Маж и жена загинаа откако нивната куќа изгорела во пожар во скопската викенд населба Морани. За жал, соседите не можеле да им помогнат поради тоа што немало вода во населбата поради уличен дефект.
Пожарот избувнал рано изутрина, а соседите веднаш ја алармирале пожарната служба. Меѓутоа, обидите на локалните жители да го изгаснат пламенот биле неуспешни, бидејќи водата од водововот била недостапна.
Пожарникарите кои пристигнале на местото на настанот ги нашле телата на двајцата загинати, кои не успеале да се спасат од огнената стихија.
– Рано утринава околу 4 часот во СВР Скопје е пријавено дека во селото Морани, во викенд населбата гори куќа, сопственост на Р.Н. (66). На лице место се упатени полициски службеници и екипа на Бригадата за противпожарна заштита.
Во куќата се пронајдени две тела, а по наредба на јавен обвинител, телата се предадени за обдукција. Во 09.30 часот пожарот бил изгаснат – велат од полицијата за Плусинфо.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена. Полицијата спроведува истрага за целосно разјаснување на настанот.
Од ЈП Водовод и канализација утрово соопшија дека 08 часот без вода ќе бидат корисниците од викенд населбата Морани поради уличен дефект на улицата 6/бб. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санација на дефектот.