Повторно силувано 11 годишно девојче, овојпат во прифатилиштето – нов ужас во Приштина
Малолетно девојче повторно силувано во прифатилиште
Не помина ни година дена од силувањето на малолетното девојче кое беше силувано на свои 11 години во Приштина, а ваков злочин се случи повторно, објави во петокот Радио-телевизија Косово.
Како што пренесуваат медиумите, овој пат злочинот наводно се случил во прифатилиште.
Според наводите во емисијата, лицето што го извршило делото е друго малолетно лице, сместено во истото прифатилиште.
„Обвинителот за малолетници од Основното обвинителство во Ѓаковица на 16 мај донесе решение за подигање привремена постапка против малолетно лице, заради основно сомнение дека извршило кривично дело силување според член 227, ст 7 во врска со став 1од Кривичниот закон на Република Косово, кое е дело извршено против друго малолетно лице кое е сместено во прифатилиште“, пишува во потврдата добиена преку мејл од Основното обвинителство во Приштина за емисијата „Удхеве“ на РТК, пренесува Лајми.
Обвинителот наводно ги потврдил наводите дека девојчето е повторно силувано, пишува српскиот портал „Нова.рс“.
Косовската полиција наводно не сакала да го коментира случајот, но потврдија дека покренале постапка за кривично дело силување.
Министерството за внатрешни работи исто така не сакало да се изјасни, пишува гореспоменатиот портал.
Потсетуваме, минатата година во септември илјадници граѓани во Приштина излегоа поради случајот со силување на 11 годишно девојче во Косово. Како што тогаш објавија медиумите, единаесетгодишното девојчето било силувано од 17.30 часот до 00.30 часот од пет лица во еден од градските паркови во Приштина.
Овој морбиден чин се случи на 27 август 2022 година, кога правосилните органи отворија две различни постапки.
Тогаш во притвор заминаа петте лица кои се осомничени за силувањето, но и уште шестмина други, кои што го силувале истото девојче и го искористувале за сексуални услуги неколку месеци претходно.
Овој случај предизвика големи протести во Косово, а демонстрантите имаа неколку барања за тамошната влада.
Тие тогаш, покрај останатото бараа легализација на употребата и дистрибуцијата на спрејови за самоодбрана, смена на одговорните лица кои не ја вршеле добро својата работа, создавање на специјална единица за сексуално насилство во Косовската полиција, воведување предмет за сексуално образование во школите, како и правда и рехабилитација за лицата кои преживеале сексуално насилство.