Музиката НЕМА вирус – фолкерите и рокерите денес најавија многу ПОМАСОВЕН собир ако не ги прифатат нивните барања
Пејачите и музичарите денес протестираа пред владата
Со нив беа и сопствениците на угостителски објекти и ноќни клубови кои побараа итна средба со премиерот Зоран Заев. Тие протестираат поради тешкотиите со кои се соочува нивната дејност заради рестриктивните мерки што ги воведува владата, поради што веќе со месеци им е ускратено правото да работат. Тие трпат големи финансиски загуби и многумина од нив се пред банкрот, а од владата не добиваат соодветна помош што би им помогнала да излезат на крај со кризата предизвикана од епидемијата со вирусот корона.
Тие најавија дека доколку нивните барања не бидат прифатени не бидат донесени пакет мерки повторно ќе излезат на улица, и тоа многу помасовно. Даниел Сидовски во името на организаторите на протестот најави дека повторно ќе протестираат, и тоа многу помасовно, па дури и ако треба со шатори, како што тоа своевремено го правеше и сегашниот премиер на Македонија, Зоран Заев.
„И премиерот Заев беше на овие улици и си ги бараше правата со седење во шатори, па нека се стави во наша ситуација и нека се замисли во колкава бројка ќе се собереме тука, можеби и со шатори“, изјави Даниел Сидовски најавувајќи дека доколку не се прифатат нивните барања, следниот протест на 11 октомври би можел да биде многу помасовен, а луѓето многу пореволтирани заради целата ситуација.
Инаку, на протестот можеа да се видат многу познати лица, меѓу кои пејачите Наум Петрески, Ирена Спасовска и Сузана Гавазова како и голем број сопственици на познати ноќни барови и угостителски објекти.
Од фотографиите можеме да видиме дека сите носеа маски и се држеше пропишаното растојание меѓу присутните.