„Не се мешам во туѓи судбини и ги почитувам туѓите одлуки“

Интервју со Викторија Лоба

Преубавиот глас и неодоливата харизма се она по што Викторија Лоба се издвојува од другите пејачки во Македонија. Таа изгледа прекрасно и на нејзините фотографии на социјалните мрежи каде на прв поглед ќе помислите дека станува збор за некој светски топ модел. Токму и затоа поразговаравме со неа за тоа кој е нејзиниот клуч за убавиот изглед, но и за некои други интересни женски теми кои можете да ги откриете во продолжение…

ADVERTISEMENT

Дали има моменти кога посакуваш да бидеш непрепознатлива? И на раат да испиеш кафе или да прошеташ со пријателките низ трговските центри без да го слушнеш она „Ех, ене ја Лоба“?

Точно така, не секогаш ми годи премногу внимание зошто во приватниот живот сум повеќе интроверт отколку екстроверт. Мојата комфорна зона е мојот дом и уживам да се наоѓам таму со моите најблиски.

Има еден интересен податок за мене, а тоа е дека ми е страшно непријатно да ме гледаат додека јадам и најчесто тоа се случува по ресторани кај нас затоа преферирам да ручам/вечерам дома.

За успешна врска дали е потребен компромис или едниот треба да се прилагоди на другиот?

Човекот не треба да се менува ако тоа не е пожелно за него, а поради туѓите желби и потреби најмалку. Во таквиот однос нема здрава врска и слобода. Вистинскиот збор е “прифаќање” тоа е волшебна особина која ја немаат повеќето, а е навистина доблесна особина зошто само така се гради стабилен однос меѓу било кои две индивидуи независно дали во врска, брак, на работа и.т.н. Друга работа е кога поради љубов кон другиот сакаме да се прилагодиме, да направиме компромис, а таа одлука не ни создава притисок и негативни емоции.

Во долга врска си, а во истото време успешно чекориш и ја градиш својата кариера. Колку Вашиот партнер има разбирање за она што го работиш?

За секаков вид на успех како што кажав потребно е прифаќање, љубов и поддршка . Без тие особини врската нема среќен крај 🙂

Имате интересни видео записи. Кога соработувате со некого му оставате одврзани раце или ја кажувате Вашата замисла за тоа како сакате да изгледа спотот за одредена нумера?

Постојано се мешам во режијата на моите видео записи затоа што имам визија и желба тоа да го пренесам на екран, сепак сум уметник и работам од срце. Преку моите песни и видео записи кажувам своја лична приказна, емоција, доколку не би се мешала тоа не би била јас и моите соработници го знаат тоа и секогаш ги реализираат моите идеи со заеднички сили. Им благодарам што имаат трпение 🙂

Кој Ви помага при изборот на модни парчиња при јавен настап? И колку сте спремни да пробате или експериментирате со некој нов стил?

Работам со стилисти и заедно експериментираме со мојот изглед и стил. Во секојдневниот живот настрана од сцената сакам удобна и едноставна облека која е со добар квалитет.

Постои ли парче облека што сте го купиле скапо, но никогаш не сте го облекле?

Немам таква облека, најчесто купувам доста облека со достапни цени, не сум обожавател на скапи марки. Единствено што можам да платам скапо се кондури или ташна, за мене е важно да се квалитетни.

Колку се исплати да бидеш инфлуенсер во Македонија?

Моментално сме во подем со тој смело ќе кажам бизнис. Но јас не сум класичен инфлуенсер, пред се сум пејач, артист и тоа не ми е примарна работа. Заработувам добро ако се мисли на “инфлуенсерски бизнис” но при тоа внимателно одбирам со кого работам затоа што имам одговорност спрема оние врз кои имам влијание. Не би сакала некој по моја препорака да има негативно искуство.

Што може да те разочара кај твоите пријатели и дали влегуваш во конфликт за да ја истераш правдината или си „тип“ на жена која знае да попушти?

Секогаш сум на страна на вистината но не сум конфликтна личност. Својот став секогаш сакам да го искажам, тоа најчесто се случува кога некој ми диктира или наметнува нешто во животот, додека јас никогаш не се мешам во туѓи судбини и ги почитувам туѓите одлуки.

Секогаш сум на страна на вистината! Не сакам НИКОЈ да ми наметнува нешто во животот

Која козметика ја користиш и како ја негуваш кожата?

За нега на лице користам „NovAge Ecollagen“ колекција од Орифлеим, а за здравјето и нега на моето телото се грижат во “Приве Медика”. Секако дека тука е и здравата исхрана и постојана физичка активност.

Некогаш си размислувала ли да преминеш во таборот на црвенокосите или црнките?

Не, од мала сакав да бидам плавуша како мајка ми 🙂

Кои се твоите планови за летово? И што е следно од Вас?

Летово многу ќе работам а во останатото слободно време ќе патувам: Русија, Европа и.т.н  Наскоро спремам нов проект за кој ќе дознаете на есен.

Подготви: Берта Мартиноска
Facebook Comments
(Visited 53 times, 4 visits today)