Почивај во мир Славица: Македонија загуби врвна докторка

По кратко боледување, утрово, во Велес, на 64 годишна возраст, почина Прим. др Славица Трајкова пензиониран специјалист по инфективни заболувања.
Прим. др Трајкова беше дипломец на Медицински факултет на УКИМ во генерацијата 1982/83 година којашто својата лекарска кариера ја започна една година подоцна во тогашната јавна здравствена институција во родниот град којашто го носеше името „Медицински центар на Титов Велес“. Таа со првото работно решение беше распределувана на работа, како лекар од општа пракса, во амбулантите што тогаш функционираа во населените места на територијата на општината за потоа две години да биде дел од тимот на Итната медицинска помош, поточно, се до конкурирањето и добивањето на специјализацијата по Инфективни заболувања.
И покрај тоа што беше дел од локална болница, македонската јавноста ја памети како еден од најхрабрите лекари кои застанаа на првата линија во борбата со коронавирусот за време на пандемијата. Како специјалист по инфективни болести, се одзва на повикот на Министерството за здравство и несебично замина да помогне во епицентарот на заразата – градот Дебар, каде што во најтешките моменти лекуваше пациенти и придонесе во справувањето со кризата.
Голем дел од својата кариера ја посвети на Инфективното одделение при Општата болница во Велес, каде што со својата експертиза, посветеност и човечност остави неизбришлив белег.
На социјалните мрежи се нижат бројни коментари од граѓани и колеги кои со тага се простуваат:
„Со нејзината работа и посветеност кон пациентите, остави траен белег во болницата во Велес, пред сè на Инфективното одделение. Докторке, колешке, ќе ни останеш во убави спомени. Вечна ти слава.“
„Бог да ја прости! Голема загуба за Велес. Беше една, ако не и најдобрата докторка.“