Владимир Василески- Четкар: „Охрид ми е главната станица- чувството на спокој кое го добивам таму е незаменливо“

Еден од најреонимираните џез музичари и автори на светско ниво е нашиот Владимир Василески- Четкар. Тој е роден охриѓанец, кој во моментов живее во Њујорк. Со него поразговаравме за тоа каква е моменталната ситуација таму со пандемијата предизвикана од Корона вирусот, каков е животот во Њујорк,  но  се навративме на неговото детство како и на неговиот роден крај Охрид…

Какво беше детството на Четкар во родниот град Охрид?

Кога патувам во своите спомени детството ми е најомилената дестинација. Тие чувства на безгрижност, љубов и топлина, ентузијазам за игри и авантури беа толку силни што понекогаш си мислам дека целото детство ми беше само еден убав сон. Сончевиот Охрид тогаш за мене беше како едно волшебно царство во кое секој ден пронаоѓав нова авантура. Паметам кога беа откриени само неколку реда од античкиот театар каде со брат ми и другарите игравме игри и го баравме скриеното богатство. Ги паметам златните септемвриски денови кога после училиште не чекаше вкусен заеднички ручек кај баба ми и дедо ми за после тоа со родителите да заминеме на некоја од дивите охридски плажи. Ги паметам кајчината и пентите со кои со другарите одевме во Градиште. Возевме и по неколку часа па кога ќе ни станеше претопло ќе застаневме среде езеро за да се искапиме и освежиме во пречистата сина езерска вода. Кога ќе дојдеше време да тргнеме назад за Охрид често знаеше да фати и бран но со другарите како тоа да го чекавме и весели со песна и авантуристички дух ќе тргневме назад од десно соочени со убавините на Галичица а лево со волшебното охридско зајдисонце.

Што најмногу ви недостасува од детските денови?

Живеењето во моментот, фантазијата и фокусот кој тогаш го имавме во изобилство бидејќи не постоеше константната дистракција од телефоните и технологијата на денешното време.

Што ќе беше Четкар да не беше џез- музичар?

Највероватно ќе бев археолог бидејќи историјата и археолошките експонати ми се вистинска страст.

Охрид или Њујорк?

Кога ќе ги ставам на вага сите мои патешествиа низ светот вклучувајќи ги и тие во Њујорк, сепак Охрид ми е главната станица бидејќи чувството на спокој кое го добивам таму е незаменливо. Таму ми помина детството и тинејџерските години и таму ми е најблиското семејство. Стариот град со улиците и сокаците, прекрасните византиски цркви, величенствениот поглед кон езерската шир и околните планини се нешта без кое неможам да си го замислам животот бидејќи токму таму господ ми дал душа

Што има Њујорк а нема Охрид?

Разликите помеѓу тие два света се драстични но благодарејќи на тоа јас ја имам целата потребна инспирација за мојот живот и работа. Њујорк е најкосмополитскиот и најголемиот културен центар во Америка и светски епицентар на многу глобални музички правци како Џез, Хип Хоп и Диско музиката. Њујорк исто така е првиот модерен мегалополис со душа, шарм, архитектура и енергија на која никој не останал рамнодушен.

Каков е животот во Њујорк? Какви се њујорчани?

Њујорк исто како и Њујорчани е екстремно жив и динамичен. Една обична прошетка низ авениите и парковите на градот ќе ви даде до знаење дека градот е уникатен во светот по својата енергија која ви се чини дека можете да ја осетите и чуете како еден џиновски пулс.

Каква е состојбата со изречените мерки во Њујорк, предизвикани од пандемијата на светско ниво? Може ли нормално да се фукционира?

Ситуацијата во Њујорк оди пополека на подобро но сеуште е мошне сериозна бидејќи токму тука е најголемото жариште на ова пандемија во светот. Улиците се сеуште празни и се е затворено. Секој може да се движи слободно низ градот но при тоа мора да користи маска кога влегува во затворени простории. Во секој случај луѓето тука се претпазиливи но како и насекаде фрустрирани од овој шокантен пресврт на нивните животи.

Како ги поминуваш овие денови?

Се трудам да бидам активен и да размислувам позитивно. Вишокот на енергија го трошам со возење на велосипед и домашна фискултура а истовремено се трудам да бидам креативен па работам на нови материјали кои ќе се најдат на еден од мојте наредни студиски албуми.

Ти недостасува да бидеш во овој период во родниот Охрид?

Секако дека ми недостасува но будно ја пратам ситуацијата и се надевам дека за брзо ќе се вратам во Македонија. Досега никогаш не се случило на лето да не бидам дома во Охрид па се надевам дека и овај пат ќе биде така.

Имаш посетено голем број на земји и градови каде што имаш настапувано, кој ти е омилен и каде сакаш да се вратиш повторно?

Сум имал концерти во САД (во речиси сите поголеми градови), Канада, Англија, Италија, Унгарија, Јужна Кореа, Индија, Кина, Хонг конг, Индонезија, Камбоџа, Тајланд, Малезија, Србија, Мексико и т.н. Навистина е тешко да се издвои мојот омилен настап бидејќи делам толку многу емоции и сеќавања кај сите овие настапи. Сепак би го издвоил концертот во Јужна Кореа на интернационалниот Јарасум Џез Фестивал кога настапив пред повеќе од 15000 публика чии емоции и енергија беа толку силни што мене и на бендот ни се чинеше како мали цунами бранови константно да маваат на сцената. Истиот концерт го прогласија како најуспешниот концерт на тоа издание на фестивалот а мојата песна Heavenly ја направија фестивалска химна за таа година.

Како се снаоѓаш во кујна?

Често готвам кога сум во Њујорк и тоа ми доаѓа како некаква си медитација и релаксирање. Се трудам да се хранам здраво меѓутоа сакам и да уживам во јадењето.

Обожавам супи, чорби, морско јадење, салати, црвено вино, овошје и т.н.

Речиси и воопшто да не се знае за твојот приватен живот, Какви девојки може да го освојат срцето на Четкар?

Сите имаме потреба да имаме мал интимен свет во кој само ние ќе си имаме пристап. Никогаш не ми било придорно приватноста да биде јавна работа. Лично мислам дека сите девојки се убави токму поради својот посебен шарм кој индивидуално го носат во себе но ми значи доколку се грижат за своето тело кое нормално е најубаво кога е атлетско, природно и без пластика.

Животно мото?

‘Res, non verba’ или во превод ‘Дела а не зборови’

Facebook Comments
(Visited 72 times, 1 visits today)