Оваа година Митровден е особено студен, па така ова утро во најголем дел од Македонија измерени се минусни температури, исто така има појава на слана и на мраз. Најстудено утринава до 6 часот беше во Берово со измерени -7 степени.
До сабота ќе се задржи сончево време со мала до умерена локална облачност. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност, која само понекаде ќе остане подолготрајна.
Од УХМР најавуваат дека од недела времето ќе биде променливо облачно и постудено, а на почетокот на следната недела наместа ќе има појава на повремен дожд, на највисоките планини услови за краткотраен снег.
Под влијание на многу постудена воздушна маса од север, во текот на следната работна седмица ќе биде особено студено со многу пониски утрински и дневни температури на воздухот. Наутро температурите во најголем дел од Македонија ќе се спуштаат под нулата, а особено на планинските места, како и во Беровскио регион тие ќе се спуштат и до близу -10 степени, што значи дека очекуваме појава на умерени до јаки мразеви, објави Славчо Попоски.
Максималните дневни температури на воздухот во текот на следната работна седмица на многу места нема да надминуваат 10 степени, а на повеќето места ќе останат и под 10 степени, што значи дека максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 14 степени во најтоплите југоисточни предели од државава. Сето ова ќе биде проследено и со слаб до умерен ветер од северен правец.
Особено од средината на следната седмица ќе има и повремени локални врнежи од дожд, додека на планините ќе има повремен снег, со што е можно формирање на првата бела покривка за оваа сезона. Не се исклучува можноста снежната граница понекаде да се спушти до околу, па и нешто под 1000 метри надморска височина, со што провејување на снег за прв пат оваа сезона можно е да има и во повисоките населени места.
Се на се, зимата до сега и тоа како ја чувствуваме, особено во ноќните и во утринските часови каде на повеќе емста низ Македонија има појава на мраз, а со уште поголем интензитет истата ќе ја почувствуваме во текот на следната работна седмица.