Бјути интервју со Александра Азманова

Александра Азманова е млада мејкап артистка од Скопје. На социјалните мрежи е позната под името Алек Потер, а покрај шминкањето таа е и студентка на Архитектонскиот факултет. Во прашање е девојка со неверојатна енергија и харизма, која има единствен и необичен стил, па решивме да ја контактираме и да го направиме ова интервју, проследено со фотографиите на Ерина Богоева. Алек во разговорот ни откри како започна нејзината љубов кон шминкањето и што моментално е ИН во светот на декоративната козметика, но и сподели неколку интересни совети за кои сме сигурни дека ќе ви бидат интересни.

Како започна твојата приказна со шминките?

Мојата приказна со шминките започна сосема случајно. Обожавав да ја гледам мојата мајка како се шминка наутро за на работа и постепено се интересирав кои производи за што ги користи. На почетокот воопшто не купував шминки туку ги позајмував нејзините или пак оние кои ми беа дадени на подарок, за подоцна да почнам да си купувам и сама и максимално да се заљубам и целосно да се впуштам во тој прекрасен свет на декоративната козметика. Учев и вежбав на себе за подоцна да почнам да шминкам блиски роднини и пријателки, за на крај да почнат да ме контактираат на инстаграм и фејсбук луѓе кои не ги познавам лично но имаат желба јас да се погрижам за нивната шминка.

 

Како го негуваш твоето лице? Дали можеби имаш бјути рутина што ја повторуваш секое утро?

Мојата утринска рутина за нега на кожата е кратка и едноставна. Секое утро откако ќе го измијам лицето со топла вода длабински го чистам со гел со активен јаглен, потоа нанесувам дневна крема и капка две од прекрасното арганово масло од брендот Bare Origin Skin.

ADVERTISEMENT

Неколку совети за нас, но и за нашите читателки, како најдобро да избереме пудра за лице?

За да избереме соодветна пудра потребно е да знаеме каков тип на кожа имаме, дали таа е нормална, комбинирана, мрсна или сува. Потоа, мораме да знаеме кој е нашиот под тон, дали е топол, ладен или неутрален. Следно, каква покривност бараме од пудрата. На крај, кога ќе ја најдеме и одбереме пудрата која ги задоволува нашите барања и потреби, истата ја пробуваме и ја проверуваме како изгледа на дневна светлина.

 

Ни се ближи летото – каква шминка препорачуваш за преку ден во летниот период?

Во текот на летото препорачувам лесна, минимална, природна шминка, со акцент на убаво негувана кожа. Сето тоа може да се зачини со добра маскара на трепките, нежно руменило на образите, убаво средени и дефинирани веѓи и неутрален кармин на усните.

 

Како најдобро се нанесува кармин?

Според мене, најдобро се нанесува кармин на претходно негувани усни кои се внимателно исцртани со соодветно моливче за усни.

 

Што е во моментов ИН во светот на козметиката?

Моментално ИН е да се експериментира со боја и текстура и најчесто тоа се изразува преку графички нанесен туш на очите кои може да биде и во интересни и необични, интензивни бои.

 

Кои се твоите омилени козметички производи?

Сметам дека за постигнување на совршена шминка потребно е да се посвети огромно внимание на негата на кожата на лицето, па затоа омилени козметички производи ми се маските за лице, мицеларните води и геловите за длабинско чистење на лицето.

А од декоративната козметика тоа се тушевите за очи, квалитетните палети со разновидни високо пигментирани сенки и коректорите.

Која дневна крема ја користиш во моментот?

Моментално ја користам дневната крема за дневна нега Balea Teint Perfektion. Прекрасна е и одлично одговара за мојата кожа, а често ја нанесувам и како основа за пред шминкање.

 

Кој е твојот омилен кармин?

Мојот најомилен кармин во моментов е од брендот Wet n Wild Mega Last Liquid Catsuit Matte Lipstick во нијанса Rebel Rose.

Го обожавам овој кармин затоа што е во течна форма, лесно се нанесува, има интензивна пигментација, максимално е долготраен и формулата е совршена.

Неколку интернет продавници од кои си порачувала шминки и козметички производи и кои би ги препорачала за нашите читатели?

Најомилени интернет страници за порачување шминки ми се Beauty Bay (www.beautybay.com), таму можам да најдам се што ми е потребно и за брзо време стигнува порачката. Други две страници кои ги посетувам често се страниците на ColourPop и Morphe.

 

Твоја омилена блиц комбинација?

Обожавам да носам едноставна црна маичка, тесни црни фармерки и црни старки. Доколку излегувам навечер додавам кошула која е број два поголема и врз тоа секогаш го облекувам мојот најомилен faux кожњак во комбинација со едноставна, црна ташна.

Нешто што никогаш не би го облекла?

Не ме привлекува облека која е во интензивна боја и никогаш не би носела нешто во кое не се чувствувам 100% удобно.

 

Каде пронаоѓаш инспирација за фотографирање?

Најчесто фотографиите кои ги објавувам се направени спонтано, но доколку ми фали инспирација секогаш ја барам на Pinterest.

Кои апликации ги користиш за твоите фотографии?

Од апликации користам само VSCO и оние алатки кои доаѓаат со Insagram.

 

Твоето омилено место во Скопје?

Во моментов обожавам да седам во Кантина, тоа е моето најомилено место во Скопје.

Кои се твоите планови за во иднина?

Планирам да продолжам со константна работата на блогот но, на малку поинакво, повисоко ниво кое ќе биде поврзано со почести видеа на YouTube, соработки со прекрасни луѓе, брендови и интересни фотосесии.

 

Имам многу креативни идеи кои сакам да ги изреализирам, па затоа следете ме на моите социјални медиуми и за се ќе видите со тек на време.

Фото: Ерина Богоева
Facebook Comments