„Колку повеќе личноста има креативен ум со идеи, толку изолацијата ќе биде полесна“

Интервју, Гламур со психологот, психотерапевт и писател Дора Попова Узуновскa.

Кога една личност е склона кон чувството на страв, таа ќе се плаши во секоја ситуација што ја носи надвор од нејзината комфорна зона, па така и новонастанатата ситуација нема да биде исклучок.Колку повеќе личноста има креативен ум со идеи, толку изолацијата ќе биде полесна….На тема за стравот од  епидемијата на коронавирусот  како тој влијае врз брачните односи, како полесно да поминете во самоизолација разговаравме со психологот, психотерапевт и писател Дора Попова Узуновскa, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ .

 

Останете внатре, не излегувајте од дома. Ова се најчестите пораки што ги слушаме деновиве. Оваа кризна состојба, има тенденција да ги зголемува емоциите на страв?Како да се справиме со ова чувство?

 

-Стравот е наше лично чувство кое доаѓа одвнатре, а не од надвор. Во ситуацијава има поединци кои воопшто не се исплашени, малку се исплашени и многу се исплашени. За тоа колку некој е исплашен во голема мера зависи од внатрешните карактеристики на личноста и каков е нејзиниот ментален склоп, независно од ситуацијава. Сигурно дека еден хипохондрик по “природа“ е многу поисплашен од некој кој не е хипохондрик. Кога една личност е склона кон чувството на страв, таа ќе се плаши во секоја ситуација што ја носи надвор од нејзината комфорна зона, па така и оваа со коронавирусот нема да биде исклучок.

Сепак се согласувам дека во новонастанатата состојба сме бомбардирани со многу силни пораки од надвор кои директно го напаѓаат основното чувство на безбедност кое повторно е чувство што доаѓа одвнатре, меѓутоа е многу длабоко, па за човек да го задржи, односно да се чувствува безбедно во својата кожа, независно од состојбата треба да има голема сила и свесност. Што се однесува до справувањето, можам да ви кажам обидете се смирени да останете, меѓутоа никој не останал смирен кога му било речено да остане смирен. Лично, би повикала на претпазливост. Да се придржуваме до мерките и да веруваме докторите дека тоа е сосема доволно. Целосна контрола секако не можеме да имаме. Доколку стравот е навистина блокирачки би се обратила до поединците да побараат стручна психолошка помош, кога веќе не помага рационалниот ум. Во моментов се отворени 10 линии кои се бесплатни.

 

 

Зборот карантин честопати е сфатен погрешно.Кај некои луѓе се јавува мисла на заробеништво. Како себеси да си помогнат за да го прифатат фактот дека извесно време треба да бидат тргнати од социјалните дружби?

 

Одредени поединци полесно ќе прифатат дека треба да извесно време да се тргнат од дружбите, меѓутоа постојат луѓе кои се јако зависни од тоа да бидат постојано опкружени со други луѓе и во било кој момент тие да останат сами ќе се појави чувството на осаменост. Во повозможни околности тие би направиле се за да го избегнат и тоа би им успеало, меѓутоа сега е пролонгирана ситуацијата, па не можат така лесно да го избегнат. На оние што посебно тешко им паѓа тој момент, тоа не е случајно.

Најчесто станува збор за незнаење што да се прави во ситуација кога се останува сам и став кон тоа дека е ЧУДНО и невообичаено човек да прави нешто сам, односно креативно да ужива во самотијата, која патем ако ја разгледаме од друга страна, може навистина да роди многу креативни идеи. Значи повеќе се работи за склоп на верувања и доживувања кои потекнуваат од внатрешноста на самата личност, отколку за некаква реална слика поврзана со новонастанатата состојба.

За да им биде полесно да го прифатат, би требало да се обидат да ја сменат перспективата кон самотијата од негативна во позитивна, како и да си дозволат досадата да ги превладее, за да можат да изнајдат некоја креативна идеја од неа. А се разбира, тука се и социјалните мрежи, па можат и на тој нали да ги одржат контактите.

 

 

Иако надлежните постојано апелираат да не се прават залихи со храна и лекови,сведоци сме дека на терен е сосема поинаку.Како луѓето полесно да го поминат овој страв/ проблем?

 

Трупањето на храна е резултат на егзистенцијален страв од тоа дека човек ќе остане гладен. Тоа што особено јас барем го забележувам е тоа дека сепак постарите луѓе над 60 години се многу повеќе склони на трупање храна, во однос на останатите. Веројатно тоа е резултат на некои минати искуства од непогоди како што била војна на пример. Сепак, голем дел тој страв ги носи луѓето до прејадување и сигурно дека после поминувањето на ситуацијава ќе има луѓе со значајно покачена телесна тежина која нема да биде добра за здравјето.

 

Како до полесна самоизолација?

 

Колку повеќе личноста има креативен ум со идеи, толку изолацијата ќе биде полесна. Впрочем, некои поединци нема ниту да ја почувствуваат, бидејќи ќе бидат оптеретени со реализирање на идеите, меѓутоа се сложувам дека ќе има такви и на кои ќе им биде потребна дури и стручна психолошка помош. Јас можам да ви дадам повеќе идеи, на пример:

-пробајте нови комбинации на облека што не сте ги пробале;

-згответе рецепти кои до сега не сте ги готвеле;

-играјте со децата.МНОГУ играјте со децата. Ако немате своја идеја, тогаш следете ги нив. Тие секогаш имаат идеја. Оживејте го своете внатрешно дете. Ослободете ја својата имагинација детинесто без да се чувствувате глупаво поради тоа;

-прочитајте добра книга и гледајте добри филмови;

-размислете за себе и за тоа каде се наоѓате во животот, водете дневник секој ден за тоа како се чувствувате;

-медитирајте;

-цртајте;

-направете си масажа со партнерот;

-преуредете го просторот и уште многу други.

Самоизолацијата може да биде одличен предизвик за создавање на нови навики.

 

 

 

Како самоизолацијата и карантинот влијаат врз брачните односи (ваши совети ако е нарушена комуникацијата како да се подобри)?

 

Ако во брачниот однос постоело слога, љубов и разбирање, изолацијата тоа нема да го промени. Напротив, може уште повеќе да ги зближи партнерите. Меѓутоа кога постои дисфункционален однос, тоа е веќе нешто друго. Може уште повеќе да се зголеми нетрпението меѓу нив, изолацијата може да биде плодна почва за вадење на лутина еден кон друг, дури и за најбанални нешта.

Но, ако се погледне тоа од една друга страна како предизвик, и ако двајцата партнери имаат волја, може взаемно да го преиспитаат целиот свој однос низ годините, да разговараат за тоа како дошле до таму до кај што дошле, кои се грешките на едниот, а кои на другиот, да увидат дали и што би можеле да променат, наместо без одговорност да се препуштат на моменталните емоции на лутина и нетрпение.

За да се подобри комуникација секогаш е нужно да бидеме свесни за личните потреби, но и за тоа дека и партнерот има свои лични потреби и да пронјадеме компромис во почитување на взаемните граници за остварување на тие потреби. Главниот конфликт секогаш доаѓа кога едниот постојано прави отстапка од своите потреби за сметка на другиот да ги задоволи или кога двајцата не знаат што точно би сакале од себе, па бараат партнерот таквото незнаење да го надополни.

 

 

Како да се надмине стравот од вирусот?

 

Да се надмине стравот од вирусот, тоа не знам дали е возможно во моментов. Бидејќи ако не постоеше страв од вирусот, немаше да постојат ниту мерките и животот ќе течеше нормално, како што течеше до сега. Сепак повторно ќе повикам на претпазливост, но и свесност за тоа дека немаме целосна контрола. Тоа е клучниот момент кој треба да се прифати.

 

Facebook Comments
(Visited 384 times, 1 visits today)