Тешки денови за нашите земјоделци – нема нови договори за откуп, цените што ги нудат се неприфатливи

На десетина дена пред официјалниот почеток на новата сезона за производство на ориз земјоделците во кочанскиот регион се загрижени поради целосниот застој во откупот на арпата од минатогодишната реколта.
Над 10 илјади тони арпа сѐ уште ги чуваат во домашните магацини затоа што откупно-преработувачките претпријатија не склучуваат нови договори за откуп, а и цените што ги нудат се неприфатливи во однос на трошоците за производство.
-Имаме информации дека на Собрание треба да помине предлог за откуп на околу три илјади тони за стоковите резерви, но досега тоа не е реализирано. Редовен откуп воопшто нема, туку има само поединечни случаи кога им се земаат одредени количини на земјоделци кои имаат повисок квалитет на арпата. Според нашите проценки околу 50 отсто од произведените количини стојат на залиха кај земјоделците. Очекувавме една третина да отиде за стоковите резерви, околу две илјади тони да се искористат како семенски материјал за новото производство, а останатите количини остануваат како проблем. Последните цени што се исплаќаа пред прекинот на откупот се движеа од 22 до 25 денари за килограм арпа, во зависност од квалитетот, односно од рандманот, истакнува Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево.

Од откупните претпријатија во регионот велат дека нивните магацини се преполни со арпа што не се преработува затоа што подолг период се соочени со отежнат пласман на бел ориз на пазарите во соседните земји.
-Имаме разбирање за револтот на земјоделците, но пласманот во странство е многу отежнат затоа што нашите цени се превисоки и неконкурентни во однос на другите производители. Практично, 70 отсто од произведениот ориз во нашата држава треба да се извезе, но според движењата на берзата, повисоки сме со цените за околу 30 отсто, а за некои сорти дури и двојно повеќе. Тоа значи дека имаме скапо производство што трае со години, па само кога во другите држави ќе има недостиг поради суши и други временски влијанија, ние можеме да пласираме нешто.
Од друга страна и откупот за стокови резерви е проблематичен, затоа што и тие количини нема каде да се пласираат. Решението е во намалување на трошоците за производство, односно државата да помогне во обезбедувањето поевтини заштитни препарати и вештачки ѓубрива, како и со окрупнување на површините и едукација на земјоделците, истакна Чедо Атанасовски, директор на фабриката за ориз „Е-ма стил“ од Чешиново.
Земјоделците се во очекување и на планот за наводнување од кој ќе зависи сеидбата на оризот за новата сезона, но најверојатно ќе има големи рестрикции во површините поради сушната сезона. Во моментот во акумулацијата Калиманци има нешто повеќе од 50 милиони кубни метри вода, што е половина од нејзиниот капацитет, што значи дека може да се очекува најмалку за толку да се намалат минатогодишните 4.500 хектари што беа засеани со ориз.