Александра Јанева: „ Не верувам во среќни и несреќни ѕвезди, само во правилни и неправилни одлуки“

Препознатлива е по тоа што никој не може да остане рамнодушен на балада отпеана од нејзе. Девојката која својата седма година од првото јавно настапување на македонската сцена ја заокружи со издавање на студиски албум. За многумина оваа година беше тешка и турбулентна, но пејачката Александра Јанева успеа да ја заокружи на убав начин и тоа со промоција на нејзиното првенче насловено „Срце отвори“. Таа вели дека најважно во животот е да има баланс во доброто и лошото, во среќата и тагата. 

Што значи за тебе издавањето на првиот студиски албум насловен „Срце Отвори“? 

Имам чувство како да сум дала голем дел од себе на публиката. Срце отвори е мојата седумгодишна приказна, моите емотивни звуци кои допреа до нив. Но, секако приказната не е само моја. Во неа се  сите автори и соработници кои од нашата бура на идеи направија песни кои денес се сакани, пеани и почитувани од слушателите. Издавањето на овој албум значи и емпатија  и помагање онаму каде што сега е најпотребно. Сите средства од продажбата на албумот ќе бидат донирани. 

До сега не се случило да биде забрането одржување на концерти и јавни настапи, како се справивте со целата ситуација предизвикана од пандемијата со Корона вирусот која трае веќе 9 месеци? 

Велат дека навиките најтешко се менуваат. Јас се навикнав на настапите во живо, на енергијата која ми ја дава публиката. Научив кои рефрени повеќе ги сакаат, а кои помалку. Сега кога пандемијата ми го одзеде тоа ми се чини дека треба да почнам од почеток, следејќи нови правила, а сепак длабоко во себе верувам во поинаков пресврт и носталгично ги чувам старите навики.  

Колку пандемијата ви ги промени плановите за оваа година? 

Пандемијата ни порача: „што и да сте планирале, заборавете на тоа“.  

Како ќе ја паметите 2020 година? 

И покрај сите невообичаени околности и ограничувања, 2020-та е исклучително инспиративна и среќна година за мене. Година на многу музика, многу креативни сесии во студио, албумско првенче. Година на посветување многу повеќе време и внимание за саканите, но и за самите нас. Со еден збор би ја опишала како година на приоритети. 

Што најмногу ви недостасува во ова време на пандемија? 

Најмногу од сè ми фали слобода. Дури и во мислите. Сите одлуки кои ги носиме деновиве, сè што планираме се коси со можностите кои ги имаме. Стравот е она што е најприсутно во секојдневието и би сакала барем да се намали. 

Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале? 

Никогаш не сум била дел од мјузикл, а баш би сакала. 

Верувате ли во судбинска предодреденост или само во склоп на околности? 

Верувам дека судбината е збир на нашите постапки, упорноста и истрајноста во работата, трудот кој го вложуваме и начинот на размислување. Не верувам во среќни и несреќни ѕвезди, само во правилни и неправилни одлуки.  

Која лоша навика сте успеале да ја победите? 

Да забушавам со тренинзи.  🙂

Што ви е најважно во животот? 

Да има баланс во доброто и лошото, во среќата и тагата. 

Што те прави среќна и исполнета? 

Да знам дека можам да им помогнам и да ги направам среќни луѓето што ми значат. Да можам да го правам тоа што најдобро знам да го правам, до крајот на животот. 

Во што никогаш не отстапувате? 

Никогаш не отстапувам од она што чувствувам дека треба да го направам, заради тоа што другите мислат поинаку. 

Кои се вашите желби за Новата 2021 Година? 

Како и секогаш, да биде подобра од претходната година. Но, овој пат најискрено  и најсилно го посакувам тоа, од секаков аспект.  

(Visited 65 times, 1 visits today)