ЕДНА И ЕДИНСТВЕНА ВО МАКЕДОНИЈА, Јасмина работи како оџачар: „Луѓето се прашуваат што бара жена на кров“

Иако можеби во другите земји не е така, во Македонија професиите сѐ уште се делат на машки и женски.

ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук

Поради високите цени на електричната енергија и парното, се повеќе Македонци се грат на дрва.
Од подрумите се вадат печките на дрва, се купуваат камини и се бараат оџачари да ги исчистат оџаците по куќите, но и по колективните станбени згради. Но оџачари има се‘ помалку.

Интересот за оваа работа во земјава е многу мал, иако професијата е добро платена.

 

Професијата оџачар е дефицитарна и низ цела Македонија. Тие кои се занимаваат со неа се веќе во поодминати години, некои го презеле занаетот од своите најблиски, а други сфатиле дека тоа сега може да биде добар бизнис.

Сигурно дека многу мора да се работи во популаризирање на оваа професија, со цел да се збогати кадарот.

Невообичено за нас, но ние ја имаме првата дипломирана жена оџачар, која засега е единствена жена во оваа професија.

Жена, мајка и архитект. Овластен проектант, ревидент и надзор од областа на архитектурата и противпожарната заштита. Судски проценител на недвижности, енергетски контролор,повремено поет, повремено сликар-ова накусо е професорката Јасмина Атанасова-Симјаноска од средното градежно училиште „Здравко Цветковски”.

ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук

Знаејќи дека нема едуцирани оџачари во Македонија, Јасмина едноставно сакала да даде свој придонес во подигнувањето на оџачарството на професионално ниво.

-Јас сум дефинитивно единствената жена оџачар во Македонија, тоа е сигурно. Во Белград работат еден брачен пар оџачари, и многу се успешни. Во Хрватска ги има повеќе, една од нив е мојата драга пријателка Сњежана Боршиќ- Јамбрешиќ, која е ќерка на мајстор Славко Јамбрешиќ и прва жена мајстор оџачар. Денес ја води фирмата “Димњачарски обрт Сњежана“ од Загреб. Почетоците беа во Загреб, каде ја стекнав мојата диплома во ОИГШ (обртничка индустријска и градитељска школа) “Загреб“ под менторство на професор Енес Субашиќ.

Тоа беа месеци напорна работа, стекнување на теоретски и практични знаења како и спроведување на пракса кај работодавач. Прво тоа беше “Димњачарски обрт Сњежана“ а после и “Димњачарски обрт Дим“. Во Македонија праксата ја стекнав со оџачарската фирма “Оџаци“ од Скопје. Mојата кариера поврзана со оџачарството се одвива во процесот на едукација на потребни кадри за обавување на оваа дејност”-раскажа за Женски магазин, професорката Јасмина Атанасова Симјановска.

ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук

Кога и да се спомене оваа професија, сите добиваме чувство дека жена не би можела доволно стручно да ја изврши својата работа. Јасмина вели дека многу често се соочува со интересни реакции кога таа ќе им дојде да им го исчисти оџакот.

-Како жена оџачар имам интересни случувања во стилот што бара жена на кров, како тоа дошла жена, како тоа оџачарка? Прашуваат нели треба оџачарите да бидат мажи, но луѓето ќе се навикнат, вели Јасмина Атанасова Симјановска во интервју за Сител.

ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук

Таа додава дека ѝ е жал што се помалку луѓе се запишуваат на обуки за оваа професија. Проблемот според неа лежи во тоа што тоа е заборавена професија.

– Луѓето мислат дека не им требаат професионални оџачари, затоа што мислат дека сами ќе се качат на кров и ќе си ја решат работата. Сѐ додека сами не си направат проблем. Тоа е во психологијата на народот. Ние сме сиромашен народ. Мораме да си играме сами свој мајстор. Во припрема е Законот за оџачарство и тука многу работи ќе бидат сменети. Лиценциран оџачар, значи образован оџачар, вели Симјановска за Сител.

ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук

За оџачарите се смета дека носат среќа, а Јасмина има одговор зошто е тоа така:

– Основна работа на еден оџачар е да носи среќа. Ако за тоа не го бидува, нема да биде добар оџачар. Шегата на страна, но, оџачарите се секогаш весели и позитивни луѓе кои со задоволство ги примаме дома. Ако се фатиме за копче, па уште и за копчето од палтото на оџачарот, ние директно сме се прикопчале на среќата.

Ако скубнеме влакно од четката на оџачарот без никој да види, сме си обезбедиле среќа за подолг период, нашите желби ќе се исполнат. Секогаш кога сум одела на интервенции во Хрватска, децата ни дотрчувале во пресрет, на улица секогаш сме биле „госпон Димњачар“ и „госпоѓа Димњачарка“.

Кога ќе не застанела сообраќајна полиција било: „значи, за денес сме си ја обезбедиле среќата, утре од каде ќе поминувате? И среќен пат, возете внимателно“. И децата и возрасните се среќни кога ќе не видат, кажа Јасмина во интервју за „Слободен печат“.

ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
ФОТО: Јасмина Атанасова Симјаноска / Фејсбук
(Visited 135 times, 1 visits today)