„Македонецот може лесно да го прими шведскиот менталитет“

Пет минути со македонскиот виртуоз на кларинет Благој Ламњов

Благој Ламњов е наш истакнат музичар кој веќе подолго време живее и твори во Шведска. Зад себе има богата музичка кариера, исполнета со настапи низ целиот свет: во Јапонија, Кина, Америка, Канада, Европа. Музиката што ја создава има најголемо влијание од македонската народна музика, но помешана уште со неколку други стилови на музика, отсвирено со елеганција на класичната музичка традиција и класичниот тон на кларинетот. За Швеѓаните ќе каже дека се прилично трпеливи и тивки и никој никому не му се прави паметен туку се трудат да научат што повеќе од ден на ден. Се чувствува страв и паника за коронавирусот, но не е толку изразена  како во некои земји.

Благој како е да се биде Македонец во Шведска, колку лесно или тешко се снајде со нивниот менталитет и начин на живот? Колку време ви требаше да го совладате нивниот јазик?

Се ова зависи од желбата и одлуката на самиот човек, дали сака да стане токму тоа што Шведска ја прави тоа што е , што Шведска има таква репутација во светот каква што има. Кога ја видов пред се грижата на овие луѓе кон општеството, кон светот, кон нивниот соговорник, кон колегите, кон комшиите, итн. не можев да останам рамнодушен и да не почнам да примам и учам од нив. Многу е лесно и верувам дека речиси секој Македонец може да го прими шведскиот менталитет и убедливо верувам дека би го посакал тоа од кога би имал прилика да види колку ова однесување на овој народ го прави општеството поубаво и полесно за живеење. Јас станав тоа, станав Швеѓанец во моето однесување кон светот, а останав Македонец во мојот дом.

Како дојде до тоа својот Факултет да го продолжиш токму во Шведска?

Тоа се случи во 2004-та година. Тогаш веќе бев втора година на факултетот за музичка уметност во Скопје кога сфатив дека програмата на факултетот не ми се допаѓа. Прашањето беше Америка или Шведска. Америка поради целосните стипендии кои некои факултети ги поклонуваат на најдобрите студенти, а Шведска затоа што мојот постар брат веќе живееше таму со неговото семејство. Одбрав прво Шведска. Ја испратив мојата снимка за приемен испит и добив одговор дека сум примен. Така од август 2004та почнав на музичката академија во Малме при универзитетот Лунд. По дипломирањето, во 2008-ма заминав за Америка и продолжив со моите постдипломски студии во Чикаго (Илинои) и во Ист Ленсинг (Мичиген). Во 2014-та повторно се вратив во Шведска каде што сега живеам и работам за дел од најголемите културни институции.

Како се роди љубовта кон кларинетот?

Да се почне да се изучува еден музички инструмент на 9 годишна возраст значи да желбата е или на самото дете или на родителите. Во мојот случај иницијативата беше и моја и на моите родители. Таа желба за да почнам да го изучувам кларинетот ми ја створи мојот постар брат кој почна да свири кларинет кога јас имав 5 години. Како тој напредуваше така јас се навикнував на тој тон на кларинетот, подеднакво во класичната и народната музика. Така што на 9 годишна возраст на приемнито испит во музичкото училиште во Велес едноставно реков: “Сакам да свирам како бато.”

Во едно ваше интервју прочитав дека имате желба да настапите со Лејди Гага. Дали некаде во вашите мисли стои некоја понуда до неа или ваша замисла како би настапиле заедно?

Сонот и надежта на едно човечко суштество се нешто кое никој на светот не може да му ги земе, ако сам не дозволи. Сонот на еден човек е токму тоа кое ја зајакнува инспирацијата и секојдневно ја регенерира енергијата потребна за работата која ни е неопходна за остварување на самиот сон.

Надежта пак му служи како еден столб на нашиот сон, или така речено како “ветер во грб”. Знаете, исто како за време на оваа светска криза кога слушаме секојдневно од луѓето што не опкружуваат “Ќе биде! Ќе биде!”. Тоа е таа надеж и тој сон кои мене ми создаваат возбуда каква што ја имал Стив Џобс и на само 19 години верувал дека ќе го смени светот. Рекол дека оние кои се доволно луди да мислат дека можат да го сменат светот се токму тие кои уствари го менуваат. Така, тие мои соништа да еден ден застанам на иста сцена со најголемите поп звезди во светот, како што е Лејди Гага, ми отвараат многу други врати. Идеја за понуда и реализација имам но свесен сум дека сето тоа морам да го одгледувам , да созрее добро, и пред се да растам во музичката индустрија за да еден ден таа моја желба за соработка стане обострана, подеднакво нивна желба.

Од каде ја црпите инспирацијата за нова музика?

Јас сум музичар кој не компонира размислувајќи. Јас не ја барам инспирацијата седејќи со молив в рака и хартија пред мене. Јас не размислувам кога пишувам музика. Тоа што го запишувам на хартија е веќе запишано во мојот внатрешен слух, веќе сум го слушнал некаде внатре во мене. Тоа доаѓа само и не во било кое време. Морам да влезам во тоа мое засолниште на мечтаење и носталгија кон нешто или некого, за да би напишал искрено. Некогаш не можам да напишам една мелодија неколку месеци, а дури и да се потрудам ќе звучи неискрено, празно, без посвета. Дури од кога ќе напишам една мелодија што излегла искрено од мене, дури тогаш седнувам и размислувам на корекции и работам на детали. Некои од моите песни без зборови во мојот албум Носталгична Љубов (Nostalgic Love) ги имам пишувано во период дури и од неколку месеци.

Покрај создавањето музика и настапи на кои други места сте ангажирани?

Овде во Шведска до сега имам работено за Операта на Малме, театарот на град Стокхолм, филхармонијата на Хелсингборг, имам предавано на универзитетот на Гетеборг и универзитетот на Лунд. Конкретно оваа сезона, 2019/2020 работев осум месеци во театарот на град Стокхолм. Во јануари свирев како солист со симфонискиот оркестар на Норшопинг, овде во Шведска. А од август ќе почнам во операта на Малме и ќе работам цела есен. Ги одржувам овие контакти со овие големи Шведски институции а паралелно и работам на развивање на мојата соло кариера.

Дел сте од театарот на град Стокхолм, во мјузикалот “Fiddler on the Roof“. Како дојде до соработката?

Ова се случи на многу интересен начин. Одговорниот за оркестарот во оваа продукција, работеше во операта на Малме во текот на ланската сезона кога и јас работев таму. Двајцата случајно се најдовме на концерт во куќа, во домашен амбиент, каде јас бев дел од концертот. Од кога завршив со мојот настап дојде и ми понуди да работам со него следната сезона во театарот на град Стокхолм. Ми кажа дури и дека неколкумина негови колеги од операта на Малме му го спомнале моето име. Тоа се убави моменти, кога некој ќе ви понуди работа како резултат на таква една неофицијална аудиција.

Албумот содржи звучна панорама од македонски фолклорни мотиви до извонредни џез-композиции. За каква носталгија станува збор? Кој работеше на него и што симболизира јаболкото на обвивката на ЦД-то?

Да почнам со јаболкото на предната страна од обвивката на ЦД-то. Таа фотографија која ја наслика Роберт Крстевски, преубаво ја опишува не само музиката во мојот албум, туку и чувствата што мојата музика ги буди кај слушателот. Потоа таа конекција помеѓу тие разбудени чувства на слушателот и самите чувства што се кријат во мојата музика отвара еден нов прозорец, така речено, преку кој човек почнува да го гледа светот попитомо. Како што легендарниот саксафонист Џон Култреин рекол: “ќе употребувам музика за да пробам да те натерам навреме да го зграпчиш врвот на љубовта, да не би останал само затвореник на времето. Така ќе бидеш креатор на еден поубав свет.” Тоа е тоа што јас пробам да го правам. За да би го постигнал тоа, морам прво јас самиот да ја допрам и почувствувам таа највисока љубов.

Тоа е беше моето засолниште во моментите кога ја пишував музиката за мојот албум Носталгична Љубов (Nostalgic Love).

Како помина промоцијата на албумот во Македонија, а како во Шведска?

Промоциите во Велес, Штип и Скопје минатата есен ми покажаа колку нашиот народ е полн со љубов и колку многу сака истата да ја прима и дава. Коментарите им беа дека се почувствувале како да се во Шведска, како да сум им го донел светот во Македонија. Тоа ми значеше многу, особено поради мојата мисија за која ви раскажав во претходното прашање. Многу луѓе го купија албумот и покасно ми пишуваа дека го слушале секој ден. Во Шведска пак не направив класична промоција на албумот. Промоцијата се случи на дигиталните музички платформи ширум светот, како што се: Apple Music, iTunes, Spotify, итн. Неодамна албумот е поставен и на јутуб и може бесплатно да се слуша, се со цел да допрам до една категорија на луѓе до кои ми е најтешко да допрам во моментов.

Каде сте настапувале и кои се вашите најголеми успеси?

Првата моја турнеја се случи на 13 годишна возраст со детскиот фолклорен ансамбл “Буба Мари“ при пионерскиот дом во Велес. Од тогаш до сега имам свирено низ половина Европа, Кина, Јапонија, Америка и Канада. Тоа се сите мои успеси подеднакво важни. Искрено, до пред неколку години можев да издвојам но сега веќе неможам да набројам кои се моите најголеми успеси. Во последно време како успех ја сметам постигнатата моја цел за која ви раскажав во претходните прашања, да луѓето што ќе ме сретнат и слушнат откријат нешто ново за себе и ја откријат питомата страна на овој свет во кој живееме. Покрај тоа, јас на настап одам со голема љубопитност, да видам колку знам и колку ќе научам таа вечер, подеднакво понесувајќи ја со себе и одговорноста да отсвирам на нивото како што очекува организаторот и публиката. На крај, сметам дека во било која професија, кога човек го работи тоа што го сака и што го исполнува, тоа што му е интересно и што го смирува и прави среќен, тоа е најголемиот успех кај секој.

Што можеме да очекваме во иднина од Благој?

Продолжувам и понатаму да сонувам, да верувам, да се надевам и да ја дизајнирам мојата сегашност и иднина како што сакам, како што ме прави среќен. Работам на мојот втор албум и на мојата соло кариера, а истовремено ги одржувам контактите со сите овие Шведски институции каде сум работел до сега и се трудам да го проширам тој круг. Исто така, сакам да се реализира една турнеја низ Македонија со моја музика од Nostalgic Love и со музичарите кои свират во албумот. Огромна желба ми е да потрошам една цела сезона во Македонија и да свирам со наши музичари и работам со наши актери во некои претстави во театар. Ми недостасува нашата енергија и тој наш еснавски дух.

Ако се биде во ред, во Декември ке настапам во Македонија како солист со камерниот оркестар Скопски Солисти.

(Visited 76 times, 1 visits today)