Девојчиња се родиле со споени глави со само 2 отсто шанса да преживеат: Еве како изгледаат после ризичната операција
Аби и Ерин Дилејни од Мурсвил, Северна Каролина, се родени со споени глави.
Породувањето се случило 10 недели пред терминот, а лекарите на близнаците им дале само 2 отсто можност да преживеат. Денес нивните животи изгледаат сосема поинаку.
Аби и Ерин Дилејни од Мурсвил, NC, неодамна “дипломираа” во градинка.
„Да ги гледам како навршуваат една фаза од животот беше како сон“, изјави нивната мајка за Дејли Меил.
Хедер Дилејни забременила веднаш откако се омажила за Рајли. Нивната радост што станале родители продолжила до првиот ултразвук на Хедер во 11-та недела.
„Штом сликата се појави на екранот, можеше да се каже дека се близнаци“, изјави Хедер за news.com.au, додавајќи дека на почетокот „сè изгледаше смешно“, а бебињата изгледаа како да се потпрени едно на друго.
Одеднаш – како што раскажала жената – докторот стана многу тивок и немирен и на крајот рече: „Се обидувам да ја најдам мембраната меѓу двајцата, но не можам… Мислам дека можеби ќе бидат споени“.
Миг подоцна, родителите веќе биле во ординација на друг специјалист кој ја потврдил загриженоста на гинекологот.
Иако лекарите им дале само 2 отсто шанси за преживување, жената одлучила да ја продолжи бременоста.
Аби и Ерин биле родени во јули 2016 година со царски рез. Тие се родени 10 недели порано и веднаш биле примени на интензивна нега.
Лекарите им рекле на родителите дека девојчињата треба што поскоро да се разделат бидејќи мозокот има поголем капацитет за регенерација во детството.
Операцијата била извршена една година подоцна. Зафатот бил спроведен од специјалисти од Детската болница во Филаделфија. Разделбата меѓу Аби и Ерин траела околу 11 часа. За тоа време Аби изгубила многу крв и не се знаело дали ќе преживее.
Сестрите ги поминале следните пет месеци во болница додека нивната состојба не се подобрила доволно за да им биде дозволено на родителите да ги однесат дома. Пред извесно време тие имале уште една операција – поставување на специјални импланти за подобрување на обликот на черепот.
Хедер Дилејни признава дека грижата за нејзините ќерки е голем предизвик. Аби и Ерин се деца со посебни потреби. Тие не зборуваат, се хранат преку цевче и имаат проблеми со подвижноста. Ерин неодамна научи да оди, а Аби може сама да оди само неколку чекори. Девојките се уште се под грижа на специјалисти во Филаделфија кои го следат нивниот развојен напредок.