Парите се веќе исплатени, овие пензионери да си ги проверат сметките

Општина Гази Баба продолжува со својата заложба за подобрување на животниот стандард на своите повозрасни жители, воведувајќи за прв пат еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери.
Градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски на својата фејсбук страница истакна дека 568 пензионери ја добија помошта. Неговиот статус ви го пренесуваме во целост.
Денес 568 пензионери од Општина Гази Баба ќе добијат по 2.500 денари финансиска помош на своите сметки. Станува збор за пензионери со ниски пензии кои се пријавија на јавниот повик на општината, сподели денеска градоначалникот Бобан Стефковски.
Пред само неколку дена беа исплатени средства на 510 пензионери, а со денешната исплата вкупната бројка изнесува 1.078 пензионери кои добиле поддршка од општината.
Градоначалникот во својата објава истакна дека Комисијата продолжува со работа, и во следните денови ќе следува нова исплата за наредната група пензионери. Помошта ќе продолжи се до исплаќањето на сите 2.700 пријавени пензионери.
„Општина Гази Баба се грижи за сите категории на граѓани. Никој не е заборавен! Ова не е првпат да се даде поддршка на пензионерите со ниски примања — во време на енергетската криза обезбедивме финансиска помош за трошоци за електрична енергија, потенцираше Стефковски.