Марија Јаневска: „Најголемата битка е онаа во нас самите“

Интервју со Марија Јаневска

Младата писателка Марија Јаневска е личност која знае на крајно креативен и инспиративен начин да укаже на некои современи појави и феномени, со кои сите се соочуваме, но преку нејзините зборови ги доживуваме од еден потполно поинаков агол, а со тоа и подобро ги воочуваме и во самите нас. Ова посебно се однесува кога станува збор за љубовта и машко-женските односи. Имено, таа е авторка на популарната книга „Белешките на Лејла Грејс“, која од фан страница на Фејсбук прекрасна во ремек-дело во книжевна форма кое го носи истиот наслов. Потоа следуваше и нејзината втора книга „Карма“, а покрај книгите и нејзините љубовни цитати и приказни се по илјадници пати споделувани на социјалните мрежи. Но постојат и периоди кога е потполно изолирана и не отвора Инстаграм и Фејсбук, но затоа за книгите секогаш има време. Посебно за оние добрите. Нејзините херои, како што самата ни раскажа, се нејзините баба и дедо, од кои ја научила важноста на постојаната амбиција, но и рецептот за успех кој се состои од „труд, прецизност и упорност, зачинети со малку себичност“. За себе вели дека луѓето или ја сакаат или мразат, најчесто бидејќи не сака да ја познаваат, или, како што самата додава, премногу зборува, или збор не излегува од неа. Нејзините интереси одат во најразлични правци, од креативниот процес кога пишува и создава до онаа Марија која лута и фантазира во мислите кога работи во лабораторијата каде треба да остане фокусирана.

Но затоа со своите изјави и коментари секогаш успева да го задржи вниманието на читателите и да предизвика воодушевување. За што зборувавме со Марија и како таа се снајде во улога на фотомодел пред објективите на нашата фотографка Ерина Богоева, погледнете (и прочитајте) во продолжение.

Кои се твоите херои?

Мои херои од реалниот свет се баба ми и дедо ми, нека почиваат во мир. Од дедо ми ја научив важноста на постојаната неуморна амбиција. Според него за успехот има посебен рецепт, а тоа се четири важни состојки: „Труд, прецизност и упорност, зачинети со малку себичност“. Од баба ми Љубица научив како навистина се живее. Научив дека животот навистина е убав и дека секогаш изутрина ќе изгрее сонце.

Некој лик од книжевно дело во кој најмногу се пронаоѓаш?

До сега не сум се пронашла во лик од книга, но сум се пронашла во лик од филм. Тоа е Алис Ајрес која ја глуми Натали Портман во мојот омилен филм „Closer“. Моментот на се или ништо многу наликува на мене. Или сум тука за се и секогаш, или не сум. Луѓето или ме сакаат или ме мразат најчесто бидејќи не сакам да ме познаваат. Или премногу зборувам или збор не излегува од мене и сум целосно затворена. Или знаат се за мене или не знаат апсолутно ништо. Мојата глава е портал – ако влезеш, биди спремен и на урагани, но и на цели тони љубов и неуморна посветеност. Често сум ладна и себична затоа што луѓето не се спремни на се или ништо. Тоа ми е најголемиот страв.

Колку е променет твојот вкус на книги низ годините?

Во средно беше еден период кога приоритет во еден ден ми беше читањето книга. Како да се натпреварував сама со себе колку повеќе можам да прочитам. Од оваа гледна точка, самата љубов кон книгите можеби преминуваше во опсесија. Читав и купував книги премногу. Ретко изнајмував во библиотека бидејќи купените книги ги сакав само за мене и никогаш не ги давав на друг. Читав се и сешто затоа што бев љубопитна. Имаше периоди кога се навлеков на руска литература, па преминав на Хесе и долго време го препрочитував. Демијан ми е прочитана буквално 5-6 пати и целата е подвлечена и испошкртана. Ако некогаш некој сака да навлезе во психологија, од тука треба да почне, од Демијан. Оваа навика на читање се’ од чисто љубопитство никогаш нема да ми се промени. Едноставно самиот диверзитет ти дава шанса да погледнеш од сечија перспектива и ти го отвара погледот на светот како никогаш до сега. Според мене, ако не си ја разбрал една книга, се` уште не си созреан за неа. Не можеш да погледнеш од перцепцијата на писателот. Не можеш да навлезеш во неговиот свет, а со тоа и не можеш да го уживаш на оној начин на кој што треба да се ужива една книга. Секоја книга е различен свет, а ако не можеш да ги пропатуваш, зошто тогаш би читал книги?

Младите денес се’ помалку читаат книги. Што мислиш зошто е тоа така?

Моменталната тинејџерска генерација е една тажна генерација бидејќи се` уште ја нема разбрано вредноста на книгите. Технологијата и социјалните мрежи успеаа да стават превез на сето она што литературата значеше во мое време, кога јас растев. Јас пораснав гледајќи ја мајка ми како заспива читајќи книга во својот кревет под столна ламба на ноќното масиче. За мене секојдневното читање беше начин на живот, беше секојдневна обврска, слично на четкање на забите. Ако се грижиме за нашите заби или за нашето тело вежбајќи, зошто не би се грижеле и за нашите мисли? Новите генерации дефинитивно се’ помалку читаат. Понекогаш се запрепастувам од неукоста кога ќе се соочам со некој кој речиси и да не знае кој е Достоевски, кој е Хесе, Хемингвеј, Фокнер, Толстој или Буковски. Не сакам ни да прашувам дали знаат која е Шевалие или кој е Мураками. А за уште поновите автори не сакам ни да помислам. Е да, ама затоа ги знаат сите серии на „Netflix“. Да се разбереме, и јас гледам „Netflix“, но за се може да се има време.

Што мислиш, каде е проблемот?

Проблемот го гледам во домот. За мене секогаш се` почнува од домот, се` почнува од првите години и од нашите родители и баби и дедовци. Родителите се тие кои имаат задача да ни ги втемелат тие вредности в коски. Дедо ми од мои 3-4 годинки седел со саати секој ден со мене и ме учел. Мајка ми поминувала саати учејќи ме да пишувам, множам, делам, собирам, па дури и плетам или готвам. Да, вистина е дека знам да плетам. Па баба ми ме учела како се хекла – се кладам дека да прашаш било кој од денешните тинејџери нема да знае да ти каже што е хеклање. Во прво одделение бев една од ретките која знаеше и математика, и да пишува и да чита. Во мојот дом од секогаш имало многу љубов, но и многу правила и дисциплина. Ако родителот со својот пример не ти посочи како треба да го живееш секојдневието и што е вистински важно на долги стази, како ќе знаеш да ја направиш разликата? Татко ми и мајка ми се пример за тоа како еден дом треба да изгледа и кои се вистинските вредности во животот. Од нив научив како изгледа една вистинска безвременска љубов и како се сака, но и што е уште поважно како се почитува партнер. Моите ме научиле не како да ги „залепиме“ скршените работи, туку како да не ги “скршиме“. А потоа и се останато, вклучително и колку е важно образованието и читањето книги.

Колку и да не чини образованието или општеството, ако ти знаеш што е правилно, ништо нема да те спречи да го правиш тоа.

Што читаш во моментов?

Во моментов ја читам „Жени без мажи“ од Мураками. Иако моментално професијата од мене бара секојдневно читање на научни трудови и стручна литература, тоа не значи дека не наоѓам време и за некоја добра книга. Има време за се’ ако се сака. Секогаш велам дека не постои немање време, постојат приоритети.

Некој филм или серија што би им ја препорачала на нашите читатели?

Мој омилен филм е „Closer“. Имам две омилени серии, Сексот и градот и „Grey’s anatomy“. Сигурна сум дека речиси и да нема некој кој не изгледал барем една епизода бидејќи се легенди на филмското платно.

Од кој сликар би сакала да имаш слика на ѕидот?

Искрено, често се поистоветувам со Фрида Кало во креирањето. Како што во една книга ја барам причината поради која е напишана, истото важи и за сликите. Што е тоа што еден уметник го натерало да го создаде тоа дело? Која е таа толку силна емоција од која произлегло? Кога креираш тоа е посилно од тебе, како река која оди и не застанува – ти се движат рацете по типките од тастатурата и течат зборови. Истото е и кога црташ, некоја виша сила ти ја движи раката. Сликата „Dos Fridas“ која Фрида ја има нацртано по разводот со Диего би ми била исполнување на еден сон, бидејќи до сега не сум наишла на слика која ми зборува повеќе за болка од таа. Од секогаш велам дека држењето нешто со сила боли многу повеќе отколку пуштањето. Фрида го има опишано токму тоа. Таа не знаеше да го пушти Диего и се омажи за него повторно, една година подоцна.

Дали социјалните мрежи не отуѓуваат или не зближуваат?

Овде повторно би рекла дека се е до дисциплината и поставувањето на јасни граници. Социјалните мрежи ни се помошна алатка, но доколку не знаеме да ги користиме или дозволуваме тие да не „користат“ нас, тогаш да, тие ќе не оттуѓат. За жал ова важи за грото луѓе и затоа сметам дека се повеќе навлегуваме во една оттуѓена ера. Свесноста за оваа оттуѓеност е добар знак дека можеби сите ние како колектив ќе промениме нешто во блиска иднина. Но, вистината е дека ние како генерација живееме во едно многу лошо време.

Колку си активна на социјалните мрежи и дали и како се обидуваш да влијаеш на твоето моментално опкружување и општеството?

Мојата активност на социјалните мрежи се менува зависно од мојата професионална ангажираност. Имам периоди кога сум присутна и доста се социјализирам, но има и онакви кога сум целосно изолирана и едвај отварам инстаграм или фејсбук. Искрено, не знам како влијаам. Се обидувам да не следам трендови на инфлуенсерство, туку да сум онаа природната јас. Оние кои вистински ме следат, го знаат тоа. Радосна сум кога ќе сфатам дека сум влијаела на дел од помладата генерација. Не со моето пишување, туку со мојот начин на живот. Постојат многумина кои ме следат и се поистоветуваат со мојата професионална посветеност, а не ми ги прочитале книгите. Не секоја книга е за секого, меѓутоа влијанието доаѓа од восхитот или желбата да се поистоветуваш со нечиј начин на живот. Мило ми е кога ќе слушнам дека некого сум измотивирала или инспирирала да чита повеќе и да сака да се развива секојдневно.

Освен што си позната како писателка, имаш и друга интересна професија. Како ги спојуваш тие два света?

Не ги спојувам. Мислев дека можам да ги спојам, но погрешив. Долго време не знаев да направам чиста граница и да ја исклучам логиката и критиката кога креирам, и обратно, да ја исклучам онаа Марија која лута и фантазира во мислите кога работам во лабораторија каде ми треба фокус. Често се случуваше да пипетирам и да одлутам со мислите, а да ми треба фокус за анализата. Или пак да не можам да напишам две реченици затоа што логичарот и критичарот во мене сака се да е совршено, а нема совршено во креативноста. Затоа се трудам кога сум во болница максимално да се фокусирам и да се посветам, а кога ќе заминам да ја заклучам таа моја страна и да ја оставам таму. Кога влегувам дома повеќе нема простор за критика и логика – си дозволувам целосно исклучување за да можам да креирам без да се осудувам. Долго време ми требаше за да се истренирам да можам да го правам тоа. Знаете како велат – најголемата битка е онаа во нас самите.

Колку е храброста потребна за да се исполни целта?

Храброста е единственото нешто кое ни треба според мене. 🙂 Храброста да повлечеме линија. Храброста да пробаме нешто ново. Храброста да го направиме првиот чекор. Храброста да згрешиме. Храброста да речеме не, но и храброста да речеме да. А што ако ни биде возвратено? А што ако навистина за да ни се исполни желбата се што требало да направиме е да побараме?

Дали е време жените во овој машки свет полн со стереотипи конечно да ги преземат работите во свои раце?

Мислам дека жените веќе ги имаат превземено работите во свои раце. Ова не е ново. Да беше ново, немаше да сум овде каде што сум и немаше да го имам постигнато тоа што сум го постигнала (а сум постигнала и повеќе од тоа што сум зацртала). И не сум само јас, познавам еден куп жени кои се поуспешни или еднакво успешни како и мажите во тој сектор. Мислам дека рамноправноста се помалку е проблем, но сега постои еден поголем проблем каде женственоста почнува да биде на моменти занемарена. Не треба да заборавиме дека една жена може да биде и амбициозна и силна, но истовремено и женствена, емотивна и нежна. Тие поими не се антонимни. Повеќето силни жени го забораваат тоа.

Како да се разбудиме?

Треба да сакаме да се разбудиме најпрво. Да сакаме да ја прифатиме реалноста. Знаете, полесно е да си живееме во нашето совршено царство, во нашата кристална топка и да вртиме глава од другата страна на перницата секогаш кога сонцето ќе изгрее и ќе се обиде да не разбуди. Реалноста е болна, но не можеме да ја подобриме ако не се разбудиме. Повеќето од нас, не сакаат да ја прифатат реалноста и затоа и бираат да живуркаат наместо да живеат. Имаме се повеќе луѓе кои на својата смртна постела сфаќаат дека не се спремни, дека не проживеале токму затоа што не се разбудиле на време. Секогаш е време. Биди искрен, директен, без филување, секогаш кажувај што мислиш, не дозволувај да ти го трошат времето, но и не го троши туѓото време. Збори. Знај што сакаш и бори се за тоа. Плаши се, но не дозволувај тоа да те парализира. Прости, но што е уште поважно дај си шанса да ти биде простено. А ако некој не може да ти прости, прости си самиот. Заслужуваш.

Што треба да направиме за да ни биде подобро?

Да си ги следиме срцата и интуицијата – „она“ во стомакот што ни кажува „оди“ или „стој“, она што ни кажува дали да тргнеме лево или десно, или пак воошто да не почнуваме да одиме по одреден пат. Најлесно е да се откажеме. Најлесно е да изгубиме некого. Има живот и после тоа. Но, каков?

Какви особини треба да има еден маж за да те освои?

Да биде искрен и кон мене и кон себе. Да ми верува, да знае да чека и да дава шанси и кога не ги барам затоа што јас никогаш нема да побарам. Да биде храбар кога јас не сум. Колку и да изгледа дека можам се, некогаш не сакам да можам се. Сакам да знам дека ќе има некој кој ќе биде тука да ме замени. Макар и на 5 минути.

Какво беше твоето детство?

Еден од најубавите периоди во мојот живот. Мајка ми ме научи дека се сака со дела, а не со зборови. А татко ми? Па и до ден денес сум татина маза. Среќна сум што имав безгрижно детство.

Дали некогаш си размислувала каква ќе бидеш како мајка и што е она што би сакала да го научат твоите деца?

Се надевам дека ќе бидам добра мајка. Сигурно ќе правам грешки, но ќе се трудам да бидам најдобра. За мене грешки не прави само оној кој не се обидува да биде подобар. Едно сум сигурна, моите деца ќе ја имаат мојата безрезервна љубов и поддршка цел живот. Они да се среќни, јас секогаш ќе се приспособувам.

Кога да очекуваме нова книга?

Се надевам за некој месец. Има една приказна во мене што ме натера да пишувам повторно после 7 години. Без да сакам, сама се напиша и се уште се пишува. Се уште не знам што се случи и што ми ја разбуди креативноста толку многу, но со ова темпо верувам дека ќе ја завршам многу брзо.

Фото: Ерина Богоева
(Visited 1.257 times, 1 visits today)