„Во Македонија има сè повеќе луѓе кои се интересираат за природна козметика и сакаат да поддржуваат локална и рачна изработка“

Кожата на лицето и телото си бараат посебно внимание и нега. Природната козметика е се повеќе застапена на светскиот пазар. Токму таква природна и веганска козметика за нега на лице и тело произведуваат две млади и амбициозни  дами кои стојат зад брендот „Блум“. Денеска ве запознаваме со Андријана Васиќ и Бисера Крстевска, девојките кои пред неколку години почнаа да произведуваат природни сапуни најпрво за себе, а подоцна и за продажба. За тоа како настана брендот „Блум“, што се користи во создавање на производите, но и за тоа по што се разликуваат од останатите производи на пазарот прочитајте во продолжение….

Како дојдовте до идејата за изработка на природна и веганска козметика?

Уште пред да го создадеме Блум, со години си подготвувавме домашни сапуни и разни креми. На почетокот беше само за лична употреба, потоа почнавме да ги подаруваме на роднини и пријатели кои беа воодушевени од ефектот што го имаат врз кожата, а се потполно природни и сакаа да продолжат редовно да ги користат. Полека зборот почна да се шири и веќе имаше и луѓе кои не ги познаваме, а беа заинтересирани да ги пробаат нашите производи. Тогаш одлучивме да се обидеме да ги продаваме и спонтано настана ,,Блум”.

Кој беше најголемиот предизвик кога почнувавте сопствен бизнис?

Најголем предизвик покрај средувањето на целата документација веројатно беше пронаоѓањето на вистинските масла и путери, грижејќи се за тоа да бидат со висок квалитет, а сепак финансиски достапни.

Како изгледа процесот на изработка на еден вегански сапун? Што се користи за негова изработка?

Нашите сапуни ги изработуваме со ладен процес, што значи дека состојките не се изложуваат на високи температури и не губат од своите својства. За изработка на  производите користиме базни масла и путери со висок квалитет, како и чисти есенцијални масла кои имаат многу голем придонес за нега на кожата и од кои производите го добиваат нивниот мирис.

Кој ви беше најголемиот страв и адреналин при планирањето на оваа бизнис идеја?

Не можеме да кажеме дека имаше некакво планирање затоа што сè се случуваше некако брзо и спонтано, ниту пак имаше страв, нештата си течеа многу природно, меѓутоа адреналин и трема веројатно најмногу ни предизвикуваше помислата на изнесување на сите производи пред поширок круг на луѓе, споделувањето на нешто што сме го создавале, во кое сме вложиле толку труд и креативност.

Зошто производите на „Блум“ се одвојуваат од останатите продукти?

,,Блум” производите се вегански и 100% природни, не користиме ни палмино масло (не само што не е здраво за нашето тело, туку и неговиот процес на создавање е неетички и ѝ наштетува на природата). Целата наша идеја за ,,Блум” се заснова на помислата за заштита на природата, сите материјали што ги користиме се еколошки и одржливи. Не користиме пластика воопшто и со цел за помало загадување на природата и стаклените амбалажи кои ги користиме се повратни, што значи дека при наредна нарачка ако ја вратите амбалажата добивате попуст како мала мотивација и поттик. Да се грижиме за нашата околина сите заедно!

Што највеќе ве исполнува во вашата работа, а што ве исцрпува?

Нè исполнува целиот процес, од производство до предавање на производот во рацете на потрошувачите и нивните коментари откако ќе го пробаат производот. Веројатно најмило ни доаѓаат нивните коментари, кога ќе ни споделат колку се задоволни и колку им помогнал некој наш производ, дека конечно можат да го најдат во едно како целина она што го барале и на нашиот пазар. Вистина многу си ја сакаме работата и иако можеби звучи и малку нереално, не можеме да издвоиме нешто поврзано со ,,Блум” што нè води до исцрпување, во тоа е најголемата придобивка кога го сакаш и веруваш во она што го работиш.

Какво е чувството да се биде млад претприемач?

Веруваме дека е супер за оној кој се чувствува така, меѓутоа кај нас во ниеден момент фокусот не беше и сè уште не е ставен на заработката. Уште од самиот почеток на ова гледавме како на нешто низ кое можеме креативно да се изразуваме, да направиме нешто низ кое ќе ја споделуваме со луѓето нашата енергија и љубов кон тоа што го правиме, а притоа и да ја шириме свесноста за користење на природни, вегански производи, кои се придобивките од нивното користење за нашето здравје, нашата кожа и воопшто за животната средина.

Тешко ли е во денешно време да се опстои на македонскиот пазар?

Секако понекогаш има препреки што го отежнуваат патот, меѓутоа не мислам дека тоа го прави тешко опстојувањето на пазарот, туку само нè тера и ни дава мотивација да го правиме она што го правиме уште подобро и уште поупорно. Ако веруваме во нашата цел, во квалитетот на она што го нудиме и во пораката која сакаме да ја пренесеме, опстојувањето и не е така тешко. На наше пријатно изненадување оваа година научивме дека во Македонија навистина има сè повеќе и повеќе луѓе кои се интересираат за природна, етичка козметика и се желни да поддржуваат локална и рачна изработка.

Како гледате на „Блум“ во иднина?

Како едно креативно катче каде луѓето ќе можат да си ја пронајдат соодветната природна козметика за својата кожа, да добијат совет, каде што ако ги интересира ќе можат да научат нешто повеќе за маслата, нивно комбинирање, својства и придобивки од истите. Во план ни е и проширување на палетата на производи, имаме многу идеи кои веќе се започнати со реализација и едвај чекаме да ги споделиме со сите вас.

(Visited 278 times, 1 visits today)