Снегот пристига во Македонија! Подгответе се за вистинска зима, најавено каде ќе паднат првите снегулки
Под влијание на постудена воздушна маса од север утре дневната температура ќе опадне за 5 до 7 степени.
Како што најавуваат од УХМР, потоа следува период на променливо облачно и постудено време со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини ќе има услови за провејување на слаб снег.
Метеорологот Славчо Попоски вели дека Ла Ниња и тоа како ја чувствуваме, таа се уште добива на интензитеет и својот максимум ќе го достигне на самиот крај на оваа година.
„ Не очекува една сосема поинаква зима од изминатите, со поголеми студови, повеќе снегови и јаки мразеви. Не се исклучува можноста Зимата 2024/2025 да донесе поекстремни временски прилики, како што се снежно невреме и екстремно ниски температури на воздухот, можно е дури да го почувствуваме студот како во оние дамнешни зими од деведесетите години“, вели тој.
Под влијание на многу постудена воздушна маса од север, во текот на следната работна седмица ќе биде особено студено со многу пониски утрински и дневни температури на воздухот.
Наутро температурите во најголем дел од Македонија ќе се спуштаат под нулата, а особено на планинските места, како и во Беровскио регион тие ќе се спуштат и до близу -10 степени, што значи дека очекуваме појава на умерени до јаки мразеви.
Максималните дневни температури на воздухот во текот на следната работна седмица на многу места нема да надминуваат 10 степени, а на повеќето места ќе останат и под 10 степени, што значи дека максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 14 степени во најтоплите југоисточни предели од државава. Сето ова ќе биде проследено и со слаб до умерен ветер од северен правец, пишува Метеоаларм во најновата прогноза.
Особено од средината на следната седмица ќе има и повремени локални врнежи од дожд, додека на планините ќе има повремен снег, со што е можно формирање на првата бела покривка за оваа сезона. Не се исклучува можноста снежната граница понекаде да се спушти до околу, па и нешто под 1000 метри надморска височина, со што провејување на снег за прв пат оваа сезона можно е да има и во повисоките населени места.
Се на се, зимата до сега и тоа како ја чувствуваме, особено во ноќните и во утринските часови каде на повеќе емста низ Македонија има појава на мраз, а со уште поголем интензитет истата ќе ја почувствуваме во текот на следната работна седмица.