„Дневникот со рецепти од баба ми е секогаш тука да ми даде инспирација“, интервју со Радица Китевска

Доколку сте љубител на готвењето и испробување на нови вкусови сигурно веќе сте запознаени со Инстаграм профилот на Радица Китевска, позната по нејзиниот блог @radishas_kitchendiaries. Нејзиниот двор е претворен во вистинска градина која изобилува со различни типови на билки, а љубовта кон храната ја добила уште од најрано детство. Денес на нејзиниот профил може да најдете експирементални, лесни и брзи рецепти, како и најразлични идеи за подготовка на вашите оброци и десерти. За љубовта кон готвењето, за она што следно подготвува Радица прочитајте во нашиот разговор…

Како почна Радица да готви и како настана твојата страница со рецепти која е многу популарна?

  Желбата и љубовта кон храната е од моето најрано детство. Кога сите дечиња дома гледаа Том и Џери јас гледав 24 Kitchen хахах, се разбира тука има голем удел и мојата баба, мајка и тетка кои исто така се кралици во кујна, од кога памтам за мене стално бев качена на столче и бев вклучена во сите нивни подготовки на храна. Околу почетоците на мојот блог искрено започна се спонтано, сакам да готвам, сакам да ги споделувам со сите вас моите рецепти, мојата љубов ком храната, на почетокот имав замисла блогот да биде повеќе како lifestyle каде што ќе бидат вклучени рецепти, пијалоци, сите продукти кои ги правам од билки, мотивациски пораки и текстови, меѓутоа тоа не значи дека нема ја зачинам мојата приказна со други слатки нешта.

Која е вашата утринска рутина, како ви почнува денот?

За мене најубавиот дел од денот е утрото, станувам мноогу рано (најчесто околу 5), ова е благодарение на некои книги што сум ги читала а кои книги ми го променија животот а една од нив е “Клубот 5 наутро” од Робин Шарма, најчесто го започнувам утрото со некои здрави напитоци како што е топла вода со лимон и маџун, многу често знам да си направам краток пилатес тренинг, денот и тоа како е поубав и полесен после добар тренинг, тие се тие 2-3 часа што си ги посветувам само за себе а се клучен момент за продуктивен ден.

Како се инспирирате?

Инспирацијата за моите рецепти е најчесто во мојата глава, како што знаете многу често експериментирам во кујна со состојките што ги имам на располагање па така излегуваат сите чудесии кои до сега ги имам направено. Исто дневникот со рецепти од мојата сакана баба е секогаш тука да ми даде инспирација да ја продолжам нејзината традиција со феноменалните рецепти со кои растев. Секогаш се трудам да ги искористам сезонски достапните намирници кои многумина од нас ги имаат во домот а немаат идеја што да направат со нив.

Кои се вашите триковите за вкусни јадења?

Љубов, љубов и само љубов! Се разбира долгото мое искуство со храната ете веќе си го има направено своето, со оглед на тоа што често екпериментирам со некои мои “tips and tricks”, ама љубовта со која готвам не може да се замени со ништо.

Што може да се подготви на брзина за околу 10-тина минути?

Уфф многу работи можете да направите за 10 минути, се што не бара печење, имате на мојот блог еден куп рецепти за здрави енергетски бомбици, барови, овесни каши… Едноставно е, ставаш се во блендер, мешаш и обликуваш на крај.

Што сакаш најмногу да готвиш? Сподели го со нас твојот омилен рецепт?

Хаха ми текна сега на една другарка која ми го има измислено епитетот “Кралица на тартовите”, предизвик ми е подготовката на тартови, обожавам да екпериментирам со нив, имам многу рецепти на блогот во блага и солена варијанта, така да не можам да одвојам еден омилен, секој си има своја приказна и уникатност.

Кој според вас подобро готви жените или мажите?

Хммм знаете и брат ми исто готви, и тоа топ рецепти, меѓутоа не можам да кажам кој е подобар, истото јадење направено од двајца различни луѓе е различно, уникатно и вкусно на свој начин.

Како е најдобро да се приготват јајца?

Мислам дека го имам совршениот рецепт за “fluffy” пржени јајца, потребни ви се 4 состојки: јајца, млеко, путер и сол. Постапката е едноставна, во тава ставете коцка путер да се растопи, во сад настрана изматете 4 јајца и 2 лажици млеко, ставете во загреаниот путер, посолете, за 3 минути имате совршено меки и сочни пржени јајца.

Имате своја градина со многу билки, како го добивте интересот за одгледување  на истите и што се правите од нив?

Љубовта и почитта кон природата е наследена од мојата баба, Радица како мала многу палаво дете и кога и да ги удреше коленцата, каква рана и да имаше баба ми имаше лек за се! Лек направен од благодетите на природата. Имаше цела библиотека со книги за растенијата, билки, значајноста на секое од нив. Растена сум на планина, во куќичката во подножјето на Кожуф планина, каде мојата баба имаше огромна градина, и секогаш се трудеше да ме храни со домашни органски продукти. Денес јас мојот двор го имам направено органска градина, која заедно со мојата свекрва ја оддржуваме и негуваме со многу љубов, колку што можам гледам да ги вклучам тие намирници во секојдневната исхрана на мене и мојата фамилија. Инаку (како што ме дал Господ не можам да издржам а да не кажам нешто хаха) имам еден surprise за сите вас, поврзано токму со ова што ќе го дознаете наскоро, сигурна сум дека ќе допрам до многу од вас да станат свесни за значајноста на природата и сите благодети со кои таа располага.

Сакаат ли младите да готват, или повеќе се за готова подготвена храна?

Јас сум многу среќна што морам да ви кажам дека се повеќе сум сведок на желбата и љубовта за готвење кај младите и сум уште поблагодарна што ете јас сум еден дел од целата таа мотивација и инспирација кај нив.

Покрај твојот профил на социјалните мрежи размислуваш ли да направиш телевизиско кулинарско шоу?

Секогаш сум расположена за нови идеи и предизвици за се што е поврзано до храната, меѓутоа како што спомнав погоре работам на проект кој е во реализација и за кој проект ќе дознаете за многу краток период.

Кое е вашето омилено јадење?

И на ова прашање не можам да дадам конкретен одговор, сепак пак ќе ги спомнам и тука тартовите, ахх слаба точка ми се дефинитивно!

Која е најчестата грешка што ја правиме при готвењето?

Не постојат грешки во готвењето според мене, секој си готви на свој начин, секој ја дава својата љубов во готвењето, можете само да се надградувате со нови искуства, екперименти, идеи….

Кое е вашето животно мото?

Не е важно која си ниту од каде си, способноста да победиш започнува во тебе! Секогаш!

(Visited 165 times, 1 visits today)