„Жената треба да поседува барем една чанта, која е единствена, оригинална и одраз на нејзината индивидуалност“

Креирањето на рачно изработени продукти има своја посебна убавина и оригиналност. Со рачно изработените производи секогаш сме уникатни и различни од останатите. Со Наталија Лубеска зборуваме токму за идејата и реализирањето на рачно изработените пуф табуретки и чанти од брендот „NATALIJACOLLECTION”, како и за тоа колку се цени рачната изработка во нашата земја….

Од каде интересот за рачна изработка токму на табуретки?

Веќе подолг период својот мир и исполнетост го наоѓам во изработувањето на различни рачни изработки. Кога се наоѓам меѓу големиот избор на материјали и различни бои константно добивам идеи и мотивација за изработка на нови производи. Така и започна интересот за изработка на табуретките, од самите материјали и нивната намена.

„ПУФ“ табуретката беше совршениот производ кој во комбинација со правите материјали го прави секој дом топол и модерен. Поради таа причина, првата табуретка ја создадов токму за собата на мојата ќерка, која е и моја поддршка и помош.

Каде го гледате предизвикот за изработка на табуретки и чанти?

Самиот процес на изработка на моите производи за мене не е толкав предизвик колку што е уметноста што се крие позади самата изработката на производите на

Јас не го гледам тоа како предизвик кој кога ќе го достигнете го губи сјајот. Баш напротив, да си уметник и тоа во полно значење на зборот, значи да внесеш светлина во животот на консументите на твоите изработки! Затоа се трудам да изработувам, за да радувам и внесувам топлина во животите на моите клиенти!

На што највеќе обрнувате внимание кога го создавате продуктот?

Сета љубов и внимание кон детали кои ги вложувам во изработката на продуктите се со цел да бидат незаменлив дел од домот или гардеробата на една личност.

Давам сѐ од себе функционалноста и елегантноста да бидат на прво место.

Материјалите се бирани со најголема претпазливост, додека дизајнот е изработен со здрава доза на перфекционизам.

Она што ја интересира секоја жена е како да препознае квалитетна чанта?

Како долг љубител на чанти, од секогаш сум верувала дека квалитетна чанта е не секогаш скапа инвестиција која зборува за нас дури и кога ние сме тивки.

Материјалот и изработката се една од најприоритетните одлики на една квалитетна чанта, но функционалноста е најбитна. А што е функционално за мене е таа да биде совршено надополнување како на мојот „аутфит“, така и на мојот карактер.

За рачната изработка велат дека нема две парчиња кои се потполно исти, но кога елеганцијата е дел од вашиот начин на живот, не можете да погрешите со изборот на чанта која е единствена и направена само за Вас.

Зошто според вас жените ги сакаат чантите?

Едно парче гардероба кое го додавате на себе и добивате совршено склопен изглед, модерен и претставителен. Аксесоар, кој освен добра функционалност со себе носи и доза гламур.

Чантата ја има моќта да го смени целиот изглед и да ни даде самодоверба кога најмногу ни треба. Ваквата моќ на чантите, го прави овој аксесоар незаменлив и битен дел од идентитетот на секоја модерна и елегантна жена.

Секоја од нас треба да поседува барем една чанта, која е единствена, оригинална и одраз на нашата индивидуалност.

Што најмногу ве мотивира во вашата работа?

Во самиот процес на изработка на продуктите има низа на моменти кои ми носат среќа и ме мотивираат, но ниедна како помислата на крајниот резултат и задоволството во очите на клиентот. За тие моменти творам, за тоа чувство кое не се опишува со зборови. Секој кој створил нешто со своите раце, го знае тоа чувство, и верувам дека секој од нас крие талент и креативност во себе.

Има ли некој посебен дел од денот кој ви е најинспиративен?

Идеите и креативноста ги наоѓам рано наутро, кога сум најсвежа и полна со ентузијазам и позитива, додека пак навечер сум повеќе сконцентрирана кон самата изработка на продуктот.

Планирате ли да го проширувате производството со други производи?

Имаме во план нов производ кој што сметаме дека би бил одлично надополнување во сечија соба. Моментално изработувам прототип, кој што би бил достапен отприлика пред Нова година. Оваа.:)

Знаат ли во Македонија да ја вреднуваат рачната изработка?

До пред извесен период мислев дека не се вреднува, но за брзо време ми се промени мислењето. Луѓето го препознаваат и ценат трудот, што ми претставува особено задоволство и дополнителна мотивација.

Ве привлекуваат ли странските пазари, планирате ли да продавате и надвор од Македонија?

Продавањето надвор од Македонија со себе си носи како логистички така и компетитивен предизвик, но целта ни е веќе поставена и ќе ја постигнеме. Се надевам дека во блиска иднина продуктите ќе бидат достапни како во Македонија, така и во странство.

Што ви е најважно во животот?

Пред сѐ мојата фамилија и мојот дом. Моите изработки, и моите клиенти. Љубовта, креативноста и спонтаноста. Но, и исполнетоста во она што го работам.

Верувам во тоа дека ниту еден врв не е невозможен да се освои, и со таа мисла го живеам мојот живот.

(Visited 227 times, 1 visits today)