Гламур интервју со Марио Арангеловски
Симпатичното синооко момче, кое публиката го препознава од популарното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“ е млад пејач, јутјубер, студент и вработен во Фондација за култура и спорт на град Куманово. Во прашање е кумановецот Марио Арангеловски со кого поразговаравме за неговото учество во овој музички натпревар, за неговите впечатоци од Јелена Карлеуша, како и за некои други теми за кои сме сигурни дека ќе ви бидат интересни.
Беше дел од многу музички натпреварување. Дали би им препорачал на младите таленти да се пријавуваат и да бидат дел од еден ваков тип на натпревар?
Да, доколку се спремни на тоа. Јас музичките натпревари воопшто не ги доживувам како натпревар, можеби и затоа често се пријавувам на истите, надевајќи се дека ќе стекнам дополнително искуство кое ќе ми помогне да се афирмирам како пејач, еден ден. Немам големи очекувања, истите со себе носат и големи разочарувања кои подоцна многу лошо се одразуваат, особено кај младите луѓе кои се уште не знаат што сакаат.
Дел си од натпреварувачите на „Ѕвездите на Гранд“. Раскажи ни како поминува едно снимање?
На последното снимање во Белград, покрај обврските околу настапот, одлучив да снимам и влог за мојот канал на јутуб. Па, топло им препорачувам на сите ваши читатели да тркнат таму и да го погледнат, за на еден вистински начин да ја почувствуваат таа тензија која владее помеѓу нас кандидатите пред настапот, но, и да видат што се се случува кога камерите се исклучени и како всушност изгледа студиото. Накусо, снимањата се многу напорни, особено за нас кои не живееме во Белград или Србија, генерално. Долг пат, проби, шминка, фризура, чекање…
Какво е чувството кога ќе застанеш на таа сцена и пееш пред жири кое е составено од најпознатите балкански ѕвезди?
Невообичаено. Не би знаел да го објаснам со зборови. Не е трема. Одговорност е, тензија, адреналин. Не знам. Генерално, до сега имав можност само два пати да застанам на таа гламурозна сцена, но, многу различно се чувствував првиот пат и сега, во вториот круг. Првиот пат не знаев што ме очекува, иако претходно, во текот на генералната проба пред снимање излегов на истата сцена, но, светлата беа исклучени, многу луѓе се движеа околу мене, и не ја почувствував на вистински начин. Но, кога ќе се крене ѕидот и кога ќе излезеш пред жири комисијата, не е сеедно, мора да признаам.
Ментор ти е Јелена Карлеуша. Објасни ни како ги избирате песните и каде вежбаш?
Да, на мое огромно задоволство, Јелена Карлеуша ми е ментор. И на самиот почеток мора да напоменам дека ми е чест што имам можност да работам со неа и што ме поддржа уште во првиот круг, па со самото тоа имав можност да ја одберам за ментор. Инаку, вежбаме во Гранд продукција, во едно музичко студио. Мира Шкориќ е дел од екипата која работи со нас, а, наскоро ќе ни се приклучи и Ивана Петерс. Ние најчесто одиме со список на песни кои би сакале да ги пееме, тие ги селектираат оние кои сметаат дека се соодветни за нас, не слушаат, а потоа следува финалниот избор, со нивни препораки.
Овој пат, “Громови на душа” беше нивен избор, а, “Кремен” мој. Чекаме да завршат снимањата на вториот круг, па, во најскоро време повторно стартуваме со менторски часови и подготовки за третиот круг.
Што најчесто Карлеуша те советува и колку таа им помага на своите кандидати?
Мора да признавам дека позитивно ме изненади нејзината посветеност. Покрај тоа што ги вежба песните заедно со нас, знае и на вистински начин да не советува и да ни ја крене самодовербата. Не знам за останатите, затоа што индивидуално работиме, но, во однос на моето искуство, јас сум презадоволен. Ако зебележи дека имам трема, прво со мене работи на тоа. Ако слушне фалш, му посветува внимание на тоа. Буквално работи со нас на се што ќе забележи дека ни недостасува.
Покрај твојта менторка каков ти е односот со останатите членови од жирито? Дали имате некоја посебна комуникација пред или по снимање? Или стрикно секој си го следи својот кандидат?
Немаме контакт со останатите ментори, односно членови на жирито. Се гледаме на кратко пред снимање, но, секој од менторите покрај себе ги зема своите кандидати за да ги охрабри.
За да бидеш дел од ова шоу покрај талентот за пеење потребно е и работа на себе. Кој е задолжен за твоите модни комбинации кога си на сцена?
Немам тим на луѓе кои работат со мене ниту во однос на модните комбинации, ниту во однос на пеењето, дополнително, за жал. Јас сум генерално човек кој што негува некаков моден тренд и имам сенс за тоа како треба да изгледам на сцена, како по дома, а како на работа, па и немам некоја потреба од стилист, иако, знам често да се консултирам со луѓе на кои модата им е професија. Не сум суетен, ниту пак сметам дека најдобро ја познавам модата.
Напротив, планирам, здравје, да ангажирам и луѓе кои ќе работат заедно со мене во однос на мојот изглед, перформанс итн.
Имаш 16 илјади следбеници на твојот Истаграм профил. Објавуваш често видеа и фотографии, покрај убавите зборови понекогаш има и по некоја критика. Како реагираш кога ќе ја прочиташ?
Не реагирам, буквално. Знам од каде потекнува потребата на луѓето да тркнат на профил кај друг човек со повеќе следбеници, професија од јавен карактер и слично, и да пишуваат се и сешто, па, нема потреба да ги осудувам нивните намери, оти зад истите се крие тажен живот, без доволно љубов и внимание. А, на крај од денот, свесно се експонирам и од самиот старт бев спремен на позитивни, но и негативни коментари. Секоја добронамерна критика е добредојдена, но, навредување и сајбер булинг не е нешто на што обрнувам внимание кога јас и мојот профил се во прашање.
Подготвен ли си за промени кога некој нешто ти посочува дека треба да го смениш?
Јас им верувам само на оние кои се пример за она што го зборуваат. И да, спремен сум на секакви промени и предизвици доколку тоа има некаква тежина и поента.
Марио, покрај пеењето ти си и „јутубер“. Како започна оваа приказна во твојот живот?
Да, снимам видеа за јутуб и тоа по некаков по дифолт ме прави и јутубер, но, тој термин воопшто не ми пречи, оти јутуб е мое хоби, а не професија. Јас сум пред се пејач, па потоа се останато. Имено, пред околу 3 години, ако не се лажам, можеби и повеќе, без да знам дека постојат јутубери, одлучив да снимам видео за на јутуб, со намера да им раскажам на луѓето како поминав во реалното шоу од кое тогаш излегов, без поединечно на сите да им одговарам на пораките. Но, откако го објавив тоа видеа, сфатив дека постојат и илјадници луѓе кои се снимаат исто како мене, но, зборуваат на разни теми. Ми беше доволно примамливо за да отворам нов канал и сериозно да почнам да снимам видеа, прво со мојата пријателка Ивона, сега веќе сам, и тоа одлично ми оди.
Во твоите видеа често раскажуваш за случки и ситуации како од животот така и од снимањата на „Ѕвездите на Гранд“.Дали ти олеснува споделувајќи го твоето искуство со другите? И дали мислиш дека твојара публика, фановите и следбениците искрено го доживуваат она што им го пренесуваш?
Јас тоа не го раскажувам пред камера за да ми олесни, оти сепак имам родители, роднини, пријатели и познаници со кои ги споделувам повеќето од ситуациите од секојдневниот живот. Но, поради тоа што јутуб е платформа на која креаторите се релативно блиски со нивните следбеници, чувствувам потреба да им раскажам се и на оние луѓе кои виртуелно ме познаваат, почитуваат и поддржуваат. Тие пред се се интересираат за она што мене ми се случува, а од друга страна и очекуваат да го споделам тоа со нив, и јас тоа и го работам. А, на крајот од денот, постои и уште една дополнителна мотивација, особено кога се во прашање влоговите кои ми остануваат како спомен. И после неколку години можам да се навратам и со задволство да погледнам некое мое видео во кое што зборувам за нешто што тогаш ми се случувало. Ако тоа порано беа албуми со слики и видеа на касети, денеска за нас тоа е Инстаграм, Јутуб и уште по некоја социјална мрежа.