РЕГИОНОТ ТАГУВА – Почина легендарниот актер

Јосип Пејаковиќ, еден од најпознатите босански актери, почина во Сараево.
Веста за неговата смрт ја соопшти неговиот син Дејан.
Во последните десет години од својот живот, тој водеше тешка и упорна борба со бројни здравствени проблеми. Помина низ дури 17 операции, вклучувајќи и неколкучасовни комплицирани хируршки процедури. Уште во 2019 година, тој изјави дека лекарите практично го отпишале, но успеал да се опорави и да се врати во живот.
Во својата исповед, Пејаковиќ откри низ каков пекол поминал во последната деценија. „Стигнавме до бројката 17 операции. Четири тешки наркози, враќање во живот, комплицирани операции…“, раскажал тој. Неговата борба започнала со проблеми со срцето, стентови и бајпаси, но најлошото дошло потоа.
„Го доживувам најлошото, се соочувам со болничките бактерии, не една, туку неколку. Тогаш започнува борбата за живот“, изјавил тој, додавајќи дека ослабел 45 килограми. „Бев отпишан, мртов, се прашуваа од каков материјал сум направен ако преживеам… Седум пати бев отпишан, седум пати мртов“.
По инфекциите, се соочил со нов проблем – гангрена на ногата, поради што лекарите сакале да извршат ампутација. Тој одбил и побарал помош во странство. Решението го нашол кај светски познатиот хирург, професор Нинковиќ во Германија, но операцијата чинела 35.000 евра, пари кои тој ги немал.
Тогаш се случило чудо. „Човек кого никогаш не сум го видел од Виена го повика мојот син… по 15 минути рече: ‘Пушти го стариот да оди’. Утрото ги уплати парите“, раскажал Пејаковиќ. Помош почнала да се собира и од босанската дијаспора во Скандинавија и Австралија, пред да се вклучи и власта за да ги покрие трошоците.
Роден е во Травник во 1948 година, каде што посетувал основно и средно образование.
Неговиот богат опус вклучува повеќе од 50 премиерни улоги во Народниот театар во Сараево, како и бројни улоги во филмови како што се „Људски фактор“ и „Куќа пред пута“, и десетици монодрами. Особено се истакна во претстави како што се: „За кого бијат камбаните“, „Хамлет во селото Мрдуша Доња“, „Големиот везир“, „Хасанагиница“, „Браќата Карамазови“, „Пистиковите ѓаволи“, „Крал Лир“, „Диво месо“ и многу други.
Тој глумеше во претставвата „Диво месо“ од Горан Стефановски и на одбележувањето на 70 години на Драмскиот театар во 2016 година како дел од екипата на Народниот театар од Сараево.
Напишал и неколку монодрами и филмски сценарија, од кои најважни се: „О, животе“, „Тој нема Босна за мене“, „Човечки фактор“, „Куќа покрај патот“.Во мај 2022 година ја објавил книгата „Севдалинка“.
Од 2001 до 2003 година бил директор на Драма во Народниот театар во Сараево.
Добитник е на Шестиаприлската награда на градот Сараево, Наградата за животно дело на ЗАВНОБиХ, како и на Наградата на Здружението на драмски уметници на БиХ.