Мајка раскажува: Kога дознав дека син ми има момче….
Неверувањето ги тера родителите да се преиспитаат „каде погрешиле“ и „зошто баш нив ова им се случува“ како и „што сега светот ќе каже кога вистината ќе излезе на виделина“.
Моментот на вистината, кога родителите од своето дете ќе слушнат дека е хомосексуалец, е момент кој може да го уништи семејството. За многу родители овој момент веројатно е еден од натешките во животот.
– Тоа беше во јуни 2008 година, имавме продавница. Мојот сопруг еден ден влезе и го затекна нашиот син како седи со момче со кое тогаш бил во врска. Тогаш нашиот син помисли дека е вистински момент да му ја каже вистината на неговиот татко. Мојот маж, тотално шокиран, ми се јави да дојдам. Следеше мачна и долга расправија, а бурата од емоции предизвикуваше и постојани обвинувања – вели Ана, мајка на еден хомосексуалец.
Родителите не можеле да сфатат што нивниот син се обидува да им објасни. Не можеле да поверуваат дека детето со кој бил нивниот син е всушност негово момче, затоа што претходно нивниот син дома носел девојки.
Синот на Aнa сфатил дека неговиот избор им пречи на неговите родители, и затоа одлучил да го напушти семејството и да оди да живее со својот партнер. Следела нова сцена – таткото ја заклучил вратата од продавницата, со намера да го спречи синот да замине.
– Не сакав да си отиде… Во тој момент ништо друго не ми беше важно, само сакав мојот син да остане со нас. Но, ништо не можеше да го премисли. Реши да си оди по секоја цена. На крајот го замолив сопругот да ја отклучи вратата и да го пушти – се присетува Ана.
Револтирана, ги спаковала работите на нејзиниот син, но не од бес што ја дознала вистината, туку поради начинот на којшто тој одбрал да им ја соопшти.
– Во куќата завладеа тишина. Беше потребно подолго време да се смират страстите и секој да размисли со трезна глава – вели Ана.
Шокираните родители со месеци ја криеле вистината од помладиот син. Но не успеале да ги скријат болката и тагата. Поради тоа одлучиле отворено да разговараат со него, кој тогаш бил во пубертет. Неговата реакција била идентична како и на родителите – шок, бес, болка, неверување… „Одеднаш, целото семејство се чувствуваше изневерено, како цело време да живеевме во лага. Никогаш никој не се посомнева дека нашиот син е хомосексуалец. Бевме лути што ни кажа ненадејно.. Бевме лути што замина, што тој нас не нé сфати. Мораше да разбере дека не можевме веднаш да ја прифатиме неговата различна сексуална определба – вели Ана.