Ева Јакимовска: „Некогаш јавните личности имаат премногу барања и услови, но ние во „Бекстејџ“ успеваме да направиме договор“

Млада, талентирана и успешна дама. Кој би рекол дека некој со своите 24 години може да биде главен и одговорен уредник на естраден магазин. За Ева Јакимовска „Бекстејџ“ е љубов, а луѓето во него се нејзиното семејство.

ADVERTISEMENT

Како се роди љубовта кон новинарството и телевизијата?

Отсекогаш сакав да истражувам, читам и гледам филмови. Новинарството е моја голема љубов, а работата, трудот и желбата за успех на некој начин ме охрабрија да зачекорам во естрадниот свет. По игра на случајноста почнав да работам емисии од забавен карактер. Иако се испробав и во други, поразлични формати на емисии, едноствано забавата ме одбра мене. Ова е тоа што го сакам. На крајот од денот, она што е најважно е да знаете што сакате. Бидете свесни за своите способности, но и реалните можности. Бидете упорни и потрудете се вашиот талент да го искористите на вистинскиот начин.

Веќе една година сте главен и одговорен уредник на естрадниот магазин „Бекстејџ“, како една млада личност се носи во оваа улога?

Кога станува збор за ваков вид на работа, предизвиците се секојдневие. Малку луѓе знаат колку работа и труд носи оваа професија. Да се биде уредник на 24 години не е ниту малку лесно, но вложувам во себе и секогаш го давам својот максимум. Најголемиот предизвик е да останеш доследен на самиот себе, воедно и да ги задоволиш очекувањата на публиката, која е навикната на најдоброто од нас. За среќа, луѓето го препознаа квалитетот.

Колку е тешко секој ден да имате новитети и да имате различна и креативна емисија?

Да се биде поинаков, интересен, а притоа најдобар и најгледан во својата област, во ова турбулентно време, е навистина тешко. Квалитетот на програмата е она што ја одликува оваа емисија. Освен актуелните настани, често ги следиме и оние помалку “атрактивни”. Сметам дека и тие заслужуваат минути во Бекстејџ. Имам фантастичен тим до мене, кој прави оној секојдневен хаос да биде интересен. Секој ден се снимаат прилози, кој мора да бидат свежи и гледливи, а тоа е навистина тешко со оглед на тоа што сме во Македонија каде што настаните и ѕвездите се во мал број. Некогаш е многу комплицирано со дел од јавните личности да се направи било каков договор. Имаат премногу барања и услови. Но ние успеваме во тоа.

„Бекстејџ“ низ своите репортажи и прилози ги носеше гледачите на најактуелните случувања во Светот, ќе остане ли и во иднина така?

Во текот на овие 10 години, ,,Бекстејџ” го одбележаа ексклузивни приказни од домашната, балканската, но и светската сцена. Пред објективот на Бекстејџ се појавија 50 CENT, Џони Деп, Моника Белучи, Енрике Иглесијас, Роберто Кавали и многу други. Бекстејџ стана препознатлив македонски бренд на сите големи фестивалски случувања. Егзит во Нови Сад, Сигет во Будимпешта, гламурозниот Кански фестивал. Продолжуваме понатаму, посилни од било кога, со нови приказни и нови предизвици. Она што набрзо следува е Светското првенство во ракомет кое ќе се одржи во Виена, Јануари 2020. Но очекувајте многу повеќе од ова.

Facebook Comments
(Visited 588 times, 1 visits today)
Loading...