Елена Марковска: „Оваа година човештвото доби една силна шлаканица за освестување“

Шармантна и секогаш професионална во својата работа. Веќе неколку години ја гледате на екраните на Телевизија Алфа, како уредник и презентер на вести. За предностите и маните кој ги има новинарството, за нејзините бјути ритуали како и за тоа што очекува во новата година во продолжение разговараме со Елена Марковска. Таа вели дека љубовта, семејството и кариерата се најголемиот потенцијал за исполнет живот…

Најголема предност од професијата со која се занимавате?

Работата во медиум, во мојот случај телевизијата, навистина има многу предности, а најголема за мене лично, е тоа што работам нешто што навистина од срце го сакам. Во момeнтов сум дел од уредничкиот тим на ТВ Алфа. Предност на оваа професија е што имам можност слободно да се изразам, тоа што работата е тимска и секој ден по ништо не наликува на предходниот. Приказните, вестите и дневните настани го диктираат темпото на денот, а тоа секогаш е различно. Секојдневно се соочувате со нови предизвици и затоа работата во еден медиум едноствано не може да биде досадна. Огромно е задоволството кога ќе седнеш пред објективот на камерата и кога од тебе јавноста се информира за тековните случувања во државата. Предност, секако е и флексибилното работно време и комуникацијата со луѓето од секакви профили. Оваа професија ми овозможи да запознаам многу луѓе, со кои и приватно многу се дружам.

А мана?

Новинарството е стресна професија. Одбројувањето до десет пред стартот на секоја шпица и самиот почеток на вестите, значи дека ве делат само неколку секунди од голема одговорност, а за тоа е потребна концентрација и максимална посветеност. Грешки не се дозволени, лапсузи се случуваат – нормално како и во секоја работа, ама во оваа професија кардинални грешки едноставно не поминуваат, можат да ве чинат кариера. Некогаш срцето ти плаче, па мораш да голтнеш кнедла додека најавуваш прилог за помош на болно детенце или кога известуваш за тешки сообраќајни несреќи со смртни последици, а периодов за жал секојдневно информирам и за починати од ковид 19. Но, професијата наложува чувствата да ги држиш потиснати и до крај професионално да си ја завршиш работата.

Како го негувате вашето лице? Дали можеби имате бјути рутина што ја повторувате секое утро?

Дел од негата на моето лице, секако е и утринскиот ритуал што го практикувам подолго време. Лицето го мијам со природен сапун од амла, по што добро го плакнам и не го бришам, оставам кожата природно да се навлажни. Потоа мачкам 2-3 капки хијалуронска киселина, па по половина час нанесувам хидрантна крема. Шминката е неизбежен дел од мојата професија, но за тоа се задолжени девојките шминкерки во ТВ Алфа, па така ретко кога од дома излегувам нашминкана. Навечер темелно го мијам лицето, дополнително го чистам со мицеларна вода, па нанесувам ноќна крема.

Со какви препарати го негувате лицето?

Покрај секојдневната нега што веќе ја споменав, кога сум преморена и лицето го покажува тоа, користам маска од кафе, неретко и црна маска, а некогаш знам да си подготвам и домашна маска по рецептот на мајка ми – само ќе кажам главната состојка таму е медот.

Кои се вашите омилени козметички производи?

Парфем, парфем, парфем па се друго. Периодов поради честата дезинфекција постојано користам и крема за раце. Обожавам и се што е на природна база, како шеа путерот за тело со мојот омилен мирис на ванила.

Што има секогаш во вашиот несесер?

Маскара, сјај за усни во природна боја и руменило. Во последно време носам игла и конец. Непредвидлива и непосакувана ситуација пред почетокот на вестите, пред да излезете на камера ме научи дека во женски несесер треба да се има дури и игла и конец.

Кое е твоето омилено парче облека од плакарот? Во што се чувствуваш најудобно?

Фармерки носам во секој период од годината, затоа можам да кажам дека џинсот го обожавам во секоја варијанта. Го обожавам и летото, па најверојатно затоа и во летни, лесни и лелеави фустанчиња се чувствувам најудобно. Иако професијата ми наложува да се облекувам покласично и градероберот ми е преполн со палта во секоја боја, приватно преферирам лежерен стил .

Најубавото нешто што ви се има случено поврзано со вашата работа?

Љубов . Работата што ја љубам, љубов ми донесе. Со мојот партнер пред неколку години се запознавме во телевизијата во која што тогаш заедно работевме. Секако, ме радуваат и пораките и коментарите од гледачите, какви и да се. Прифакам пофалба и критика, едноставно ме радува комуникацијата со нив. Прашањата се различни, од тоа кој е мојот став околу политичката ситуација, до тоа кое бројче е карминот што го имам на мене, а сега дури и дали верувам во корона? Луѓето сакаат да се доближат до тие што се од другата страна на екранот и јас тоа го прифаќам. Социјалните мрежи го дозволуваат тоа. Сите тие луѓе секојдневно ме радуваат.

Омилено телевизиско лице?

Лазар Темелков. Кратко и јасно. Лазе е бард во македонското новинарство и спикерство. Тој е човекот со кого работев во клучните моменти на моето професионално надградување. Многу научив од него и сега сум среќна што повторно работиме заедно во уредничкиот тим на ТВ Алфа.

Што ве прави среќна?

Здравјето, мирот и насмевките на моите сакани. Додека луѓето што се околу мене и кои ги љубам се здрави и среќни, среќна сум и јас. Пандемијата не потсети кои се вистинските вредности. Среќна ме прави фамилијарниот ручек секоја недела, прошетката со партнерот и нашето куче Наја во природа, разговорот на вибер со брат ми, снаа ми и внуците кои знаат да траат со саати, кафето испиено на клупа со другарките во парк и часовите поминати со колегите на работа. Среќна ме прави личниот и колективниот успех, успехот на државата. Годинава, македонските фудбалери ни донесоа среќа на сите. Јас ја имав таа чест да седнам пред камерите и преку ТВ приемниците да и соопштам на јавноста дека Македонија се пласираше на Европско првенство. Луѓето сакаат да видат емоција и кај човекот што индиректно преку ТВ екранот, на некој начин им влегува дома. Ахх… во овие „луди“ времиња научив и да се радувам на се, на секого и да го искажувам тоа.

Што најмногу ви недостасува во ова време на пандемија?

Кико и Еми – моите внуци ми недостасуваат бесконечноооо многу. Да беа некои други подобри времиња, за време на празниците сигурно ќе бев во Ирска со нив. Ми недостасува зелената Ирска, долгите разговори и криглата пиво со брат ми во локланиот паб, шопинг ручекот и женски муабети со снаа ми. Ми недостасуваат патувањата со пасош во рака.

Сте размислувале ли за некоја друга професија во животот?

Со оглед на тоа дека студирав економија имав дури и обид да работам нешто друго. Но, залудно. Издржав два месеци и повторно се вратив во телевизија.

Како ќе ја паметите 2020 година?

Како година во која се отуѓивме, но се потсетивме кои се вистинските вредности. Оваа 2020-та беше година на страв од непознатото, година на навикнување на некоја нова нормалност. Година во која видовме колку многу значи нематеријалното. Во 2020-та човештвото доби една силна шлаканица за освестување. Се надевам дека веќе од следната година, кога се ова ќе помине, ќе знаеме да си го чуваме здравјето и да си ја цениме слободата.

Кои се вашите желби за Новата Година?

Здравје, здравје, здравје. Отворени граници, слобода. Професионално сакам да им пренесувам повеќе позитивни вести и успешни приказни на гледачите. Сакам да уживам во медиумската слобода, сакам издржана критика, сакам стабилна држава. Приватно…еххх…имам многу желби и сакам вистински луѓе до мене за да ми ги остварат.

(Visited 332 times, 1 visits today)