
На само една недела пред конечното усвојување на новата минимална плата, работниците и компаниите сè уште не знаат колкава ќе биде таа.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека по редовното усогласување на минималната плата, кое ќе се изврши во март 2025 година, таа најверојатно ќе изнесува 24.400 денари.
„Конечната сума на минималната плата која ќе важи од март наредната година ќе се знае откако ќе се земат податоците за инфлацијата и за просечната плата во 2024 година, по што ќе се усогласи минималецот “ вели Дурмиши.
Во моментов минималната плата е 22.567 денари, а синдикатите бараат таа да биде 27.000 денари со тоа што ќе се смени Законот за минимална плата, а не само да има годишно усогласување.
Дурмиши истакна дека се разгледуваат кои дејности да се додадат за да може да работат и во недела, но кажа и дека не се размислува за целосно укинување на „Недела, неработен ден“.
Неодамна беа направени пресметки и според Законот минималецот во државата најверојатно ќе порасне за околу две илјади денари.
И Синдикатите бараат зголемување на минималната плата на 500 евра, сметајќи дека сегашниот износ не е доволен за покривање на основните потреби на работниците. Од “Гласен Синдикат“ велат доста зборуваме за минимална плата, време е да почне да се зборува за плата за живот.
Од Организацијата на работодавачи пак, велат дека законското услогласување на минималецот согласно новата методологија, од 22.500 на 24.400 денари не би требало да предизвика некои поголеми проблеми во работењето на компаниите.
Ќе извиси ли предлогот од страна на Стопанската Комора на Северозападна Македонија, за зголемување на минималната плата на 500 евра, под услов државата да ги покрие зголемените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се знае најверојатно во март, кога и треба да биде донесена конечната одлука за висината на минималната плата.
Инаку, сегашниот минималец, кој изнесува 22.500 денари е сума што ја става земјава на дното по висината на минималецот, во споредба со државите од регионот.