Следува период на променливо облачно и постудено време, до четврток со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини особено во ноќта кон вторник ќе има услови за појава на повремен снег, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минималната температура утре ќе се движи во интервал од -5 до 4, а максималната од 7 до 14 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне 13 степени.
Вечерва е многу студено речиси насекаде во Македонија, и тоа поради спуштањето на уште постудена воздушна маса од север и од североисток. Најниска температура вечерва до 18 и 30 часот е измерена во Берово, и тоа -2 степени. Сепак, на високите планини е уште постудено, па така на Попова Шапка температурата вечерва до 18 часот и 30 минути изнесуваше -3 степени, објави Славчо Попоски.
Од оваа ноќ облачноста ќе се зголеми, па така со ова следува период на променливо и многу постудено време со повремени локални врнежи од дожд, додека на повисоките места и на планините ќе има повремен снег, па така не се исклучува можноста на планините да се формира и првата снежна покривка за оваа сезона.
Не се исклучува можноста во следниот период снежната граница да се спушти и пониско, односно под 1000 метри надморска височина, па така локално првите снегулки би можеле да се појават и на повисоките населени места.
Новата работна седмица, и тоа во периодот од 11 до 15 Ноември во Македонија, и тоа под влијание на многу постудена воздушна маса од север и од североисток, ќе имаме многу постудено време со потпросечни температури за месец Ноември, а сето ова ќе биде проследено и со слаб до умерен ветер од северен и од севроисточен правец.
Исто така, во текот на новата работна седмица времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе има и повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен, локално и со умерен интензитет. На планините повремено ќе има врнежи од снег, со што има услови да се формира и првата бела покривка на овие места, иако истата би била релативно мала.
И во Скопскиот регион во текот на новата работна недела ќе биде значително постудено, а во делови од регионот ќе има услови и за повремен дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.