Бјути Интервју со водителката на новата емисија „Магазин“, Јелена Богојевиќ

Јавноста ја запозна како водителка на „Фчерашни новости“, но малкумина за нејзе знаат дека покрај манекенство таа се има занимавано и со актерство. Денес публиката има можност да ја гледа како дел од водителскиот тим на новата емисија „Магазин“ која се емитува на телевизија Сител секој работен ден од 10 часот. Јелена Богојевиќ покрај тоа што има дипломирано на факултетот за новинарство таа е и магистар по меѓународно право и односи и право на ЕУ.

Најголема предност од професијата со која се занимавате?

Најголема предност е слободата да се изразам јавно, да комуницирам со гостите и публиката, притоа да обработам и посериозни теми, но и да користам хумор во дадени ситуации… Односно да бидам таква каква што сум и пред камерите.

А мана?

Како маана би го навела стресот кој впрочем го има во секоја професија и е неизбежен дел од работата, особено кога сме во трка со времето и имаме рокови за исполнување на обврските.

Како го негувате вашето лице? Дали можеби имате бјути рутина што ја повторувате секое утро?

Лицето го негувам со дневна хидратантна крема наутро после првото миење на лицето, а навечер освен со вода, го чистам лицето и со мицеларна вода и нанесувам ноќна крема пред спиење.

Со какви препарати го негувате лицето?

Освен креми и мицеларна вода, по потреба нанесувам и зелена глина на лицето или пак црна маска.

Кои се вашите омилени козметички производи?

Омилени козметички производи ми се лосионите и масла за тело, како и парфемите кои се дел од моето секојдневие.

Што има секогаш во вашиот несесер?

Секогаш има четка за коса, шминки, лакови, дезодоранс, прибор за нокти, а останатите препарати за лична хигиена се надвор од несесерот, низ полиците на мојот дом.

Кое е твоето омилено парче облека од плакарот? Во што се чувствуваш најудобно?

Зависи од расположението и годишните времиња, најчесто носам фармерки и блузи/џемпери зимно време, а летно време сум повеќе во фустани и полежерна облека.

Најубавото нешто што ви се има случено поврзано со вашата работа?

Најубавите нешта што се случуваат поврзани со работата се позитивните ефекти врз јавноста, кога знам дека добро сум ја завршила работата и луѓето го гледаат и ценат тоа, кога до нив допира искреноста и вложениот труд. Особено се радувам и кога децата ме препознаваат и сакаат да се дружат со мене, нивните насмевки ми го разубавуваат денот.

Омилено телевизиско лице?

Немам некое омилено ТВ лице или пак идол, но сакам да ги гледам оние кои се харизматични, сталожени и елоквентни.

Што ве прави среќна?

Mногу работи ме прават среќна, времето поминато со најблиските, взаемната поддршка, љубовта, секојдневните ситници и гестови кон другите, но и кон мене… А го сакам и слободното време кое знам да го одвојам само за мене, со книга во домашна атмосфера, прошетка или медитација за опуштање.

Сте размислувале ли за некоја друга професија во животот?

Освен за новинарството, имам размислувано и за глумата како професија бидејќи глумев во детската серија „Наше маало“, филмот „Бубачки“, како и во повеќе реклами. Исто така магистрирав на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ на смерот меѓународно право и односи и право на ЕУ, па размислував да работам и во оваа област. Ги сакам и јазиците (освен македонскиот, српскиот, англискиот, шпанскиот и германскиот), имам предавано англиски и ми беше преубаво искуство.

 

 

 

(Visited 117 times, 1 visits today)