Никола Симовски: „Убаво е кога луѓето би биле повеќе спремни да разменуваат искуства“

Талентиран, млад и успешен уметник кој пандемијата го натера да замине од својата држава и својата егзистенција да ја побара во Велика Британија. Никола Симовски покрај тоа што е мејкап артисти тој исто така е и лиценциран специјалист по нега на лице и тело, како и специјалист за третмани на лице и правилна исхрана. За тоа каква е моменталната состојба со пандемијата предизвикана од Корона вирусот во Велика Британија како е да се живее таму во ова време прочитајте во продолжение…

Никола неодамна се пресели да живееш во Велика Британија, зошто одлучи да ја напуштиш Македонија и ја одбра токму оваа земја?

Точно дека направив еден нов обид во животот ако може така да се каже. Дали тоа ќе остане на долг рок или не, останува времето да покаже. Па искрено ако сте уметник, и сте зависни од креативноста, не е лошо од време на време да си поиграте со местото на живеење. Некако мислам навикнавме да си ставаме граници сами на себе. Некогаш треба да се повлечеш, да почнеш нешто ново за да се осознаеш самиот себеси. Не можам да зборувам за некој голем временски интервал, но за овој краток период мислам дека доста искористив за себе познавањето и што е она што го сакам. Британија беше полесна опција бидејќи тука имам членови од поблискиот круг на семејството.

Каква е моменталната ситуација таму предизвикана од пандемијата која го зафати Светот?

Додека бев во Македонија мислев дека тоа е најлошата моментална состојба, и некако си замислував дека само кај нас е така. Ама од оваа перспектива сфатив дека пандемијата никого не заобиколила па така и Британија. Многу луѓе се останати без работа, и доста голем број на затворени мали бизниси.

Какви мерки се презвемани до сега таму?

Во поглед на економскиот дел, државата многу повеќе им помага на бизнисите за разлика од кај нас, тоа го прави цело време од кога е почната пандемија. Што се однесува до заштитните мерки се знае, маска во затворени простории, секој локал има средства за дезинфекција. И покрај тоа што сега повторно има Lockdown, децата си одат на училиште, дозволени се прошетки низ парк, и купување на основни производи за домаќинство.

Како ви поминува денот во овој период?

Некако постојано се чувствувам поспано, па затоа навивам аларм наутро иако немам некој посебни обврски, сепак сакам да го одржувам темпото на ранобудец. На сабајле ми годи трчање во паркот кој што е блиску до местото каде што живеам. Тука и младите и старите практикуваат трчање, нешто што кај нас поретко може да се забележи. Останатиот дел од денот се трудам да се надградувам пошироко од облатка на козметологијата, што значи дека сека сум и акредитиран специјалист по нега на лице и тело, како и специјалист за третмани на лице и правилна исхрана.

Што најмногу ви недостасува од Македонија?

Дефинитивно семејството и пријателите. Едвај чекам да дојдам, во овој период и онака нема што многу да се прави било каде и да сте, освен нормално ако работата не ви зависи да сте физички присутни во одредена држава. За жал мојата професија беше една од најзагрозените со целата оваа ситуација, но се трудам да учам нови работи, и пробувам да се нурнам во некои нови искуства за мене, па може на крајот на краиштата да не биде се така црно. Внесувам секојдневно колорид во сивилото. Сиво ми е здодевно.

Каква е Велика Британија, а какви се британците?

На ова прашање и немам некој конкретен одговор, затоа што дојдов буквално во време на пандемија, и сум немал многу прилика да шетам и да запознавам луѓе наоколу.

Омилено телевизиско лице?

Политичкиот дел пробуваам вешто да го избегнувам. Што се однесува до забавниот дел, тоа е дефинитивно James Corden.

Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале?

Да имам авторска емисија. Некако се оддалечив од светот на медиумите, ама дел во мене остана уште голема љубов од радиото и телевизијата. Можеби ќе се случи кога би имале подобри услови и по слободни медиуми кои се спремни за соработка. Некако гледам дека културата речиси и да ја нема во нашите медиуми.

Која лоша навика сте успеале да ја победите?

Па дали сум ја победил тоа е дискутабилно, но пробувам да се слушам што повеќе самиот себеси. Гледам да се препуштам и на емоцијата но секогаш со резерва, уште ме контролира умот.

Како гледате на пријателите во животот?

На начин што не сакам и не знам да функционирам без нив. После пандемијава, мислам дека два дена би седел на кафе.

Најубавото нешто што ви се има случено поврзано со вашата работа?

Многу контакти, различни луѓе и различни приказни. Од секого се трудам да научам нешто ново. Доста слушам и сакам да помогнам. Она што го знам не го чувам само за себе. Убаво е кога луѓето би биле повеќе спремни да разменуваат искуства.

(Visited 165 times, 1 visits today)