
Владата се одлучи за ограничување на маржите во трговијата на мало до 10 проценти и исто толку и во трговијата на големо.
Извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) покажа дека кај трговците на мало е утврдено дека имало над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери утврдени се повисоки маржи кои оделе дури и до 50 проценти.
фото фејсбук
Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април, а ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна.
Министерството за економија ќе разгледува дали покрај оваа мерка, ќе има потреба да се носат и дополнителни кошници. До петок треба да се изврши и контрола кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо и млечни производи.
Препорака до маркетите е да ги објавуваат цените на нивните производи и на дневна основа редовно да ги ажурираат.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека веќе ја има работната верзија од предлогот за ограничување на маржите. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува драматично намалување на цените на производите кои граѓаните навистина ги користат.
фото фејсбук
-Договоривме да во најскоро време се излезе со предлог. Денеска се сретнавме, пред да дојдам во Кавадарци, бев во Собрание, имаше пратенички прашања, нели според новиот Деловник опозицијата прашува, ние одговараме. Се сретнавме со министерот, предлогот го имам веќе во работна верзија. Во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на итна седница во текот на утрешниот ден истиот да биде донесен и да биде спроведен од страна на супермаркетите. Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува, едната на 10% и другата на 10% и очекувам тука да има драматично намалување на цените на оние производи кои вистински ги користат граѓаните, рече Мицкоски.
Вели дека листата е проширена со производи за хигиена и бебешка храна.
Мерката е планирано да трае до 30 април, а за евентуално нејзино продолжување дополнително ќе се одлучува.