„Со домот на тркала поминав 10 000 километри низ Европа“

Највкусното кафе на изгрејсонце, патување со помал буџет како и посета на голем број дестинации без ограничување на време се само дел од убавините кои ги носи патувањето со дом на тркала. Иван Затенко од Скопје е 28 годишен машински инжинер кои решил сам да си направи дом на тркала со кои што ќе може да патува низ Европа и да посети различни дестинации со своето комби возило. Во возилото има се што е потребно за основни работи за живот како кревет на суштање, мини кујна, тоалет и туш.

Како ја доби идејата сам да направиш возило за домување?

Идејата потекнува од желбата да патувам низ Европа,  на што поефикасен начин за да можам да посетам што повеќе места. Дотогаш, за да патувам сум морал да следам одреден план, кој те врзува со пронаоѓање место за престој. Со ваквата идеја можам да тргнам на патување секаде, а рутата можам да ја правам и попатно, ден за ден.

Како се роди љубовта кон кампувањето и која беше првата кампинг дестинација?

Кампувањето било дел од моите летни одмори уште од многу мала возраст. Токму и на тие кампувања сум имал прилика да ги забележам ваквите кампинг-возила како што имам јас денес. Откако завршив со преправката на возилото во кампер, пред да заминам на долго патување низ Европа, сакав да направам едно пробно патување и кампување на некоја поблиска дестинација. На отровот Амулијани, во Грција, за првпат кампував со моето ново комбе

Колку време беше потребно да го направите возилото за домување?

За пренамената на возилото од обично товарно комбе во возило за домување, на која работев речиси самостојно, ми беа потребни 6 месеци.

Кое е  најчудното  и најдалечното место на кое имате кампувано?Кои се интересните спомени?

За најдалечно место можам да го посочам местото Пениче, кое се наоѓа во Португалија, и тоа беше мојата крајна дестинација до која стигнав на моето прво 30 дневно патување низ Европа пред 2 години. За најчудно место би издвоил уште едно прекрасно место во Португалија, пештерите Алгарве, кои излегуваат на Атланскиот океан и видикот е навистина чудесен. Од едномесечното патување, и пат поминат од околку 10.000 километри низ Европа, можам накратко само да споделам неколку спомени, бидејќки има премногу доживувања: капење на најубавиот азурен брег на Франција, во Ница, прекрасните прошетки низ Порто, нетипичниот вкус на традиционалната португалска храна, како на пр. Франчесиња, спонтаната средба на пиво во за мене најубавиот град од целото патување Севиља во Шпанија со Ивана од Македонија и Ману од Шпанија, кои се познати по нивото патување низ Светот со мотори.

Кои се бенифициите, а кои слабостите на патувањето со кампинг возило?

Мобилност, можност да се посетат повеќе места без органичувања со време и сместување, патување со помал буџет, бидејќи престојот е секогаш најголемиот издаток, бидејќи не бев врзан со време можев на патувањата да изберам рута по алтернативни патишта, кои не влкучуваат големи автопати, со патарини со високи цени.

Патувањето од ваков тип се разликува од другите по независноста и слободата. Покрај сите позитивни спомени секако има и негативности на кои секој човек треба да биде спремен доколку патува со вакво возило како на пример попатно планирање на тоа каде ќе ја поминете ноќта (бидејќи не е дозволено во секоја држава да се кампува на јавен простор) како и механички проблеми со возилото кои можат да ви се случат каде било и кога било.

Кои ви се омилените места за кампување?

Најчесто поради близината како места за кампување би ги издвоил Грција и Албанија со прекрасното море.

Како би изгледала една авантуристичка викенд тура низ Македонија доколку ја организирате?

Многу често за време на викедите јас и мојата девојка секако посетуваме најразлични места низ Македонија со нашиот кампер и велосипедите, со кои ги истражуваме убавите места, планини езара, природни топли бањи и останатите прекрасни места што ги нуди нашата земја.

Кој е твојот најголем предизвик?

Најголем следен предизвик би бил една скандинавска тура со камперот, поминувајќи ги нордиските и скандинавските земји се до Норвешка во период кога ќе можеме да ги видиме аурорите.

Што те прави среќен?

Кампувањето во природа, посетувањето на различни планини, национални паркови и езера, посетување на егзотични плажи и долгото патување со камперот, разгледување на автентични градчиња и се што спаѓа под долго и слободно патување.

Кое е твоето животно мото?

Да се патува значи да се живее.

 

 

 

 

(Visited 331 times, 1 visits today)