Денешниот, веќе изминат ден во Македонија помина во знакот на стабилно и суво време, односно времето беше променливо облачно со сончеви периоди и релативно студено, со температури кои речиси насекаде беа под 10 степени.
Најтопло до 16 часот според УХМР беше во Гевгелија со измерени 13 степени, а најстудено беше во Крушево со 3 степени. Во Скопје температурата денес се искачи до 8 степени на Зајчев Рид, додека на Скопје Петровец таа изнесуваше 11 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека од четврток времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места со врнежи од дожд, а на планините и на некои од повисоките места од снег.
Повремено врнежите ќе бидат пообилни, особено во западните делови каде на планините снежната покривка ќе се зголемува.
Од утре (среда), а особено од четврток 5.12.2024 следува подолг период на променливо време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, додека на планините врнежите ќе бидат од снег, каде очекувам зголемување на снежната покривка. Повремено, и тоа особено во западните предели снег ќе врне и на повисоките места, па така услови за повремен снег ќе има и во повисоките населени места, односно на надморска височина до околу 1000 метри, а таа повремено би можела да се спушти и под 1000 метри, објави Славчо Попоски.
Ќе биде претежно тивко, а поветровито време очекувам во недела, и тоаш ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец.
Во Скопскиот регион, исто така особено од четврток (5.12.2024) ќе има повремени врнежи од дожд, а повремено на околните планини ќе има услови и за повремен снег. Во недела ќе дува повремено засилен ветер од јужен и од југоисточен правец.
Што се однесува до температурите, наутро тие на повеќе места ќе бидат позитивни, односно над нулата, освен на високите места и на планините, додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 13 степени, а во четврток тие ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени.