Принцезата Шарлот, ќерка на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, успеа како и секогаш да го привлече вниманието на целата јавност. За неколку дена, поточно на 2 мај, слатката Шарлот ќе наполни пет години.
Иако британското кралско семејство ги обожава родендените на најмалите, оваа година, за жал, поради пандемијата со коронавирусот, повеќето од нив ќе поминат без прослава. Пред неколку дена, принцот Луис го прослави својот 2 роденден, а за неколку дена и неговата постара сестричка ќе ги дувне повторно свеќите на тортата, но овој пат сама.
Британската принцеза својот петти роденден ќе го прослави со торта и игра, а со својата баба, кралицата Елизабета Втора, која неодамна наполни 94 години, ќе се види преку интернет.
Кралицата со својот сопруг престојува во замокот Виндзор, недалеку од Лондон. Според извор на британскиот магазин „The Sun“, принцот Филип е многу приврзан кон малечката Шарлот и одвај чека тој и неговата сопруга преку видео повик да учествуваат во прославата.
Вилијам, Кејт и нивните три деца – шестгодишниот принц Џорџ, славеничката Шарлот и двегодишниот принц Луис моментно се во изолација во Норфолк, во вилата Анмер Хол. Како што одговара на една принцеза, иако нема да има голема прослава и многу гости, Шарлот ќе има празничен ручек и убава торта. Имено и оваа година, како и секоја, мама Кејт ќе биде задолжена за тортата и вкусните колачиња.
„Обожавам да правам торта“, изјави неодамна Кејт, а пренесе британскиот магазин „Hello“.