Запознајте го Дедо Мраз од Скопје кој носи подароци бесплатно

Интервју со Владимир Малинка-Мики, вистинскиот Дедо Мраз од Скопје

Владимир Малинка-Мики од Скопје, поточно од населба Лисиче, веќе 23 години е Дедо Мраз. Овој осумдесетиедногодишен симпатичен дедо со природна бела брада е оригинален Дедо Мраз – и верувале или не, е бесплатен! За Нова година покрај дечињата знае да ги израдува и повозрасните лица кои се сместени во старските домови. Во разговор со него ни раскажа како се случило да стане Дедо Мраз, но и која е најубавата желба што ја слушнал досега. 

Фото: Принтскрин/ Јутјуб (Просветно дело)

Раскажете ни како станавте Дедо Мраз?

„По занимање сум виш ветеринарен техничар. Решив да пуштам брада која почна да бееле со годините, па така во фирмата во  која работев доаѓаше Дедо Мраз за децата, а колегите ме прашуваа зошто и јас да не бидам Дедо Мраз бидејќи личам како него. Па така ми купија униформа, а јас станав Дедо Мраз. За своите услуги никогаш не наплаќам, имам добра пензија, немам големи барања. Ме повикуваа многу луѓе и ми велат: ‘Ќе ти платиме’. Велам дека не сакам пари.

ADVERTISEMENT

Фото: Принтскрин/ Јутјуб (Просветно дело)

„Еднаш бев гостин во една фирма, тие почнаа да ме прашуваат колку треба пари да ми дадат, а јас упорно им велев дека не сакам и си заминав. Кога пристигнав дома забележав дека во ташната ми беа стaвени 2000 денари веднаш се вратив за да им ги дадам парите, но тие упорно ги одбиваа, јас решив со парите да ги почастам своите пријатели бидејќи не сакам својата традиција и ветеното да го прекршам“, ни раскажува со својот пријатен глас Малинка.

Каква е реакцијата на дечињата – проверуваат ли дали ви е вистинска брадата?

Често ме викаат во градинките, кај пријатели и по домови за деца без родители. Се сеќавам бев гостин во еден дом кога едно од децата дојде и почна милно да ме гали мило, воспитувачката ме предупреди дека детето може да ми направи нешто неочекувано, а јас само се насмевнав и го погалив. Така седејќи во мојот скут детето одеднаш скокна и силно ме истегна за брадат ме заболе многу па почнав да се смеам. Тоа му беше кажано од поголемите деца, силно да ме потегне за да проверат дали брадата ми е вистинска…

Фото: Принтскрин/ Јутјуб (Просветно дело)

Исто така пред многу години една моја пријателка ме замоли да појдам до кај неа дома нешто да и донесам, јас бев облечен во костумот на Дедо Мраз. Кога влегов кај нејзе имаше едно гостинче од горниот кат од зградата кое чудно ме погледна…И реков да не се плаши дека јас сум Дедо Мраз и сум дојден малку да се стоплам бидејќи ирвасите ми се изморени од долгиот пат… Девојчето веднаш ми возврати – ‘нe `не постои Дедо Мраз така ми кажаа мајка ми и татко ми..’ И пријдов и ѝ реков ‘Како не постои, па еве ме до тебе жив сум, разговарам со тебе’. Девојчето кое имаше пет, шест години се замисли и ми рече: ‘Јас сега кога ќе си отидам дома на моите родители ќе им кажам дека сум зборувала до Дедо Мраз и дека тој постои и дека тие цело време мене ме лажеле’’.

Која досега желба убаво ве насмела, а која ве растажила?

Денешниве деца ми бараат ајфони, таблети додека порано дечињата беа задоволни и со пакетчиња, некое автомобилче, играчка…Искрено, имаат многу интересни желби се сеќавам кога едно детенце ми рече: ‘Дедо Мраз ние купивме земја сега ти треба да ни подариш трактор.’ Исто така едно детенце ми кажа дека сака вреќа полна со чоколади, а јас го прашав дали саkа да бидат со јагода или лешник, а тој ми побара само млечни да се.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб (Просветно дело)

Се сеќавам во една детска градинка кога едно срамежливо и малку исплашено девојче ми пријде и тивко ми шепна на уво ‘Дедо’, а јас и реков слободно викни јас сум стар не слушам, а таа ми рече ‘Не можам срам ми е да не ми се смеат другите деца’. Ја погледнав и забележав тага на нејзиното лице, срцето ми се скрши кога ова мало девојче ме замоли да направам нејзините мајка и татко да престанат да се караат и тепаат. Знаете, децата се нежни, искрени души со кои треба навистина внимателно да се постапува.

Ги посетувате и домовите за стари лица – како реагираат повозрасните на изненадувањето и кои се нивните желби?

Интересни се повозрасните лице, знаете тие се осамени, порано реткост беше да ги посети Дедо Мраз, но низ годините моите гостувања станаа традиција. На почетокот кога ќе влезев во просторијата сите ме гледаа чудно и молчеа, се додека не им викнев ‘Ајде здраво па ви дојде Дедо Мраз’.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб (Просветно дело)

Порано знаев да им однесам бонбони, но во изминативе години самите домови почнаа да им  прават пакетчиња, убаво е дружењето со нив.

Дали Вие имате неостварена желба?

„Неостварени желби имам многу, како не, секој човек има.  Но треба да бидеме свесни до кај се нашите можности и да не фантазираме многу, кој не сака нешто убаво ама ако сака нешто неостварливо тоа е за него големо оптоварување бидејќи ќе остане само фантазија. Само упорните, оние што имаат трпение и работливите успеваат. Упорноста секогаш се исплати“, ни вели дедо Мики.

Подготви: Берта Мартиноска

 

Facebook Comments
(Visited 133 times, 1 visits today)
Loading...