Бугарските медиуми пренесуваат дека градоначалникот на селото Рилци, Благоевградско – Живко Чукарски, ја призна вината и склучил спогодба со Окружното обвинителство во Благоевград за сторено документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани од Македонија.
Истрагата како што пренесуваат медиумите утврдила дека Чукарски изготвил и потпишал 246 потврди за постојана адреса на живеење за македонски државјани, без тие всушност да бидат присутни во селото или да ги достават потребните документи за регистрација на адресата.
Во периодот 2016-2019 година, во селото Рилци биле регистрирани над 4.000 македонски државјани. Според истрагата, дел од регистрациите на адреси се вршени на непостоечки адреси, па дури и на празни полиња без достапни згради.
Иако голем дел од фиктивно пријавените македонски државјани веќе се одјавени од селото Рилци, проблемот со лажните адреси во регионот продолжува. Во соседното село Бело Поле се уште има повеќе од 10.000 македонски граѓани, кои мештаните никогаш не ги виделе.
Да потсетиме над 45.000 Македонци кои поседуваат бугарски пасош се евидентирани дека живеат на иста адреса во Софија, објави пред неколку години бугарската новинска агенција БГНЕС. Таа откри дека избирачкиот список на Средец, најнаселениот реон во Бугарија, има 1.000 страници со запишани 45.752 бугарски државјани кои не се од Бугарија, од кои најголем број се Македонци.
Сите „странци“ се со адреса на живеење на улицата Леге број 6, каде што е сместена локалната власт на реонот Средец.
„Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса на живеење во зградата на администрацијата на реонот“, вели Трајчо Трајков.
Тој додава дека во изминатиот период бројот на „станарите“ достигнал до 82.000.
„Често гледам луѓе како доаѓаат за некакви административни услуги, но гласачките ливчиња, како што било отсекогаш, ќе останат неискористени. Најголемиот број од лицата во списокот се со македонски презимиња, кои добиле бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло“, вели Трајков.
Голем број македонски граѓани по заобиколен пат, преку посредници и агенции, се обидуваат да дојдат до бугарски пасош. На социјалните мрежи има десетици страници преку кои се гарантира брзо и успешно вадење бугарски пасош и на нив секојдневно се јавуваат граѓани кои бараат информации. Посредниците за 600 до 800 евра нудат можност да се дојде до бугарски пасош, кој е виза за Европска Унија.
Од 1 јануари 2010 до 22 октомври 2020, речиси 78.000 македонски државјани поднесле барање за бугарски пасош и речиси 90 отсто од нив и го добиле. Во последните 10 години, 66.000 Македонци добиле бугарски пасош, сите врз основа на нивното бугарско потекло, откри министерката за правда Десислава Ахладова во бугарскиот парламент пред неколку месеци.