
Минималната плата за март оваа година, што ќе се исплатува од април, ќе изнесува околу 24.400 денари, односно за околу 2.200 денари повеќе во однос на досегашната.
Иако се очекуваше договор на Економско-социјалниот совет меѓу работодавачите и синдикатите за минималната плата, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека имаат владина седница и ќе помине информација, која согласно законот, минималната плата ќе се зголеми на 24.400 денари, согласно од април. Премиерот вели дека нема репрезентативен синдикат во Советот.
-Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни преставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, потенцираше Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
На оваа тема денеска зборуваше и министерот за економија, Бесар Дурмиши.
-Има еден закон кој е на сила каде што страните потпишаа и до крајот на овој месец треба да се прават пресметките. Комисијата за утврдување репрезентативност на синдикатите веќе е формирана и помина на седница на Влада. Тие почнаа да работат со цел да се види кој синдикат исполнува услови за да биде репрезентативен и веднаш потоа ќе го свикаме Економско-социјалниот совет, кажа министерот.
Премиерот најави дека од април ќе се исплаќа законскиот минималец кој ќе биде поголем за 2200 денари од сегашната минимална плата. Доколку страните се договорат во април или мај, Владата ќе го промени законот и ќе влезе во дополнително нивелирање.
Синдикатите пoбараа минималната плата од 500 евра, а придонесите на разликата од висината на моменталната минималната плата до 30.000 денари, односно за зголемувањето од 6.000 денари да ги субвенционира државата. Синдикалците апелираат пратениците како што беа сложни за патните трошоци во Собранието да бидат сложни и за платите. Не ја исклучуваат можноста и за генерален штрајк доколку се нема слух за нивното барање.