Кристина Арнаудова: „Мајчинството е најубавата и најтешката работа во исто време“

 Пред 6 години ја формираше организацијата Проект Среќа со цел да помогне на дечињата од семејства со социјален ризик, на кои што им е најпотребно, а денес веќе работи на нов проект насловен „Проект Куќа“. Пејачката и автор Кристина Арнаудова која веќе некое време е отсутна од музичката сцена е сопруга и мајка на Матео и Максим. За тоа колку ја промени мајчинството и што ја прави горда мајка како и за проектите на кои што работи прочитајте во продолжение…

Веќе шест години како што е формирана организацијата „Проект среќа“, која беше идејата, и колку сте задоволни од она што е реализирано досега?

Ја основав Проект Среќа бидејќи знаев дека на многу деца со помалку можности има начин да им се помогне да имаат поквалитететн живт, да имаат можности како нивните врсници, да имаат знаења и убави моменти кои им недостигаат, но ете, тоа некој треба да го сработи….Имаме бесплатен летен камп ,,Шарено лето“, го основав и првото бесплатно училиште за музика и уметности ,,Гитари дирки и свирки“, каде децата учат да свират гитара и клавир, и се социјализираат, исто така имаме детско драмско студио бесплатно за сите деца, веќе 3 години, школска опрема за стотици деца, родендени, лизгалиште, забава, театри, зоолошка, се што не можат вообичаено да си дозволат. Јас сум задоволна, но за жал поддршката која ја добиваме од институциите, држава, компаниите е премала за да продолжиме…..најчесто нашите проекти на јавните повици се одбивани, па јас постојано наоѓам алтернативни начини да се финансираат и да преживееме….Се надевам дека ќе успееме, иако во овој момент ситуацијата не е добра и не знам ни самата веќе како понатаму. Би сакала да имав милиони и самата ќе ги инвестирав во сите работи кои од деца социјални случаи ќе направи среќни и реализирани луѓе, но за жал немам….

Вашиот најнов проект е насловен „ Проект куќа“, за што конкретно станува збор и кој се може да се вклучи?

Проект куќа е ТВ проект кој ќе почне со емитување на ТВ од септември….моментално работиме и градиме….Произлезе од проектот Топол дом за сите, каде имав идеја за Нова Година да им се помогне на 10 семејства да имаат нормален дом, на нивните деца да имаат кров, тоалет, топол дом….Потоа сфатив дека спонзорите полесно се вклучуваат кога добиваат реклама, па така од нигде никаде, одлучив преку ноќ да снимаме емисија….. Може како спонзори да се вклучат сите компании и физички лица, а домови ќе добиат многу семејства….Сепак тоа најмногу зависи од спонзорите, и до општеството. Позади мене во овој проект не стои машинерија и продукција, туку самата јас, со мојата упорност и некое име кое го имам. Решив тоа име да го искористам да создадам среќа за многу деца….. Се надевам дека со тек на времето и јас ќе имам своја екипа, која ќе работи со мене. На страницата на Проект Среќа и Проект Куќа може да се пријави секој кој смета дека му е потребна помош, а потоа нашата комисија го разгледува барањето и одлучува, бидејќи не е возможно да им се помогне на сите….

Ве инспирираше ли нешто посебно во овој период, (период на пандемија) нов начин на живот за сите?

Па мислам дека сите не натера да размислуваме повеќе за животот, за приоритетите, за тоа колку е краток животот. Јас го искористив да поминувам повеќе време со семејството, да размислувам за нови проекти, сменив начин на исхрана, кој ми го смени и животот, работам најчесто од дома, па сфативме дека многу работи може да сработиме и онлајн….

Која е вашата утринска рутина, како ви започнува денот?

Стануваме рано, го спремам Матео за градинка, им правам сокче и овошје, а потоа кога сопругот и Матео заминуваат, си цедам сок од морков, и јадам бадеми, а потоа пијам кафе на тераса….потоа набрзина сработувам домашни работи, па отварам комјутер и почнувам со тековни обврски кои тој ден ме чекаат…..

Колку и како ве промени мајчинството?

Мајчинството е најубавата и најтешката работа во исто време…Менува доста….јас станав многу емпатична, сосема несебична, од тој момент веќе никогаш не сте вие на прво место, можеби за жал, но тоа станува нормално….

Што ве прави горда мајка?

Не знам, мајките се горди на се, најмногу сум горда што се деца полни со љубов, културни и љубезни со другите, што секојдневно си кажуваме по сто пати дека се сакаме…А среќна сум и благодарна што се добри, здрави живи и ништо повеќе не барам!

Може ли вашите синови да тргнат по стапките на мама, па и тие да се занимаваат со музика и хумани дела?

Се надевам хуманоста да ја пренесам на нив, да им објаснам зошто го работам тоа, и дека тоа треба секојчовек да го прави….Поголемиот син свири гитара, и се радувам што сака да свири, и што свири убава рок музика…Помалиот многу сака да пее, но не сака пред публика. Нека се тие здрави и живи па каде ќе ги однесе патот јас ќе бидам тука и ќе им чувам грб, ако има потреба некогаш….

Кое е вашето животно мотно?

Сите негативни нешта и трауми кои ви се случуваат претворете ги во лекции, и само така ќе пораснете во среќна и реализирана личност. Се лошо има цел само да не научи за нешто…Секое лошо за добро е.

Што ве исполнува и прави среќна?

Убав сончев ден, моето семејство, кога ќе ја видам насмевката и сјајот во очите на луѓето на кои им помагаме….

Што најмногу ви недостасува во ова време на пандемија?

Како и на сите, дружба, луѓе, муабет, пријателите, слободата…Се чувствува како заробена малку…..Но битно е дека сме здрави и живи! Ништо поважно од тоа!

Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале?

Да летам со падобран, да сум добар шофер на кола (не сум), да го пропатувам цел свет, да родам ќерка!

Која лоша навика сте успеале да ја победите?

Нездрава исхрана, трошење време на небитни нешта…..

Што следно на музички план може да очекува публиката од Кристина?

Немам појма, веќе некое време сум на пауза, а дали и кога таа пауза ќе заврши не сум одлучила…..

(Visited 140 times, 4 visits today)