Кокан Ајановски:„ Од мал, научив да се борам за она што го сакам и никогаш да не се откажам“


Важи за еден од најбрзите македонци, маратонец и личен тренер. Кокан Ајановски е повеќекратен шампион на Македонија во различни трчачки дисциплини. Веќе 12 години професионално се занимава со трчање, а има и своја школа за трчање, максимално е посветен на спортот како и на се она што вклучува здрав живот.

Од кога вежбате?

Најразлични спортови практикувам целиот свој живот, уште од најмала возраст, а последниве 12 години активно се занимавам со трчање . Од секогаш бев поборник да се спортува во секоја фаза на животот и спортот да стане начин на живот, наше секојдневие. Преку личен пример тоа покажав дека навистина може да функционира, а планирам на ист начин да продолжам и во иднина.

ADVERTISEMENT

Вежбањето не е само за обликување на телото туку и за здравје. Дали го имавте и тоа на ум при вашиот избор на тренинг?

Да, се разбира. Тоа е и мојата филозофија за спортот. Секој треба да спортува, но преку спортот да си го подобри своето психо-физичко здравје. Се додека нашиот велнес е на посакуваното ниво, тогаш физичката активност која ја практикуваме е оправдана! Во спротивно, неопходна е промена во начинот на спортување, неговиот интензитет и фрекфенција.

Кои се луѓето кои вежбаат заедно со вас?

Трчањето е пред се’ индивидуален спорт, но јас имам можност во секој момент да трчам со одлична група на луѓе кои се невидени ентузијасти и вљубеници во оваа физичка активност. Тоа се мои драги пријатели и другари со кои го поминувам поголемиот дел од мојот ден или ноќ. Бидејќи работам и како тренер за трчање, лесно е во секое време да имате супер спортско друштво и трчањето секогаш да ви биде интересно.

Постои ли можност да се консултираат со вас луѓето кои тренираат по вашата програма доколку се двоумат за нешто?

Дефинитивно дека може. Тоа е и мојата задача како тренер. Преку дијалог секогаш да пронајдам што е најдобро за луѓето кои ги следат моите совети и на тој начин да дојдеме до посакуваниот резултат.

Како најлесно да се избере вистинската патика за трчање?

Најлесно да се избере вистинска патика за трчање е ако го прашате вистинскиот човек за таа работа! Се разбира дека тоа треба да биде личност која трча со години, во различни временски околности и има огромно трчачко искуство. Слободно повелете на нашите бесплатни групни тренинзи во Nike школата за трчање и ќе избереме најдобра патика за вас со која што навистина ќе може да уживате во вашето трчање.

Имате необично име, како сте го добиле?

Моето правилно име е Кокан и тоа не е скратеница од некое подолго име. Мојот дедо се викаше Кузман, па јас сум добил име кое наликува на неговото. Се радувам на моето име, зата што на некој начин е уникатно и баш затоа е лесно за паметење.

На што мислиш кога трчаш?

Зависи во која животна фаза сум или со што сум преокупиран во дадениот период. Ако е нешто убаво, и додека трчам мислам на тоа. Но, ако е нешто не баш убаво, се трудам додека трчам, да заборавам на тоа, да го апстрахирам или ако сум доволно силен, да се соочам со тоа. Кога трчате маратони, навистина имате многу време за своите мисли. Генерално, секогаш се трудам да имам позитивни мисли, затоа што од искуство знам дека какви мисли имаме, таков и живот ќе живееме!

Кој е твојот јунак од детството?

Мојот јунак од детството е брат ми. Секогаш беше тука како мал да ме заштити, да се жртвува за мене и да ми го покаже вистинскиот пат. Тој беше мојот пример каков да бидам кога ќе пораснам. Мојот брат Горан, ми ги покажа убавините на спортот и ме научи да спортувам постојано, спортот да стане мој начин на живот и никогаш да не се откажам! Затоа, јас сум му секогаш благодарен затоа што ми ја подари најважната животна лекција = грижата за своето здравје. Уште од мал, научив да се борам за она што го сакам и никогаш да не се откажам. Тоа го препорачувам на сите и е мое главно животно мото!

Планираш ли да отвориш и свој јутјуб канал?

Не планирам да станам јутјубер, затоа што повеќе сум фокусиран на Фејсбук и Инстаграм. Имав свој јутјуб канал, каде беа речиси сите мои гостувања по телевизии,а ги имаше навистина многу. Таму беа поставени сите видеа од трките кои сум ги организирал и имаше многу мои трки на кои сум учествувал и најчесто победувал. Од необјасниви причини за мене, неповратно ми го исклучија, но планирам повторно да ги закачам сите овие видеа, за да може што повеќе љубители на трчањето и спортот воопшто, да ги гледаат и на тој начин да влијаеме за поздраво општество во кое сите живееме.

Facebook Comments
(Visited 319 times, 1 visits today)
Loading...