Во Македонија, оваа година сите вработени и во јавниот и во приватниот сектор, ќе добијат регрес за годишен одмор, попознат како К-15.
Вработените во администрацијата ќе добијат по најмалку 11.000 денари, додека за приватниот сектор, износот ќе биде околу 16.800 денари, што е 40% од просечната плата исплатена во последните три месеци.
Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од последните три просечни плати, што ги објавил Државниот завод за статистика. Рокот за исплата на регресот е до крајот на годината, така што ако има раст на платите, износот ќе биде поголем.
Ова се разбира доколку компанијата нема финансиски тешкотии, кога може да се исплаќаат и помали износи, а од друга страна за оние подобростоечките „само небото е лимит“…
Токму одредбата дека фирмата била финансиски нестабилна, беше мета на чести критики изминатите години, како од Државниот трудов инспекторат, така и од ССМ, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавачите.
Дотолку повеќе што со ова не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за „тешкотии во работењето“, што е многу широк поим.
-Износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци.
Исплатата на К-15 треба да се заврши до крајот на годината, иако законски може да почне да се извршува од мај. Услов за исплата на регресот е работникот да работи најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец.
Регрес им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.
За работодавците што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.