„Некои луѓе ги бива за бројки, некои за ноти, тебе за зборови“

Интервју со Јана Мишо

Денес во улога на манекенка пред објективите на Ерина Богоева се најде Јана Мишо, писателката и авторка на романите „Анаис од Монмартр“, „Скоро парижанка“ и „Јас сум Миа“, како и прирачникот со дневник за патување, „Како се оди во Париз“. Повод за ова интервју беше нејзиниот последен роман „Јас сум Миа“, но секако дека не се задржавме само на него. Со Јана позборувавме за процесот на создавање, за нејзините ликови од романите, за градот кој ја инспирираше, но и за многу други теми.

ADVERTISEMENT

Како се јави Вашата љубов кон пишувањето?

Па, не се будиш еден ден со силна желба за пишување, па да се фрлиш на работа. Веројатно таа „љубов” прв пат се појавува откако ќе напишеш нешто од кое си задоволен, доволно за да си признаеш дека е добро. Чувството те освојува. Па, пробуваш пак. Пак си задоволен. И на крај сфаќаш – некои луѓе ги бива за бројки, некои за ноти, тебе за зборови.

Која е Вашата муза?

Луѓе. Не ми се омилен вид, да бидам искрена, ама имаат милион инспиративни начини на размислување и функционирање. Се што треба е да се фокусираш на тоа што те интересира, да го издвоиш од какофонијата што те опкружува, и од тоа да срочиш приказна.

Дали би можела во кратки црти да ни опишете како се одвива процесот на создавање на еден од Вашите романи?

Никогаш не го знам заплетот и крајот на романите кога ќе почнам да пишувам. Почнувам од идеја, од една единствена, изолирана ситуација и околу неа ја градам приказната. Главниот лик го градам понатаму според неговото однесување во таа ситуација, потоа споредните ликови според тоа какви луѓе мислам дека тој главен лик би имал околу себе, а остатокот од тоа што треба да содржи еден роман ликовите го креираат сами како резултат на нивниот темперамент. Ова прв пат вака ми успева да го сложам во објаснување, и мене ми е ново, ама изгледа дека е така.

Неодамна го промовиравте Вашиот роман „Јас сум Миа“, последното нешто од Вас. Ќе откриете ли за нашата публика, за оние што го немаат прочитано, за што се работи во него, односно која е Миа и од каде ја црпевте инспирацијата да пишувате за еден ваков интересен лик?

„Јас сум Миа” е делумно тест да видам дали можам да пишувам за толку млада публика, делумно успешен проект со цел да имаме книга во која ќе се пронајдат многу тинејџери. И успеа, но! Ликот и приказната како да добија нозе и од нешто што се вика „проект” многу брзо станаа нешто што освои еден куп луѓе и деца, кои се пронаоѓаат во приказната, ја шират, ја читаат и препрочитуваат и многу, многу ме радува тоа. Инаку, Миа е тинејџерка со прекрасни родители, брат и сестра што ја нервираат, симпатија што, божем не ја забележува и друштво што ја става пред неколку предизвици.

Дали и колку автобиографски елементи постојат во Вашите книги? И кој од Вашите ликови е најблиску до вистинската Јана Мишо?

Автобиографските елементи се ситни, скоро камео. Моите ликови паметуваат, дрдорат и гласно размислуваат, што значи дека низ приказните има многу интроспекција и дијалози, па природно е да вметнам мои размислувања. Два-три се базирани на вистински личности, некои ја пијат мојата пијачка, со некои делам хоби, со некои сум живеела на иста локација… Ако треба да изберам, најмногу имам позајмено од себе во „Скоро парижанка”, ама сепак, не се тоа настани колку што се размислувања. Пример: ми понудија да работам како танчерка во клуб на Пигал. Учтиво одбив, како и главниот лик во „Скоро парижанка”. Не продолжив да се дружам со човекот за жал, ама ликот во „Парижанка” да. Пример втор: стварно не ми ја примија картичката во еден ресторан во Париз, и стварно морав да го заложам телефонот како гаранција дека ќе извадам пари и ќе се вратам. Стварно размислувам дали случајниот минувач има некаков чуден и несекојдневен животен настан. Стварно работев во школо и ми беше неподносливо. Такви ситници.

Воодушевени сте од градот Париз. Ќе ни кажете ли што е она што најмногу ви се допаѓа во Градот на светлината?

Таму сум повеќе јас отколку на било кое друго место во светот.

Што е она што би можеле да го направиме за да го донесеме Париз дома? Да се чувствуваме како парижанка во Скопје?

Не знам. Има една книга: How to be Parisian wherever you are: Love, Style and Bad Habits, одлична е. Прочитајте ја, ако е тоа нешто што ви е точно, како ракавица, тогаш на добар пат сте.

Дали некое место во Македонија ве потсетува на Париз?

Ако морам да изберам, Скопје. Луѓето имаат сличен сензибилитет, ама и тие му се трошат на Скопје.

Покрај Париз, дали постои и некој друг град за кој би пишувала?

На истиот начин можам да пишувам само за градови што ми се вистински освоени и ги чувствувам како дома. Во моментот, тоа се само уште Скопје и Лондон. Ама најверојатно ќе почекаат.

Претпоставуваме дека Вашите романи повеќе ги читаат девојки бидејќи сепак станува збор за љубовни и романтични теми. Но дали имате некои повратни информации од машката публика и што велат ТИЕ за Вашите дела?

Моите книги можеби се со розеви и виолетови корици, и влегуваат во таа категорија на „женски книги”, ама настаните и ликовите во нив не се толку женски колку што се човечки. Барање раат, место под сонцето и соочување со предизвикот на наоѓање себеси на прагот на 30-тите не е ограничено само на жени, напротив. Слушам мислења од мажи на 17, 37 и 57 години и секогаш ми е забавно колку се позитивно изненадени. Можеби тоа изненадување се должи на некоја предрасуда за која не можеш ни да ги обвиниш, но драго ми е што се чита.

Бидејќи сме моден магазин, би сакале да ве прашаме дали ја следите модата и што мислите колку Македонките се модерни?

Мислам дека лесно достапните модни содржини на интернет, евтините летови и понудата (која е фала богу скроз поинаква од пред 20 години!) си го направија своето. Македонките се многу фино дотерани, и имаат осет за мода. Немаат толку храброст и чувство за индивидуалност, ама барем знаат што проаѓа и со што не можеш да згрешиш. Инаку, модниот свет го пратам скоро религиозно, иако лично не следам трендови, и мислам дека модата е многу цврсто вткаена во секоја пора на општеството, само што луѓето што сакаат за себе да кажат дека се „сериозни” многу слабо го сфаќаат тоа.

Какви ритуали за разубавување правите и без кои козметички производи и шминки не излегувате од дома?

Не отстапувам од отстранување на шминка пред спиење и чистење лице навечер. Пијам многу вода. За лице користам Embryolisse крем, за околу очи и за уста Homeoplasmine маст – и двете ги купувам во Париз во аптека. Повремено правам пилинг со кафеав шеќер и кокосово масло, и се трудам да не заборавам крема или млеко за сончање дури и кога одам до продавница, или на кафе.

Едвај два пати годишно ми се случува да излезам од дома без туш или молив за очи, инаку сум како боса. И тоа и носам во ташна, плус кармин, плус лабело. Потоа, антибактериски марамчиња или течност за раце, понекогаш и црн лак за нокти, и крем за раце.

Кои три парчиња се клучни во Вашиот плакар?

Фармерки, црна маица со кратки ракави и долг мантил. Ташни и кондури се менуваат.

Каква музика слушате и што најчесто гледате на Јутјуб?

Музика слушам криминално ретко, на Јутјуб го следам Џефри Стар, плус неколку канали врзани со шминка, комедија и уредување ентериери.

Омилена телевизиска серија?

Fawlty Towers, ненадминлива. Па, The Walking Dead и Rupaul’s Drag Race. TWD повремено знае да ме умори, Рупол никогаш.

Што би им препорачале на нашите читателки?

Да размислат за планирање сопствена модна капсула. Тоа значи фокусирање на две до три бои и инвестирање во 20-30 парчиња гардероба што меѓу себе можат да се комбинираат. Видете на Јутјуб „capsule wardrobe” – бескрајно го олеснува животот. Инвестирајте во добра ташна и добри чизми. Бидете отворени за учење нови работи и дозволете луѓето да имаат различни ставови од вашите. Разговарајте со себе. Научете да бидете сами со себе. Не им судете на луѓето. Правете што е можно пофини работи за себе и за блиските. Имајте разбирање за другите, ама не по цена на вашиот мир. Галете мачки кога ќе ви дозволат.

Кој е вашиот рецепт за подобар живот и кои се вашите планови за во иднина?

Мислам дека еден од побитните фактори за раат и подобар живот е да знаеш што не сакаш и да се ослободуваш со време од ситуации во кои не сакаш да се наоѓаш. Така ти останува време за нешта и луѓе што ги сакаш, и тоа треба да ти биде секојдневие. Многу е едноставно. Вакви од прилика ми се и плановите за во иднина.

Фото: Ерина Богоева

 

Facebook Comments
(Visited 127 times, 1 visits today)