„Животот уште незапочнат, најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо ни на земја“ – Tаткото на несреќната Фросина се прости од ќерка си
Младата Фросина Кулакова од Неготино која прерано го загуби животот кога на неа налета возач и ја прегази на пешачки премин на булеварот Партизански Одреди, денеска ќе биде испратена во вечниот дом.
22-годишната млада девојка, инаку модна дизајнерка, беше прегазена на пешачки премин, кај Силбо, од 20-годишниот возач Васил Jованов.
Мирен собир е закажан за денеска во 15 часот во Неготино, во чест на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова која беше прегазена во Скопје во средата пред полноќ.
– Со огромна болка и револт предлагаме да се собереме на мирен собир во чест на нашата Фросина, која беше свирепо прегазена на улица. Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е целосно нормализирано – време е да кажеме „Доста е!“, Да се собереме денес во 15 часот на плоштадот во Неготино, да ѝ оддадеме почит и да испратиме јасна порака. Безбедноста на улиците мора да биде приоритет. Одговорноста мора да биде неизбежна. Жртвите не смеат да останат само бројки. Да не се повтори!!!, велат организаторите на протестот.
Младата 22 – годишна модна дизајнерка Фросина Кулакова, усмртена на „Партизанска” во Скопје, ќе биде погребана денеска во Неготино, за ова информираше нејзиниот татко Тодор Кулаков на Фејсбук.
– Животот уште незапочнат, најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо ни на земја, напиша тој.
За сите пријатели, роднини, колеги, Кулаков соопшти дека погребот ќе биде попладне, откако претходно ќе може да и се оддаде почит во капелата Бутел во Скопје од 10 до 11 часот, а во капелата во Неготино од 13 до 14 часот.
– Почивај во мир, мила наша, мила да си при Бога, Фросинче, напиша нејзиниот татко.