Николоски: Раст на туризмот, новите 11 авиолинии веќе го даваат својот ефект

Воведните 11 нови авиолинии во изминатите девет месеци веќе го даваат својот ефект во туризмот, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостување во „Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5 Николоски истакна дека зголемувањето на бројот на туристи е резултат на подршката на чартер летови и промените на политиката за субвенции, за патници за доаѓање, наместо за патници во заминување.
Како што наведе, во мај годинава во однос на мај минатата година има 101 000 туристи повеќе, при што број еден дестинација е Скопје затоа што трендовите на туризам се менуваат – број еден туристичка дестинација се главните градови, број два е Охрид, па останатите места.
– Има зголемување за 20 проценти споредено со минатата година. Тоа е резултат на две политики, едната на поддршка на чартер летови, на Скопскиот аеродром слетува дневно по еден авион со туристи од Германија, Франција и Англија, по двеста туристи секој ден. Од октомври ќе бидат два авиона кои ќе слетуваат на Охридскиот аеродром и дневно ќе бидат 400. Дополнително на тоа е чартерот од Манчестер. За само девет месеци отворивме 11 нови авионски линии, што секако имаат ефект затоа што ја променивме политиката на субвенции, сега имаме субвенции за патници кои доаѓаат. Политиката на субвенциите е да поддржите повеќе луѓе да доаѓаат, а не да заминуваат. Директите летови менуваат многу, се отворија дестинации кон Скопје и кон Охрид кои ги немаше претходно и овие 11 авиолинии веќе го даваат своето и го даваат ефектот, рече Николоски.
Тој сподели дека одморот ќе го помине во Охрид со семејството. Имаме многу активности летово, со одличен прогрес, нема многу време за одмор и мојот ќе е пократок, ќе бидам со семејството во Охрид, наведе Николоски.