку својата организација Слоп Пенсатори промовира концепт за квалитетно, ефикасно и ефективно вели издигнување на личноста над емоционалните, социјалните и општествени предизвици. Организира едукативни и мотивациски предавања, изложби, семинари, работилници, индивидуални советувања и консултации, со деца, младинци и возрасни групи во областа на едукацијата, комуникацијата и личниот развој.

ADVERTISEMENT

Што е Слоп Пенсатори, од каде се роди идејата за неговото оформување?

– СЛОП е скратеница од Справување на Личноста со Општествените Предизвици, а Пенсатори означува мислител. Мислите се многу променливи, но тие имаат неверојатна моќ во насочувањето на животот. Со мислата твориме, креираме, создаваме, но таа исто така може и да не обземе и ако и дозволиме да не повлече во надолна линија. Затоа е од особено значење да се сфати и разбере природата на мислата. А, за да може личноста да се справи со општествените предизвици, таа претходно мора да се справи со предизвиците кои се во неа. Имајќи го во предвид фактот дека сите обрасци (навики) и уверувања според кои го живееме животот се формираат уште во детството, се роди и идејата за основање на здружението, кое прерасна во центар за едукација и личен развој на деца, младинци, родители, учители, наставници.

Знаеме дека основата на градење на една здрава индивидуа или поточно на изградбата на едно дете започнува од неговите родители. Кое е вашето мислење дали родителите посветуваат внимание на своите деца и дали имаат доволно време за нив?

– Основата за градење на индивидуата секако се поставува во семејството, иако постојат и други фактори кои влијаат врз формирањето на личноста. Факт е дека се поаѓа од нас самите. Семејството е базата од каде се става темелот, а само на цврст темел можно е да се изгради градба со здрава и издржлива конструкција. Родителите посветуваат внимание на децата онолку колку што знаат и како што умеат. Всушност само родителството никаде не се учи. Тоа е стекнато искуство кое родителите го носат од нивните родители кога тие како деца биле воспитувани, од родителите на нивните другари, од дедовци, баби. Постапуваат според некои обрасци (навики) и уверувања стекнати во процесот на нивното растење, а потоа истите им ги наметнуваат на децата, па тие на нивните деца и така се во круг. Динамиката на денешницата создава илузија на немање време. Многу ми е интересен тој термин „немам време“. Време има колку што сакате. Исто е времето за сите. Не може некои да имаат, а некои да немаат време. Сé се сведува на добра организација и поставување на приоритети. Значи се зависи што и кој е мојот ПРИОРИТЕТ. Експлоатираната изрека „немам време“ е само изговор или оправдување. Секогаш се наоѓа време ако нешто нам ни е битно.

Колку ние како нација имаме интерес и потреба да посетуваме ваков тип на едукативни центри за личен и професионален развој?

Секако дека секој има потреба да посетува центри каде може да се едуцира, да осознава, да се спознава самиот сeбе, да расте и да се развива заедно со децата, па всушност никој учен не се родил. Интерес има, но за да се исчекокри е потребна искреност кон самите себе и храброст. Предизвикот е да се соочиме со тоа што нам ни е потребно и да си признаеме на себе дека не знаеме сé. Мора да се научиме отворено да разговараме, да побараме совет, отворено да поставуваме прашања, да дискутираме, да разменуваме искуства. А, луѓето молчат, се срамат, се плашат, затворени се. Навистина е неопходна едукација за сите учесници во процестот на растот, развојот и формирањето на индивидуата, зашто оттука сé започнува. Не треба да се чека да се појави некој „проблем“ за да се бара помош. Во центрите за личен развој не се издаваат лекови за да помине одредена „болка“ (симптоматологија). Не постои инстант решение. Личниот развој е процес, долготраен и доживотен процес низ кој минуваме сите, некој порано, некој подоцна. Оноа што треба е да креираме нов образец на здрава навика за наше добро, да научиме како да живееме, да се спознаеме себе си кои сме и што сакаме, која е нашата мисија, која е нашата цел, како да твориме, креираме, да бидеме пријатели, партнери, сопатници, како секој да ја почитува и прифати сопствената и туѓата индивидуалност, а да функционираме и да се почитуваме сите заедно.

Бевте дел од образовниот систем долги годни и работите на однесувањето и воспитувањето на децата. Порано децата имаа повеќе почит кон наствникот, денес ситуацијата е сосема обратна. На што се должи оваа промена и што мислите, каков однос треба да имаат и учениците и наствниците?

– 23 година работам со деца и родители, 21 како дел од воспитно-образовниот систем, а сега како поединец. Моето мислење е дека секој кон секого се однесува според тоа кој како ќе се постави. Се е до дозволата. Никој со Вас не може да се однесува поинаку од тоа што сте го дозволиле. Затоа во оваа ситуација не можам да генерализирам. Единствено што можам е да го искажам моето лично искуство. Со децата и пред толку години , а и сега се почитуваме. Тоа е взаемно и никогаш не може да биде еднонасочно. Кога некому ќе му пристапите искрено од позиција на почитување, прифаќање таков каков што е, едноставно од позиција на љубов, а не на наметнат афторитет, истото го добивате. Ако постапувате од позиција на страв (кој што ќе каже, да не ми направат вака или онака, да не изгубам работно место, да не му стави помала оцена…), лутина (е, ај сега да видиме, тој/таа мене ќе ми кажува…), бес, надмоќ…, тоа и ќе го добиете како одговор. Затоа е особено важна умешноста во комуникацијата на индивидуата, првенствено самата со себе, емпатијата во партнерската комуникација меѓу наставникот-родителот–детето, како и вземната соработка во самите колективи. Сите овие теми и прашања се исцрпуваат на семинарите, работилниците за наставници и родители, а сега и на тренингот за деца и родители.

Како мајка на три деца, каков совет би им дала на сите родители, како да почнат и најпрвин да посакаат да работат на себе и својот личен раст и развој, и како да им се роди желбата за работа на себе како би станале подобри родители?

– Детето е наше огледало. Зборовите упатени кон детето, нашите прекори, сугестии, пофалби, критики, најчесто се однесуваат на нас самите. Оттука може секој родител да види до каде е и што е потребно да сработи кај себе. Секогаш го велам истото „Се поаѓа од нас самите“. Децата учат од тоа што го гледаат. Според некои истражувања во комуникацијата, не само децата, туку луѓето воопшто, веруваат на тоа што ќе го кажете (зборот) само 7%, како е нешто кажано 38%, а на тоа што го гледаат 55%. Значи на кажаниот збор се верува само 7%, а на тоа што се слуша, гледа и покажува 93%. Сега се наметнува прашањето што родителите најчесто го поставуваат:„Сé правам за детево, сé што сака, а можам да му пружам сé му е дозволено, а тоа повторно е незадоволно?“. Согласно истражувањата поставувам прашање до секој родител:„Колку сум јас задоволна/ен од себе?; Дали сум исполнет/а?; Наоѓам ли „време“ за себе, да си се посветам и да си дадам оддишка?…конечно Дали и колку сум среќна/ен?“ Детето ве гледа. Него не можете да го „излажете“. Тоа ве перцепира и под маската на Вашето секојдневие, тоа Ве чувствува, доживува. Ако постојано сте загрижени, тоа никаде не ве води. Престанете да седите на столицата клацкалка, која ве ниша, а не Ве поместува од таму каде што сте. Бидете искрени со себе и видете сега каде се наоѓате, како се чувствувате. Направете избор и донесете одлука, за Ваше добро, за доброто на детето. Бидете пример каков што би сакале да го видите од Вашето дете. Само така можете да растете и да се развивате заедно. Секој има избор, а одлуката е само Ваша!

Родителството се учи целиот живот. Колку родителите се спремни да соработуваат со своите деца по завршените семинари и откако ќе го солвадаат она што вие им го посочувате?

– Самите велите -родителството се учи цел живот. Учењето, растот и развојот, сето тоа е процес кој трае се додека сме живи. Родителите се подготвени да соработуваат со децата, но прашање е колку родителите се подготвени да соработуваат самите со себе и меѓу себе. Семинарите се само појдовна точка или иницијална каписла во процесот. Сé е индивидуално, бидејќи сé зависи од отвореноста и подготвеноста на секоја единка. Некој уште на семинарот ќе го добие „А-ха“ моментот и веднаш превзема акција, некој доаѓа чисто информативно, некој од љубопитност. На семинарите разгледуваме примери, искуства и родителите се поттикнуваат со прашања да дојдат до одговорите кои им се потребни. Понатаму сé е до одлукта и одговорноста на родителот. Затоа велам, потребна е љубов, искреност, храброст да се донесе одлука за промени и да се превземе одговорност прво кон себе како индивидуа, одговорност кон улогата како родител, одговорност кон детето.

Затоа тренингот за деца и родители има континуитет. Еднаш до два пати во месецот се состануваме со родителите и разменуваме искуства за нивниот напредок и напредокот на децата. Со родителите сме во постојан контакт кога тие имаат потреба. На тренингот и децата и родителите работат истовремено на нивниот развој. Тие се постојано подготвени за соработка и децата го чувствуваат тоа. Со нив работиме три месеци и самите го гледаат нивното постигнување и постигнувањето кај децата.

„Ви благодарам мамо и тато! Јас успеав!“ е слоганот на тренингот за деца и родители, кој за прв пат се појавува на нашите простори. Од каде потекнува идејата за ваков тренинг и за што точно станува збор?

– Тренингот за деца и родители, започна во февруари. Идејата потекнува оттаму што не може детето да ги постигне саканите резултати и промени доколку и семејството т.е. родителите не се дел од тој процес. Детето на крајот повторно се враќа во семејтвото и учи од родителите. Затоа доколку сака родителот неговото дете да биде успешно според интересите, афинитетите, потребите на детето, тој мора прврнствено да го почитува детето и со својот пример да биде инспирација за детето. Токму поради тоа, на овој тренинг се работи и со децата и со родителите. Задолженијата кои ги имаат децата ги имаат и родителите. На тој начин се остварува и поголема блискост, соработка, разбирање, прифаќање, хармонија меѓу родителите како партнери, како и меѓу родителите и детето. Тренингот има пет модули, во кои се реализираат активности за самодоверба и управивање со емоциите, начини и техники на учење, комуникација и вештини на комуницирање, мотивација и креирање на цели. Од искуствата на родителите и децата , како и од извршената евалуација после секој модул, сите учесници забележуваат напредок во квалитетот на размислувањето, меѓусебната комуникација, постигнувањето на резултати во учењето, си ги забележуваат своите емоции и нивните реакции или одговори итн.Со родителите еднаш до два пати во месецот имаме посебна средба, каде родителите споделуваат искуства, прашуваат, слушаат предавања и учествуваат во работилници на теми кои се опфатени во модулот. Тоа е една неформална средба каде секој е слободен, секој има слободна комуникација со секого, се разменуваат секакви искуства, топли прегратки и насмевки. И што останува на секој учесник во тренингот освен да се заблагодари еден на друг.

На вашите семири има интереси и од страна на воспитувачките и учителките од градинките и училиштата. Дали овој тип на трениг би требало да биде задолжителен во овие институции?

– Апсолутно. Сите луѓе кои работат со жива материја пожелно е да имаат тренинзи за личен развој, а особено во институции каде како од пластелин се обликува личноста на детето, неговиот карактер, навики… Во соседна Србија веќе има иницијатива за соработка на воспитно-образовните институции со тренери за личен раст и развој. Кај нас, тоа го спроведуваат компаниите преку одредени семинари, работилници и тим билдинзи, каде се зајакнува тимската работа, вештините на комуникација со цел да се зголеми квалитетот и напредокот на компанијата. Учителите, наставниците, постојано се соочуваат со разни предизвици во комуникацијата со родителите, децата, колегите. Се воведуваат одредени проекти кои мора да ги спроведуваат, а никој не ги научил како да ги канализираат тие активности. Професионалниот развој не може да се реализира без личниот развој. Само здрава единка може да изгради здрава личност. Може да имате знаења од областа на професионалниот развој на секое поле, но ако сте под постојан стрес, вознемиреност, иритација, страв, сомнеж, каков е тогаш квалитетот на вашето живеење на приватен и професионален план? Затоа е пожелно секој да се ангажира да си ја олесни работата, да си го олесни животот, да сфати, да прифати, да разбере, да научи како да функционира во секојдневието. Сите знаат што е „добро“, а што не, но знаењето е само информација. И покрај тоа што знаат луѓето се навикнати да се жалат, критикуваат, критизираат. И што од тоа? Ништо! Поентата е како да го изменам тоа? Битно е за миг да застанеме и да се запрашаме:„ Што превземам за да го изменам тоа што не е во согласност со мене? Ако не превземете ништо, ништо нема ни да се случи, нема прогрес. За да има прогрес, потребна е променаа секоја промена почнува од нас самите. За да ги разберам другите пожелно е првенствено да се разберам себе си.

Покрај работлниците СЛОП Пенсатори, нуди и креативно- уметничко изразување на децата, кажете ни нешто повеќе за овој дел?

– Преку тренинзите и индивидуалните средби со децата, тие се способни да си ги препознаат сопствените афинитети, потенцијал, надареноста. Уметноста е начин на изразување на единката, слобода, креативност. Децата кои имаат потенцијал за ликовно творештво, самите се определуваат за овие ликовни работилници. На работилниците децата се едуцираат и ги усвојуваат цртачките и сликарските техники. Со примена на истите умеат да се искажат креирајќи нивни дела, творат, создаваат. Атмосферата е секогаш пријатна исполнета со шепот, насмевки, музика, слобода, која носи и одговорност кон себе и кон сопственото дело.

Поаѓањето во училиште претставува голема промена во животот на детето. Вашата следна работилница е наменете токму за оваа тема. Колкав е интересот и што опфаќа овој тренинг?

– Од досегашното искуство и направените истражувања во воспитно-образовниот процес, утврдено е дека еден од предизвиците кај родителите е адаптацијата на првачето во училиште. Во тие мигови децата и родителите може да бидат под притисок, стрес, да бидат несигурни и загрижени од ена страна, а од друга страна да прават помпезности и славења за почеток на прваче што исто така предизвикува притисок кај детето. За да се справат со овие предизвици на родителите и на детето им се потребни информации, мотивација, подршка и насоки, како овој прекрасен период да се доживее мирно и со многу љубов.

Поаѓањето во училиште за детето претставува едно ново поглавје од книгата наречена живот. Тоа е период во животот на детето кој е сосема нов, непознат. Иако се смета дека децата кои посетувале градинка полесно се адаптираат, сепак во училиштето постојат други правила на однесување, се стекнуваат и создаваат нови навики, постои поголем ангажман и поголема одговорност како за детето, така и за родителот. Тоа за детето претставува огромна промена, која родителот тешко може и да ја замисли. Детето го нема искуството кое го имаат возрасните. Затоа сметам дека е бесполезно детето да се оптоварува со предупредувања, ставови, мислења, очекувања. Многу е покорисно да се остане мирен и да се препознае однесувањето и потребите на детето со цел да се одговори во согласност со нив, а не според определени правила и застарени навики. Секое дете е индивидуа за себе и затоа нема универзални правила.

Негувајте љубов кон себе и кон детето и тоа сигурно е најдобра инвестиција која можете да ја имате во животот.

Кои се следни активности на СЛОП ПЕНСАТОРИ?

– Тренингот за деца и родители „Ви благодарам мамо и тато! Јас успеав!“, со едната група завршува кон крајот на јуни, нешто подоцна завршува и втората група. Следуваат модулите за мотивација и креирање на цели, комуникација, вештини на комуникацијата. Од септември се формира и нова група на учесници (деца и родители) за овој тренинг, чие патешествие ќе трае пет месеци (од средина на септември до јануари). Индивидуалните сесии со деца секако секојдневно продолжуваат, како и семинарите и работилниците за родители, наставници, учители. Во јуни ќе организираме и изложба на детските творби од ликовните работилници, како еден хепенинг за нив и родителите. А, пак со родителите и децта од тренингот за деца и родители ќе имаме отворен ден за дружба, забава и размена на искуства за севкупниот напредок на децата и на родителите.

Повеќе за активностите на Слоп Пенсатори проверете тука >>

Со Ирена разговараше Берта Мартиноска

 

Facebook Comments
(Visited 180 times, 1 visits today)