Наместо просечната пензија во септември да се зголеми за 2.130 денари, сега со линеарното покачување ќе порасне за 1.000 денари

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во „Само Интервју” на телевизија Канал 5, се осврна на барањата од страна на пензионерите околу прашањето за линеарното зголемување на пензиите, најавувајќи ново зголемување во следните 6 месеци.
Премиерот Мицкоски кажа дека се прават анализи за линеарно зголемување на пензиите и тоа 1.000 денари оваа есен и 1.000 на пролет, т.е. дополнителни 2.000 денари линеарно зголемување за сите пензионери во наредните шест месеци.
„Сериозно сме ангажирани во таа анализа, правиме проценка колку би било тоа процентуално зголемување, колкав би бил волуменот на парична маса, да го поделиме со бројот на пензионери. Правиме анализа линеарно да се зголемат пензиите по 1.000 денари сега на есен во октомври кога ќе ја земат пензијата, и во април за март практично, односно 2.000 да има зголемување линеарно за сите пензионери во рамките на следните шест месеци. Сериозно сме во таа анализа и многу скоро, бидејќи тоа мора да се случи пред распишувањето на изборите, дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници ќе го поднесеме тоа”, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека секаде каде оди и разговара со пензионерите тие бараат линеарно зголемување и затоа Владата е многу блиску до носење на таква одлука.
Претходно Владата преку ребаланс на Буџетот за 2025 официјално објави ново процентуално покачување на пензиите и платите во јавниот сектор.
Според документите што ги објави Министерството за финансии, просечната пензија требаше да се зголеми за 2.130 денари, што значи дека голем дел од пензионерите ќе примаат над 21.000 денари месечно. Ова покачување ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во државата.